27.10.13

Тата сепак положи иако со „шестка“, додека Карло има уште за учење

Тата не го положи првиот тежок испит сезонава со висока оценка.

Иако бев подготвен на големо да се распишам каде се` вечерва Тата ги направи големите грешки, сепак на крај се одлучувам само за кратки црти.

Зошто?

Едноставно, затоа што сите одлуки на Тата, колку и да ги критикувам, резултатот на крај покажа дека тие биле исправни.
Да, би бил неприфатен со сета моја анализа бидејќи сепак на крај победа си е победа, па макар и 2:1, а плус имаше и еден прекрасен гол (иако најголемата заслуга е во лошо позиционираниот Диего Лопез во таа среќна ситуација за Алексис)

Дека го положи тоа е во ред, но како, тоа е веќе друга работа. Исто како што можете да одите и вие на испит и да положите, а да не сте фатиле книга многу, уште помалку „да бубаличите“. Затоа само накратко, бидејќи не би сакал да звучам „нихилистички Класично“.
Најнапред изненадувачки беше изоставување на некој што е многу покорисен на позицијата „централен“ отколку тие кои играа.

Но, резултатот на крај покажува дека одлуката била во ред.

Луда беше и одлуката да се прераспореди Меси, да се исфрли фронтално Сеск и да се започне натпреварот со еден фудбалер помалку. Сеск, индиспониран, неснаодлив, загушен и едноставно катастрофално лош. Среќа во целата патека на движење.

Но, резултатот на крај покажува дека одлуката била во ред.

Првичната полемика на час пред старт на Класико околу тоа зошто не Алексис туку Сеск се покажа како точна, но не целосно до крај, бидејќи и онака генерално, Тата повторно „го убоде зрното просо“ и на слепо. Универзумот вечерва сакаше едноставно така да биде. Да влезе чудниот шут на Нејмар и да не се досудат двата пенали за Реал Мадрид. 

Едноставно, резултатот на крај покажува дека одлуката била во ред.

А од рака на Тата му одеше и самиот Карло. Карло потфрли затоа што немаше храброст, а и очигледно без доволно знаење за да се спротивстави на Тата, кој сепак би можел да биде замислен и покрај победата. Затоа што пополека го губи Меси во важните дуели. До кој дуел ќе издржи со вака исцрпувачка нервоза не би можел да претпоставам. Тоа не е дел од тактиката, тоа се случајно успешни потези кои се на работ на ризик и при самото поставување (свесно да играш без кралица, верувајќи дека коњот ќе направи шах-мат кога никој не го гледа). Ваквите тактички ротации доведуваат до ризик кој може многу ефективно да го искористи уште некоја екипа како Осасуна. 

Виктор Валдес беше спектакуларен, но исто така до кога? 
Лоши измени!? Лош прв состав!? Среќа што налета и на лош Карло.
А случајно или не, ќе гледаме допрва дали „одбранбените секвенци“ ни изгледаа тактички воиграно или и тоа само беше чин на моментална импровизација која едноставно беше дел од „поклопување на коцките“ отколку добро дисциплинирани движења. (Масче и Пике на моменти откриваа дека сепак Тата имаше повеќе среќа вечерва отколку рафинирано тактичко познавање на противникот)

Но, и после овие мои констатации, резултатот на крај покажува дека одлуките биле во ред.

А сега следува Чоло... Потешкиот испит од Ел Класико, во фудбалско-тактичка поставеност.

Следува физички најподготвената екипа, најгрубата и најнепредвидливата по одбранбената линија каде се` повеќе шкрипи, онаму каде вечерва се славеше.

Прашање е дали тогаш резултатот на крај ќе покаже дека одлуката била во ред?

(текстот е објавен на ДЕРБИ.МК)