13.6.12

Фудбалска Федерација на Македонија??? СИГУРНИ СТЕ ДЕKА ТРЕБА СЕУШТЕ ДА ГО ИМАТЕ ИМЕТО „МАКЕДОНИЈА„?


Еднаш оставив запис, а сега со вториов само сакам да испратам позитивна енергија до македонските фудбалски репрезентативки кои ќе заминат на двомеч од квалификациите за ЕП Шведска 2013, кога веќе никој во ФФМ не ги есапи...Храбро и со среќа„! Вие можете!


А заслужуваат барем толку, колку да не бидат омаловажени и третирани како да се најнебитната алка во спортскиот сегмент на нашата мала ни мила државичка.


А зошто велам дека се така истретирани?


Е па ајде кажете ми кој збор да го употребам, ако јас вам ви кажам дека девојките, ако и останатите млади машки репрезентативци, сеуште не сте им исплатиле ниту денар од стимулативните суми за играње во македонскиот дрес?


Како да го прифатам фактот дека некој мисли на нив ако ви кажам дека ги пуштаат девојчиња кои се откажуваат од многу работи за да ја промовираат Македонија, на пат од 5 ипол илјади километри низ Европа во автобус, без ноќевање, без пренокишта, од автобус на тренинг и веднаш по натпревар во автобус на втората дестинација, а одмор и спиење, во автобус? 


(а потоа да бараме резултати!?!?...сега кога конечно застанаа на цврсти нозе со новиот тренерски кадар, им се врати ентузијазмот во очите и го профункционираа другарството, заедништвото и желбата за победа, нешто што недостасуваше со претходната гарнитура која мислеше на се` само не на фудбал)


А во меѓувреме, само ќе прашам, каде отидоа парите добиени од УЕФА за женскиот фудбал оваа година?


Дали ги потрошивте на „виртуелното„ наградувањето на најдобрите во Македонија, па отидоа стотици илјади евра?


Дали ги потрошивте на опрема и инфраструктура што бевте „приморани„ да направите распоред од првите 4 натпревари играње дома (поради препораката дека „немате пари„) што е една од најголемите глупости која може да ги произведе „принуден распоред на квалификациски натпревари„?


Дали „лилипутанските заработки„ се принуда да имате образложение од вашите „сервисери„ дека ефтини авио билети нема во толку брз рок, па мора да се оди со автобус? 


(што не е точно, бидејќи и вечерва да сакате да се ангажирате, в четврток имате авио билети од 15-30 евра со полети од Скопје, Солун и Софија до Венеција. Подобро од Венеција до Торино со автобус отколку 1760 километри мачење. А за од Торино до Полска уште полесно и уште поефтино. Од Полска назад има многу солуции, кои се помалку важни „како враќање„, бидејќи одат на натпревари, а не на „апсолвентска екскурзија„. А ако очигледно не се снаоѓате, јавете ми се мене јас ќе ви помогнам. Додуша јас не сум лик од приказните на Џонатан Свифт, но ќе завршам работа и без „Фи„)


Само не знам до кога субјектите ќе ви веруваат?


А верувајте дека веќе не ви ни веруваат.


Само се принудени да молчат, бидејќи сепак се репрезенти на македонскиот спорт.
Бидејќи се воспитани да бидат дисциплинирани и послушни во работата на која и посветуваат се` од сопственото слободно време.
Бидејќи се девојчиња, а со тоа и многу потрпеливи од сите вас во решавањето на проблемите.
Бидејќи ја сакаат оваа земја и секогаш ќе го даваат максимумот на теренот кога се игра за знамето и грбот, а не за пари, за кои вие сте таму каде што сте.


Но, очигледно дека веќе се гледаат трулите даски на патеката по која се движите.


Фасадата е сеуште добра, но темелите попуштаат.


И на крај „ставете си го прстот на умот„ и прашајте се зошто девојките да сакаат да играат за Македонија, за знамето, за грбот, за името, да ја пеат химната и да се радуваат на секој успех, кога Македонија нив не ги сака, ниту ги почитува. Барем така изгледа светот според вашиот континуитет на постапки.


Фудбалска Федерација на Македонија. 
Колку тоа чудно звучи!?


П.С.
Нека не замерат на моите експресии во текстот оние кои се пример за вистински посветени и дисциплинирани работници во истата таа Федерација за која пишувам. А нив ги има сеуште, за среќа...иако малку...сепак...