23.8.18

Како ме насамарија и ми го украдоа станот...

Живеев во 6-то собен стан (со плус 2 гаражи), со поглед на море од едната страна, во хоризонт имав десет реки на другата, планини гледав на третата страна, а ако подизлезев на четвртата страна имаше неколку преубави езера. 

Еден ден, веќе потпораснат, ми понудија да се преселам во еднособен стан кој немаше поглед на море и го немаше тој избор на планини, реки и езера, иако во секој случај ги имаше, барем по едно на секоја страна. Немаше ниту една гаража, бидејќи ќе сум имал можност да паркирам каде сакам, наоколу ќе било слободно.

Нон-сенс беше да се преселам, но ми беше ветено дека ќе ми биде поубаво, нема да мора да плаќам толку многу за одржување на претходниот огромен стан. Ми објаснуваа дека дури и контролата и чистотата ќе бидат на поголемо ниво за пократко време, бидејќи нели само една соба ќе имам за одржување.
Ајде, до некаде имаше логика, иако со тешко срце прифатив... а пресудното беше дека сепак претходниот стан имаше име на дедо ми и татко ми, а овој новиов и помалиов ќе беше исклучиво мој, на мое име.

Се преселив.



Тешко, ама почнаа проблемите... тесно, се скрати видикот, се изгуби морскиот хоризонт, сонцето влегуваше бргу и излегуваше уште побргу. А на крај ме дотепа тоа што и не ми дадоа Катастарски лист. Била нова градба, ќе сум причекал за да ме заведат во Катастар... чекав и окапав чекајќи... и ден-денес немам Имотен лист од Катастар, џабе „ме мачкаа“ дека ќе биде мој... ниту е мој се` уште, а ниту условите се тие кои ги замислував.
Сега знам дека требаше да донесам подобра одлука, на пример прво да го реновирам 6-то собниот, можеби требаше да седнам со дедо ми и татко ми и да направам подобар договор што немаше да има влијание на иднината откога тие „ќе заминат“... не знам... знам само дека добро „ме насамарија“ и дека веќе не знам дали некому можам да му верувам дека треба уште да чекам, дека ќе се среди се` наскоро... или некогаш... а времето тече, мене годините ми одминуваат... а се прашувам дали и моите деца ќе дојдат до истите прашања некогаш, само што овојпат тие нема да имаат избор меѓу 6-то собен и 1-но собен, туку овој 1-но собниов или ќе мораат да заминат во друг град и да си започнат „од нула“ па со документи, со Имотен лист и се` како што треба, ама уште од почеток.

Не знам... времето истече, жетонот се потроши.