25.7.09

ЕКСПЕРИМЕНТИ КОИ НАЈАВУВААТ БОМБАСТИЧЕН СТАРТ!

Стартуваше и европскиот шампион со своите подготвителни натпревари. Против Тотнем, на Вембли, можеби резултатски (1:1) не толку значајно, но она што може да радува е дека Пеп очигледно многу конкретно се подготвува следната сезона да направи екипа која од клупа ќе има форматиран млад кадар кој доаѓа од сопствената кантера.

Ако само го знаете фактот дека Барса низ целиот натпревар ја има контролата на топката, со брзи и кратки додавања низ течно водење преку сите линии, тогаш веќе имате и конкретна слика за тоа. Нешто што сте го гледале преку целата измината година.

Е сега, погледнете ја екипата која настапи на овој натпревар: Jorquera; Montoya Cáceres, Font, Abidal, Toure, Victor Sanchez, Gudjohnsen, Pedro Rodriguez, Gai Assulin и Bojan. Играа и: José María Rueda, Jeffrén Suárez, Rubén Rochina, Jonathan Dos Santos, Keita, Pinto, Henrique, Eduard Oriol, Espasandín и Muniesa. Сега веќе верувам дека сте помалку збунети. Да, тоа е она за кое зборував во првите три реченици.

Едната мала грешка во екипата на Барса го заклучи финалниот резултат. Сепак, иако е сеуште рано, посебно поради експериментот и афирмативната промоција на сопствената кантера од страна на Пеп, може да се биде задоволен и повеќе од тоа што само како резултат изгледа. Барса прикажа одлична игра каква само се очекува да продолжи и во наредните натпревари, посебно во стартот на сезоната кога ќе „влезе„ во игра „првиот тим„. Барселона отсекогаш се потпираше на својата кантера.
Минатата година ќе биде одбележена и како екипа од која 49 фудбалери кои започнале во школата на Барса биле првотимци на европски екипи во кои преминале и го потпишале првиот професионален договор. Ова е нешто што пред многу години беше најпрепознатливо за Ајакс, кој пак сега е е трет на оваа листа.


А натпреварот Челзи-Милан (2:1) беше нешто сосем друго.

Од неколку аспекти овој натпревар вредеше да се гледа. Прво што на клупата на Челзи сега веќе е Анчелоти, човекот кој ги знае сите добри и лоши страни на екипата која пак Леонардо како нов селектор нема да може да ги смени во толку кратко време.

Челзи покажа голема стабилност во играта посебно дисциплинирана со формацијата која одлично го расштима средниот ред на Милан. 4-1-2-1-2 или во превод што би се рекло 4-4-2 (дијамант) има задача „до нога„ да ја движи топката низ целиот терен со експлозивно брза транзиција од одбрана во напад и обратно. Нешто што му недостасува на Милан. Она што беше уште повпечатливо е многу подобрената игра на Дрогба и тоа на двете позиции, и лево и десно. И првиот гол беше еден од спектакуларните моменти на овој натпревар. Од околу 25 метри, од десна страна со десна нога во левиот горен дел од стативата. Неодбранливо за Жељко Калач, па дури и за целата одбрана која беше една сосем друга епизода. Влегувањето на Шевченко (кој очигледно верува како Самсон, дека ќе си ја врати силата со својата долга коса каква ја имаше во најквалитетните години) внесе свежина и за Жирков и за Лампард. Дали ова значи „нов живот„ за Шева со новиот тренер? Ќе видиме...

А она што е карактеристика за Челзи, како епилог од натпреварот, тоа е пак сосем обратно карактеристично за Милан. Многу спора одбрана, со спора транзиција во сите фази од играта. Топката не се движи течно, напротив,оди од крајност во крајност. Или таа со многу допири и задржувања од страна на Сидорф, Пирло, Дињо и Фламини се пренесува кон слободен играч во шеснаесетникот или Одо пробува со десен удар да направи прецизен центаршут на втората статива евентуално до Пато (подоцна Јанкуловски исто само од обратната страна) или со дијагонална долга топка и прескокнување на целата средна линија се пренесува во импровизирана контра, каква е препознатлива за дел од поконзервативните англиски екипи. Влегувањето на Пипо е веќе препознатливо, без оглед што сега Леонардо е на клупата.

Со други зборови речено, екипата е потпрена на снаодливоста и квалитетот на Сидорф и Дињо (во фаза на некомплицирање) и леснотијата во брзите движења на Пато. Пипо е епизода сама за себе, која не би сакал да ја коментирам, од проста причина што со години назад е анализирана и презентирана од сите аспекти. Истото ќе биде и понатаму, веројатно...

