14.3.18

Во Струмица „на улица за полуписмената администрација“

Е сега откако заврши мојата голгота со вадење на документи за моето дете родено надвор од Македонија, дефинитивно ја почувствував на сопствена кожа неспособноста на македонската администрација, неедуцираноста, дрскоста, бескрупулозната и одвратна неучтивост која очигледно е еден елемент што нема шанси ни во следните 50 години да се подобри.

Секоја чест на исклучоците, затоа што сепак ги има. Сепак, мнозинството административци кои живеат „на цицка од државата“ треба да се избркаат од работа, да им се одземе правото на пензија и едноставно да се остават „на улица“ или ако сакате попрецизно „дома“ па нека земат волница и нека плетат џемпери за внуците. Но никако да работат на битни и витални позиции во администрацијата.

А голготата ја доживеав во Струмица, место за кое најмалку сум се надевал дека е возможно да ми се случи таква катастрофа, бидејќи во тој град живеат прекрасни луѓе, гостопримливи и едни од најдобрите македонски примери на топлина и заедништво. (Струмица и покрај оваа голгота, ќе остане мој омилен град, по родното ми Скопје. Нема да дозволам дел од административците во градот, да ми ја срушат сликата за можеби и најмилите и најпријателски расположените македонски граѓани, без исклучок)
Но, очигледно дека тоа нема врска со шалтерските работници во МВР.
Не си ги познаваат законите кои им ги пишува на сајтот на нивната интернет страна (МВР).

Оливер Спасовски очигледно е совршено подготвен за „Пајак Прес Конференција“ ама се` уште како „да није одавде“  или „неко меџу нама није наш“ кога станува збор за вработените во неговиот сектор.

А што се случи?

Сите документи заверени и нотирани по пропис, со Апостил и потврдени според Конвенцијата потпишана во Виена на 8 септември 1976 година (на која Македонија е членка), вработената на шалтер не` внесува во „нејзиниот лавиринт на преведување, нотарисување, дополнителни трошоци и трошење на непотребно време по нови шалтери и пропратни институции“, надвор од пропишаниот законик што е објавен во Службен весник. По моето разложување на фактите дека не е во право и дека не смее тоа да ни го прави, госпоѓата продолжува со нејзината хистерија дека „тоа е законот на нејзиниот шалтер, што ѝ дозволувал да може да ни ги врати документите назад и да не знаеме кога и дали ќе ја завршиме процедурата на добивање македонско државјанство на нашето дете (од двајца родители Македонци, родено во Малта) бидејќи детето имало и друго државјанство (!?)“. (посебно што последниот факт е тотално небитен, ако двајцата родители Македонци сакаат нивното дете родено надвор од Македонија да има и Македонско државјанство. Чиниш од дома и бараме кафе, па таа одлучува дали ќе ни даде или не. Тотално лудило!?). Безобразлук каков не би му посакал да доживее ниту на непријател.

Во тој момент кога човек ќе сфати дека во овој дел од „балканската вукојебина“ може и мора да се потчини на „чопоративните закони“ што ги наметнува оној кој е поставен да го води чопорот, нештата омекнуваат. Проголтуваш лудило, со надеж дека наскоро ќе заминеш повторно онаму каде владеат законите во вистинските правни држави. Нервозата ја снемува. А прогресивно и хистеријата кај „исфрустрираниот ум“ се намалува. Попаметниот попушта, нели, но со магични зборови кои мора да допрат до увото на Шалтерот.

Магичните зборови како „О ти семоќно шалтерско Богосуштество, ти бакнувам нозе и водата ти ја пијам, советувај ме и насочи ме кон твојот пат на осветление, О чудесијо возвишена и сезнајна, те молам понизно како слуга твој да го примиш во твоите златни раце и дијамантски прсти мојов документ чесно и читко пополнет со моите грешни два прста и прости ми што ти ја валкам Вселенската чистота со моево барање“ ти ја подотвараат вратата на можноста дека сепак ќе се смилува „божјето шалтерско чедо“.

Па така и би...

Откога ја слушна целата моја молитва, само климна со глава, знак на одобрување дека ќе ги прифати документите и нашиот Лео ќе стане сепак македонски државјанин.

Луѓе, прекрасни, можеби ќе се посомневате во веродостојноста и вистинитоста на целиот овој приказ, но ако некогаш дојдете во слична ситуација, сигурен сум дека ќе ви текне на моиве зборови.
Струмичани очигледно тоа си го знаат бидејќи од нив многу бргу потоа го добив единствениот совет: „Со нив само нежно и понизно, бидејќи ако малку накриво ги погледнеш, тешко дека ќе завршиш работа. Најмалку па во рок.“

Очигледно. Видов на сопствена кожа.

За „Боговите на шалтерите на МВР“ не важат Законите во Македонија.
Можеби така е и низ многу други градови во Македонија, но народецот понизен е навикнат, па не им пречи таквото понижување и непознавање на законите на овие „мали богови паднати на теме“.

А за она отсуство на „Ве молам“ и „Благодарам“, како и насмевката која е задолжителна, би било премногу да оставам запис во истиов текст. Не постои.

Тоа е... мене ми е жал што имав вакво искуство во мојата некогаш обожавана држава... и уште сега ме фаќа нервоза дека ќе морам за 2 години пак да се вратам за да му ги обновам документите на моето дете. 
Секоја чест на исклучоците, на прекрасните луѓе таму се толку малку што скоро и воопшто да не влијаат на генералната слика.

(Да, исклучоците ги има и во Струмица и во Скопје. И на прсти ќе ги изброиме. Без нив и нивната љубезност за да ми помогнат, откако ја видоа целата „моја приказна“ не верувам дека ќе успеев да ја завршам процедурата „нормално“ и со помалку стрес. Благодарен сум со наклон до земја кон тие што си ја знаат работата и се амортизација на полуписмениве кои се на позиции)

Значи, ако не познавате некои од тие малкумина профи и љубезни, јака ви душа луѓенца...