11.7.14

СПОРЕД МАКЕДОНЦИТЕ МОЖЕБИ И НЕ ТРЕБА ДА СЕ ИГРА ФИНАЛЕ В НЕДЕЛА НА МАРАКАНА?

Се чудам на сите коментари за пласманот на Аргентина во Финале, но во секој случај можам и да ги разберам. Доволно е само да ми текне на коментарот на Ел Диего кога рече „ако не знаете во една земја кој клуб е најдобар, прашајте кој клуб е најомразен. Тој е и најдобриот.“ 

Така и сега.

Најголем дел со усти полни, преполни против Аргентина и Меси. Нормално, бидејќи без исклучок се најдобри.

 „Германската машина“ е посебна приказна. Го најдоа Бразил, т.р. „село без кучиња“ и нормално беше. Без Тјаго Силва, без дисциплина во одбранбените задачи, со слепо безглаво трчање напред да се постигне гол повеќе, само чудо ќе беше како не постигнаа уште 10 голови, за срамот на домаќинот да биде поголем.

Но, заборавивте дека таа „германска машина“ трокираше со Гана и застана на половина пат. Исто така исчезна од меморијата опасниот натпревар против САД во кој сигурно дека наместо да виси се` на конец, се очекуваа еден тон голови, па макар било на крај и нерешено. Да ве потсетам и на Алжир. 2:1 во продолжение. Да, да, заборавивте нели дека во продолжение „германската машина“ спаси глава. А читам дека е заборавен и натпреварот на „германската машина“ и против Франција!? Да и тој заврши 1:0, а можеше да биде и обратно.

Но тоа е, една победа рекордна победна и копчето за ресет на умот не треба ни да се притиска.
Ќе го искористам моментов да ве потсетам, барем оние повозрасните, не оние на кои ова им е одвај 3-то СП, на неколку слични низ историјата.

Италија во 1982 година стана светски шампион, а едвај ја помина групата, со 1 гол разлика повеќе (не бод!, гол разлика!) од Камерун. И се довлечка до Финале против Западна Германија и го освои Светското.

Ајде ќе ве потсетам и на Грција, која со полош фудбал што не можеше ни да се замисли, со заборавениот тефтер на тактики на Ото Рехагел од 50-тите и 60-тите години на италијанскиот фудбал, го освои шампионатот.

Заборавате уште на многу такви шампионски патеки, кои стигнале до трофејот.

А воедно и заборавате на „германската машина“ која да не беше судијата во Финалето 1990 немаше ни тогаш да го кренат трофејот. Натпревар кој е еден од најсрамните финалиња во кои диригираше директно ФИФА за трофејот да оди кај „машината“. А воедно веднаш ќе ви текне на „Божјата рака“ и ќе се пуштите ко гладна глутница „во одбрана“.

Да, и тоа можам да го разберам бидејќи е нормално е популистички. Но, многу различно за сите оние кои паметат и аналитички го гледаат секој сегмент од играта, како на пример дека Масчерано е фудбалерот кој има најмногу комплетирани пасови на цело светско, дека Ромеро има најмногу одбрани, дека на пример синоќешниот натпревар меѓу Холандија и Аргентина е натпреварот со најмногу комплетирани пасови вкупно и со најмногу истрчани километри од фудбалер.

И точно, меѓу сите статистики ќе биде забележан и оној 7:1 резултат, како највисок досега. Но, тоа не е поради „машината“, а уште помалку дека поради тоа треба да се предаде пехарот на победникот без да се игра финалето.

Финалето ќе е в недела, а таму ќе победи подобриот, без оглед на статистиките и без оглед на рекордниот резултат против Бразил.