31.1.14

Добро е кога ФФМ умно работи, но има уште за „враќање“ на публиката

Во завршницата на првиот месец од паузата во 2014-та можам да направам една забелешка, поточно ажурирање на една анализа која ја објавив во септември 2013-та, а се однесуваше на тоа „Зошто македонскиот клупски фудбал никогаш нема да биде дел од групната фаза на Лигата на Шампионите?“.

Во тој текст направив неколку потенцирања меѓу другото, посебно на едно правило или закон кој, како што реков пред 5 месеци, неопходно е да се донесе. „Цитат од тогашниот текст-кој во целост го имате ТУКА: „Кај нас сеуште се „лута во празно“. Нема никаков закон, кој на пример, барем ќе им наметне на македонските клубови да мора да имаат во екипа барем еден до 21 година и еден до 19 години, на секој натпревар во континуитет. Тоа значи дека ако на пример треба да има измена на 19-годишникот да мора и тој што ќе влезе да има минимум исто години. (ова е само еден предлог, како да се најде начин да се добие квалитетен кадар во првата лига). Со тој принцип, многу едноставно добивате 12 „младинци“ кои стекнуваат проволигашко искуство. Добивате многу посилна млада репрезентација. Добивате многу посериозен кадар и во сениорската. Се` е многу едноставно ако сакате подигнување на квалитетот. Ако сакате, пред се`. Само со носење на квалитетен и објективен закон.“)

Е сега кога ќе направиме анализа на „сработеното“ во ФФМ во овој меѓупростор, можам објективно да бидам задоволен што излегоа во пресрет на овој мој предлог и токму тоа правило го донесоа со одлука, (цитирам) „ за задолжителен настап на најмалку еден фудбалер до 21 година и задолжителен настап на најмалку еден фудбалер до 19 години во почетниот состав на екипите во натпреварите од Втората лига. Одлуката која официјално би стапила во сила за натпреварувачката 2014/15 година единствено не е конечна за настап на голманите на екипите.“ (за одлуката на ФФМ читај ТУКА)

Ова е прилично добар старт за движење кон она што ни го наметнува светскиот фудбал со својот развој.

Тоа значи дека на ред е сега анализа и на останатите инфраструктурални проблеми, кои треба да се решаваат ако е принудно и „во од“ на сезонава, но мора да се пречистат и да се изгласаат уште многу одлуки за доброто во прогресот на македонскиот фудбал. Заедно со инвестициите кои влегуваат, како оние во Шкендија и во Вардар, можеме да очекуваме и атрактивен крај на сезоната а од следната веќе и поставена поквалитетна база.
Ова исто така не значи дека сега би го сменил ставот на текстот напишан пред 5 месеци, но веќе сигурно дека ако вака се продолжи со умно донесените закони и правила, дека нема толку ригидно да ги правиме анализите во однос на нашето истрчување во Европа. Не само јас, туку веројатно и оние малкумина кои сериозно се занимаваат со темата Фудбал.

Епа, фунционери во ФФМ, имате уште 1 месец од денес, да направите уште некое преразгледување на внатрешните нешта и веќе март да биде старт кој малку по малку ќе ја раздрмува и публиката, која многу итно ви е потребна на стадионите, за да биде валоризирана целата ваша позитивна работа, ако ја има како следствен процес на овој.

(текстот е објавен на 30јануари2014 на ДЕРБИ.МК, а го имате тука)