11.8.08

ВО ОЧЕКУВАЊЕ НА АТРАКТИВЕН СТАРТ

Толку многу фудбал во текот на август, не се сеќавам откога не сум гледал.
Од едната страна сите подготовки за сезоната која веќе некаде и започна, а од друга страна сите оние турнири кои секоја година стануваат се поатрактивни и на крајот сето дополнето со Олимпискиот фудбал од Пекинг.
Една прекрасна фудбалска атмосфера во овие летни денови.
Она што ми остави впечаток, во изминатите десетина дена, сумирано во неколку реченици би изгледало вака:
Европа со сигурност, ќе ја има најатрактивната фудбалска сезона досега, а Јужна Африка за неполни две години сигурно ќе го доживее и најатрактивното (од аспект на натпревари) Светско Првенство.
За тоа има многу причини, а неколку од нив се и оние кои најголем дел од нас ги следеа.

На натпреварите на Барселона низ американската турнеја, Гвардиола претстави еден огромен фонд на фудбалери, на кои сигурно ќе смета веќе во првиот натпревар против Висла. Она што можеше да се забележи, посебно на последните два, тоа беше новата формација, без Меси. Одлично профункционира. И тоа токму против клубови, кои можат да бидат одличен спаринг токму во овие квалификации за Лигата на Шампионите.
Евентуалните противници на Барса, во понатамошните натпревари од Лигата, го правеа на некој начин истото. Да бидам искрен, ме разочара Арсенал, но сеуште верувам дека консолидацијата (со оглед на губењето на неколку клучни фудбалери) ќе стигне во вистински момент. Интер, очигледно оваа сезона ќе биде цел на медиумите, но не поради играта туку поради Жозе. Милан, и покрај поразите ветува многу повеќе. Во контекст на ова, погледнете ја формата што ја има Пато и Роналдињо на Олимпискиот турнир. Тоа е нешто што не е за потценување, туку напротив, може само да биде „страв„ за сите во Калчо, и враќање назад на шампионските патеки. Севиља, ветува дека и оваа сезона ќе се наметне во Примера, слично како и пред две години.
А Олимпискиот турнир е вистинско фудбалско „колаче„ овие денови.
Бразил атакува (за првпат) на Олимпиското злато, а Аргентина, има многу постабилна репрезентација, од онаа во Атина. Следејѓи ги првите две кола на овие две репрезентации, очигледно е дека на Аргентина и недостасува прецизна завршница. Средниот ред е доведен до совршенство (на пр. што да се каже, ако во еден натпревар како оној против Австралија, тимот кој ја има топката во нозе има меѓу 35-45 додавања, без да ја загуби топката !?). Но средниот ред, како таков, може да извојува победа против ваква екипа (како Австралија, која не ветува квалитетен подмладок кој пополека би ја преземал улогата на претходните, за СП 2010). Но против Бразил, би било многу тешко, да не речам, невозможно. Се е базирано на Меси, Рикелме и Агуеро. Што на некој начин пак е и нормално. Но, да бидам искрен, ја очекувам вистинската експлозија на овој тим во нокаут фазата. А од ниваната игра, сигурно дека се задоволни и челните во Атлетико, Расинг, Севиља, Ливерпул, па дури и Наполи. А во овој контекст, може и Реал Мадрид да биде задоволен, бидејќи во Гаго имаат еден одличен потенцијал, на кој во секој натпревар му се забележува напредокот.
Како и да е, очекувам уште еден фудбалски дуел од „светски размери„ на највисоко ниво... Аргентина - Бразил, финале. А со оглед што најголем број од тие фудбалери настапуваат во европските клубови, (а се од категоријата која е најатрактивна за гледање и која веќе ја трасираше фудбалската иднина) и наредната сезона во најсилните натпоревари ќе биде неповторливо задоволство....
А Јужна Африка, може само да не радува...и со нетрпение да ја очекуваме...