1.5.09

КАКО ДА СЕ НЕУТРАЛИЗИРА РЕАЛ, А ВОЕДНО И ДА СЕ ЕЛИМИНИРА ЧЕЛЗИ?

Прашање кое си го поставувам веќе втор ден.
Не дека можеби ќе се промени нешто резултатски во моите хипотези и елаборации на двата важни натпревари во наредниве денови, туку едноставно, не верував дека Пеп може да се најде во ваква чудна и неизвесна ситуација...

Можеби ќе беше поневчудоневидувачки отсуството (или повреда, не дај Боже) на Меси, Ето`о, Анри или Чави, отколку ваква ситуација.


А ситуацијата е следна.

Маркез отсутен до крајот на сезоната.
Милито, во кого што би бил спасот на ситуацијата, исто така.
Централен во одбрана=аут.
Пујол има право на настап против Реал, но не и против Челзи, казна од жолтите картони. Назад практично е веќе „климаво„.
Алвеш кој е се само не стандарден-одбранбен, повеќе сакаме да го наречеме „агресивна одбрана со напаѓачки задачи„.
Касерес слично, од другата страна.
Силвињо, нестандарден и воопшто не е алка која недостасува, а уште помалку може да ги пополни дупките од отсуството на Пујол или Маркез.

Назад веќе се знае дека може да се очекува Абидал и Пике централно.

Тоа пак наметнува дека Чави мора да игра поповлечено и веројатно Туре поназад со повеќе одбранбени задачи во покривањето на евентуалните празнини во задната линија пред Валдес.

Се отвара прашањето дали Кеита наместо Туре, а можеби и Бускетс?
Повеќе сметам дека во игра би бил Бускетс, бидејќи е подобар во одбранбените задачи отколку Кеита.


Разликата меѓу Иниеста и Чави сега ќе биде уште потранспарентна, онаква каква беше во времето на Рајкард, каде Чави беше тој што беше постатичен, со подолго задржување на топката и пренесување преку играч измеѓу. Веројатно Пеп ќе мора да го врати на таа позиција, со тоа што неговата подвижност сега е веќе поголема. Плус во корист на одбранбената линија.


Тоа пак отвара, како по инерција на размислувањето, поповлечена улога на Меси, Ето`о и Анри, односно Бојан и евентуално Хлеб. Веројатно е дека Бојан ќе игра од првата минута, но како и да е поради тие улоги каде тројката од нападот ќе мора задолжително да игра со пресинг во одбрана на својата половина, ќе дојде и побргу до замор, односно истрчување на оние 9,5 до 11 километри уште во 60-тата или 70-тата минута.


Ова е нов момент, кој отвара претпоставка дека Пеп ќе направи измени токму во тој период, и тоа измени на Меси, евентуално Анри или Ето`о, како и на позицијата на Чави или Иниеста.Трите измени мора да се искористат, затоа што во среда ќе биде уште потешко, посебно што овојпат назад ќе има нестандардна одбрана.


Почетната претпоставка е веќе јасна, Јосеп е пред исклучително тешки одлуки.

Ова е момент, по кој тој сигурно дека ќе биде уште поголем, поискусен и поинвентивен.


Барселона од среда натаму ќе биде поголем клуб кој и вистински ќе докаже дека знае да ја надмине оваа ситуација (не верувам дека некој можел да ја претпостави на почетокот на сезоната).


Од среда натаму, фудбалскиот клуб Барселона ќе докаже зошто е „повеќе од клуб„... трите трофеи, ќе бидат запишани во музејот под „Камп Ноу„ со дијамантски букви, поради умната игра, поради големото срце, поради фантазијата со која ги остава нерамнодушни фудбалските симпатизери, поради фактот дека е исчекорено во најтешкото и дека чекорот бил преголем за некој друг да може да го следи...


Барна ќе се гордее со Барса, а на Барса ќе и се поклони цел свет.