Факт е едно, се чувствува отсуството на Кака, кое вака-така беше значајно барем во брзите транзиции... Милан со ваква игра нема да биде компетитивен во крајните фази од натпреварувањата во сезоната која за кратко и официјално ќе започне. Тоа ќе биде лекција која лесно се учи, затоа што само со затворањето на Сидорф и Дињо, лесно се прави вишок и во одбрана, а дури и два во напад. Нема да го земам предвид неснаоѓањето на Фламини и преклопувањето на Бориело, кој на моменти наликуваше како овој натпревар да му е деби.

Сепак ова се загревања и барање на вистинскиот сетап пред официјалниот старт. Но за разлика пак од нив од Челзи може оваа сезона да се очекува многу повеќе од лани, барем во натпреварите од Лигата на Шампионите и Премиер Лигата. Со Жирков кој е солиден на левата страна, без многу турбуленции во составот од лани, Анчелоти има одлични предиспозиции за успешна сезона.(Со очекување дека и Анелка ќе влезе во форма од која сега е многу далеку, а беше препознатлива изминатата сезона. Слично пак кај Милан, за очекување е новите ликови Ониеву и Абате да гледаме дали ќе се вклопат во визијата на Леонардо. Вака како што сега стартуваа, очигледно дека ќе треба многу време...)

Веројатно позначаен ќе биде натпреврот во недела (26 јули) кога ќе се сретнат градските ривали, Интер и Милан, затоа што сепак каде и да играат, овие две екипи имаат сосем друга содржина, компетитивно, физички и ментално...

СТРАСТ И СЛАСТ...


Стартува новата сезона која ќе биде сигурно поинтересна од минатата, барем според моите претпоставки и анализи. Она што посебно ме возбудува е моментот на неколку натпреварувања кои ќе ја одбележат 2010. Ла Лига како исклучителна силна, најсилна досега во европските паралели, Лигата на Шампиони со неверојатно поместените граници на квалитет на неколку фаворити, квалификациите за СП кои поради сеуште недифинираните позиции на дел од силните репрезентации ќе придонесе за поместување на формата на носечките алки во големите клубови (патувања, менување на континенти, надморски височини и отсуства), сето тоа „зачинето„ со повреди и неочекувани изостанувања од важни натпревари....

Тоа е и најава за најатрактивната фудбалска година која би можеле да ја посакаме.

И да не заборавиме дека оваа сезона ќе гледаме едни сосема различни дуели кои ќе бидат последица на овогодишниот преоден рок:


- Манчестер Јунајтед кој со нов лик ќе се потруди да го остави сличниот впечаток од минатата сезона (без Кристијано и Тевез, сега во прв план веројатно дури и со Берба(!?);


- Челзи со нов тренер и скоро истата содржина, повозрасни, поискусни и со многу повеќе научени лекции од минатата сезона, можеби и еден од моите фаворити во Англија и Лигата на Шампионите оваа сезона;


- Барселона која ќе ја има најтешката улога во Европа, но во исто време веројатно и најлесната во Ла Лига;


- Реал Мадрид, на хартија блиску до совршенството, но како сето тоа ќе се координира, ќе гледаме и ќе анализираме. Можеби оваа година нема да имаат никаков значаен успех, но ако успеат да го задржат составот, да ги избалансираат „его-триповите„ да ги консолидираат иконите на клубот со „дојденците„ е дури тогаш би можеле (од 2012 натаму) да ја очекуваме „кралската ера„ во Европа;


- Баерн Минхен кој ќе излета од втор план, да не речам од „бокс„ веројатно повторно меѓу најдобрите 4 или најмалку 8;


- Интер кој ќе треба да покаже дали го има вистинскиот и правилен избор или ова ќе биде уште едно стихијно освојување на скудетото, покрај релативно ослабнатиот градски ривал и бледиот комшија од Торино.

Ова е само еден дел од она кое ме прави посебно задоволен што сум сведок на оваа фудбалска, исклучително атрактивна, фасцинантна и неверојатно неизвесна, година...

Стартуваме вечерва со директни дуели кои повеќе ќе личат на „буткање со раце„ во кои ќе се измерат првичните сили, во кој ќе се менува сетап-от до следниот дуел, во кој сигурно по неколкупати ќе се рестартира и софтверот на претходно споменатите за време на игра и во соблекувалните, во кој ќе се прават и првите „медиумски распнувања„...

Стартувам, вечерва од 20.00... со најголемо задоволство и позитивни мисли, да уживаме во најубавата фудбалска година која е пред нас...