21.9.17

Зошто Барса нема никогаш да биде исфрлена од Шпанскиот фудбал, ниту по Референдумот?

Досега неколкупати имам пишувано за овој момент што се случува во Каталонија, Референдум, Независност и каде ќе игра Барса потоа?
Ама ајде ќе се повторам уште еднаш со оглед на актуелноста на ситуацијата.

Зошто е ова само уште една лоша кампања за застрашување, во однос на фудбалските перцепции? (бидејќи реков дека ќе пишувам само за аспектот на Барса и фудбалската „независност“)



Уште кога беше поставено прашањето за тоа дали да има Референдум, пред неколку години, сите медиуми објавија што во своите изјави рече Претседателот на Лигата, Хавиер Тебас, дека „ако Каталонија изгласа Независност, Барса и Еспањол нема да настапуваат во Лигата“. Но, како и по обичај ова беше само уште една популистичка кампања, како и сите претходно, промовирана со поддршка на Владата во Шпанија, за да се внесе страв и хаос меѓу гласачите во Каталонија, кои сепак ја разбираат „приказната“. Бидејќи 90% од новинарството во светот се сведува на „препишувачко“ (веќе имате стотици милиони „независни“ медиуми во сите форми кои буквално се инсталираат на сите видови електронски мрежи и само пренесуваат) многу е лесно да започнеш кампања која ќе се рашири како „оган во сува шума“ за дел од мигот. И никој потоа веќе нема да се прашува ниту за суштината, а впрочем таа и лесно ќе се заборави.

Имено, Тебас беше многу провиден во својата кампања, бидејќи воопшто пред се` тогаш не стануваше збор за отцепување на Каталонија, туку Реферундум со кој се покажа волјата на народот. Но Кампањата која беше нарачана во тој даден момент да функционира, не е важно дали беше суштинска или беше наменска. 

И тогаш запишав дека ако се изгласа Референдум (кој Владата на Шпанија сепак не го дозволува) тоа ќе биде еден процес од неколку години со кој потоа би се администратирале сите понатамошни активности на отцепување. Тоа во старт значеше дека ниту Ел Класико ќе запре, ниту пак некој ќе се одвои од фудбалската лига. Но, знаејќи дека народот на тие простори „живее за Фудбалот“ тоа беше еден од најлесните варијанти да се промовира „стравот за успешен Референдум“, да се вгнезди токму „можноста дека фудбалот ќе им се распадне“.

Така и би.
Поминаа години. Се изгласа можноста за Референдум, а со Барса не се случи ништо по тоа прашање.
Сега на ред е Референдумот.
Прво и основно и да се реализира, а секако дека ќе биде успешен, пак ќе поминат години на тегавење додека се реализира сета приказна.

И затоа повторно се`e „јово наново“.
А вчера и официјално ФК Барселона издаде соопштение, дека ја почитува волјата на народот и секогаш ќе стои во одбрана на слободата и демократијата во однос на самоопределувањето.

Е сега одиме на следниот апсект.
А тоа се двата клуба кои реално ги носат најголемите пари на Лигата.

Самите клубови и Реал Мадрид и ФК Барселона се против поделба на Лигата во секој случај. 

Бидејќи Референдум секако дека ќе има, а Шпанија тешко дека ќе може да го спречи самоопределувањето (ако не сега следната година или таа по неа) веќе, во тајност се размислува за дополнување со нов член во законот ако дојде до „успешен Референдум“. 

Како што сега во законот постои можност за учество на независна држава во Ла Лига, да се донесе новиот член за учество и на уште една независна држава, во случајов, Каталонија. Дури се откриваат веќе и возможните предлози во самата Федерација дека има предлог да се дополнат активностите и да се смени името во „Лига Иберика“. Тоа нема да може да го спречи ниту УЕФА, ниту ФИФА, бидејќи најголемиот буџет од маркетингот, фудбалски, индивидуален и клупски го добиваат токму од Шпанија, од Реал Мадрид и ФК Барселона. 

Се оди до таму што исфрлањето нема да го дозволат ниту Адидас и Најки кои се заеднички истомисленици по ова прашање, а се главни носители на финансиите во фудбалскиот свет. Самата ЛФП ова многу добро го знае дури и во договорите со МедиаПро со Реал Мадрид и ФКБарселона и за Ел Класико и за Лигата на Шампионите. 

Во прашање се милијарди евра, а не неколку милиони.
Од тие причини, на пример во Kаталонските медиуми, оваа вест е ставена во маргините на насловните страни, а во мадридските медиуми е распостелена веста на насловната страна како нешто кое треба да заплашува и да биде пренесено низ цел свет.

Ова се само едни од притисоците кои ќе следуваат и во наредните денови. 

За волја на вистината и самите во ЛФП, знаат дека ФКБарселона уште пред 9 години доби покана за настап во Француската лига, а од пред 7 години и покана за настап во Премиер Лигата што практично беше преседан во Шпанија. Иако генерално се дискредитираат овие факти и никогаш нема да бидат негациски потврдени од самите Федерации, бидејќи документацијата со понудите се чува во канцелариите на ФКБ, (едната јас, како автор на текстот, ја имам лично видено со сопствените очи, без да ми се дозволи да извадам каков било технички апарат за да ја фотографирам. Нормално, тоа е консензус на сите Претседателства, да се објави само кога ќе биде неопходно, бидејќи сепак станува збор и за „друга страна“)

Од тие причини, далеку е распадот на Ла Лига (без Барса во неа) се` додека милјардите евра се слеваат во касата на Шпанија од самиот фудбал, без оглед дали ќе има Референдум за независност и без разлика дали тој подоцна ќе се реализира. 

Сите страни знаат дека процесот понатаму е многу тежок и за едните и за другите ако бегаат и се оддалечуваат во аспект на ова прашање. 
Но, тоа не значи дека политички или територијално ќе останат зависни. 

Свонси и Кардиф, Монако се типичен пример на таква функционалност. 

Како дополнување на ова се и барањата во УЕФА кои сега засега се ставени во процес на мирување, токму поради Шпанија и Каталонија, а се однесуваат на спојувањето на лигите меѓу Холандија и Белгија, барањето на Селтик и Ренџерс да играат во Премиер Лигата, спојувањето на една Скандинавска лига од Шведска, Данска, Норвешка и Финска. За Балканската Лига веќе се` почесто читате.

УЕФА ќе молчи се` додека не се реши Шпанија, а потоа ќе мора да даде согласност по веќе предложените барања за кои НИКОЈ не сака ниту да пишува, ниту да прашува. 
УЕФА е во „статус кво“ фаза.

Затоа ова е само уште една ударна кампања која извира директно од премиерот Рахој, а се однесува на моментот „Независна Каталонија“. 
Мора да се проба со сите средства, а потоа, ако не успее и ако Каталонија започне процес во кој ќе добие независност (во следните 2-4 години) ќе следува надградувањето за кое пишавме претходно - Лига Иберика!
Финансиите одлучуваат, на крајот, за новата Лига Иберика.
Како и секогаш досега.