8.4.17

ДОДЕКА НЕПИСМЕНОСТА НЕ ГО УНИШТИ ЦЕЛИОТ СИСТЕМ...

Последниве неколку дена актуелна е темата за неписменоста на популацијата на парчето земја Македонија.

Можеби бројките се шокантни, но барем за мене воопшто не се изненадувачки.


Нема потреба да биде човек многу паметен за да сфати уште „на прва топка“ дека реалната ситуација сигурно е уште полоша. Не ви требаат ниту вам анкети или некакви сондирања на јавното мислење, уште помалку пак нови испитаници и тестирања.


Неписменоста може веднаш да ја поминете низ филтер уште по социјалните мрежи и да се соочите со потврда на кажаните резултати. Тргнете од Фејсбук, преминете на Твитер и завршете на Инстаграм или некоја слична мрежа.


Тоа е реалноста.



Полуписмени и неписмени насекаде наоколу.
Порано тие беа филтрирани уште за време на основното образование, а подоцна со втор филтер низ средното.


Денес кога има „квази отворено општество“ има се` повеќе затворени умови, со минимална писменост, никакво познавање на правописот и уште помалку правење разлики од правогорот.


Да, секому може да му се случи да погреши, да направи lapsus lingua, но не и да не ги знае основните правила.


Погледнете околу вас кој се` завршува средно образование, а да не зборувам за факултетските образувани личности. Секако дека зборот „образувани“ овде го искористив сaмо колку да ја акцентирам поентата. (далеку се тие од „образувани“)


Девастирано општество, генерално еродирано образование, погрешен пристап во концептот „компјутер за секое дете“, промашен план за развој на високото обрзование и ред други точки кои само ќе го влошат цело ова набројување.


(во се`има исклучоци, па така би било грев да кажам дека нефункционалноста ја гледам и кај некои училишта или Катедри кои навистина отскокнуваат од просечноста и дното. Но, нив може да ги пребориме на прсти)


Да се има проблеми е едно, тие ќе се решат вака или онака. Но, да се „одгледува“ неписмено население и да се турка „под чергиче“ дека тоа не е никаков проблем, е повеќе од страшно. Секако дека тоа им одговара само на оние кои подготвуваат стогодишно владеење (како стогодишен снег, дожд или поплава), па си рамнат терен за лесно управување со масите.
Се надевам дека сега ви е малку појасно зошто низ годините наназад никој не виде најопасен елемент токму во таа неписменост која се гаеше тивко и полека, без никакви медиумски потреси.

Затоа, воопшто и не сум изненаден од „фрапантноста“ со која голем дел од вас се соочивте пред неколку дена.


Напротив, можам само да дополнам дека најлошото на ова тема допрва ќе следи.


А тоа е комплетно распаѓање на целиот систем.
Буквално целиот систем, по вертикала и хоризонтала.
Како и на кој начин, не би сакал да посочам сега, бидејќи таков катаклизмички опис ќе ви биде премногу песимистички за да можете да го разберете оптимистички, во насоката „ништо нема да тргне кон добро, додека не го допре дното“.


А сеуште има период на распаѓање додека неквалитетниот пристап и живот го допре дното.

5.4.17

ПРАЗНИ ДЕМОКРАТСКИ ГЛАВИ

Зборувате за држава?

Каква?

Каде е?

Функционира ли?

Или мислите чим се собираат даноците има функционална држава?
(бидејќи ништо друго не функционира со таква прецизност и рок на исполнување)

Некако неосетно ви се измешаа лончињата од вашата демократија, која е најмалку демократија каква сакате да ја практикувате (и неписмениот да зборува за правопис и правоговор)!?

Еден ден ако излезете надвор од вртлогот во кој денес центрифугата на глупоста ве замајува до бесознание, можеби ќе сфатите дека всушност сте го потрошиле животот жабокрекајќи во мочуриште.

А тие кои отстрана го гледаат вашиот рингишпил поставен на истата територија (и кои знаат добро како треба да изгледа држава, но не им одговара да се случи и да биде) ќе бидат далеку пред вас, толку далеку што нема ни да можете да замислите колку е тоа далеку.

Зборувате за држава, сеуште? Ммм, празни глави, сеуште?