25.7.08

ОДЛИЧЕН РЕЗУЛТАТСКИ СТАРТ ПРОТИВ ХИБЕРНИЈАН, НО...

Првиот натпревар од каталонската турнеја заврши.
Убедливо изгледаат 6:0 против Хибернијан.

Пеп може да биде расположен дека има солиден тим, кој во натпреварите од првото коло во Лигата на шампионите може да игра сигурно и стабилно, влегувајќи во фазата по групи.
Но, ќе си дозволам да бидам малку подетален, бидејќи, прво со нетрпение го очекував овој натпревар, а второ навистина го изгледав во еден здив.

Ги видовме скоро сите.
Трите тима на Барса, дури и оние фудбалери кои веројатно нема да добијат шанса на ниту еден натпревар од Ла Лига, а да не зборувам за Лигата на Шампионите.
Не дека се лоши, туку едноставно нема место.

Првите 45 минути беа една слика на Барса, а вторите сосема друга.

Она што може да ги израдува сите симпатизери на сино-црвените е дека
Меси и Алвес функционираат како часовник. Прецизно, со кратки додавања, скоро без грешка.

Гудјонсен беше центарот, би рекол противтежа на десната страна, кој изигра одличен натпревар. Тој ги постигна, првиот и третиот гол (кој пак беше ремек дело со кратки и брзи додавања во шеснаесетникот, како на мал фудбал).

Анри исто така изигра солиден натпревар, во кој сепак можеше и повеќе. Очигледно Пеп му ја дава новата улога во екипата, нешто меѓу она што го инсистираше Рајкард плус зајакнато со пробиви по левата страна. Куриозитет беше неговата деветка на дресот, онаа која лани ја носеше Ето. (Меси ја имаше 10-ката)


Пеп остави простор и за новите ликови кои ги донесе од Барса Б. Изиграа сите 20 фудбалери. Одличен впечаток остави Пике, Кеита, Касерес... Има време за докажување сигурно и за Бускес, Васкез, Хефрен, Педрито (кој исто така беше забележителен), Абрахам, па дури и Кросас.

Она што мене ми остави впечаток, е дека многу несигурен дел од тимот беше Ето, кој влезе во втората половина од второто полувреме. Како да сакаше да се докаже дека него ќе му биде местото меѓу првите 11, па дури и Хлеб, на кој очигледно ќе му треба уште време за прилагодување. Бојан стандарден.


Единствено нешто кое остава сомнеж во остварување на плановите, е тоа што Пеп (веќе 100% сум сигурен) играта ја базира само на еден главен елемент - Меси.
Од таа причина, кога се играше со Меси и Алвес (кој после Меси сигурно дека беше најдобриот, го имаше насекаде), Анри, Гуди, Педрито, Барселона поведе со 4:0, а Меси имаше уште три 100% шанси за гол... Но, кога се смени првата постава, посебно кога излегоа Меси и Алвес, играта изгуби на експлозивност, брзина и фантазија. Почна да тече повеќе технички, како на зацртан тренинг, без ентузијазам.

Сепак ова се подготвителни натпреварио и се е дозволено. На крајот од краиштата, затоа и се играат во овој период и со старт против вакви екипи како Хибернијанс, за да моќе да се почувствува првата замисла, после сувите тренинзи.


Веќе нетрпеливо го очекувам и вториот натпревар, в сабота против Данди Јунајтед. Сликата ќе добие веќе и паспарту. А рамката на целината, мислам дека ќе ја видиме дури на 16 август против Бока Жуниорс на Камп Ноу.