7.5.16

„ШАРЕНИТЕ“ КОНЕЧНО ГО МЕНУВААТ ГЕНЕТСКИОТ КОД НА ПОДОБРО!

Само ќе потсетам на некои моменти од историјата на нашиот народец дека ниту низ времето назад не било поразлично.

Денес ова случување е токму различното и веројатно како и да заврши сепак ќе остави трага дека некој направил нешто несвојствено за македонскиот народ.

Имено, муабетот ми е во тоа дека никогаш досега ниту една македонска криза не била разрешена, завршена, прекината без „странски“ или ако сакате „надворешен“ фактор.

Никогаш.

Не одете многу наназад.

Тргнете од Илинденското востание кое го славиме и се гордееме а токму тоа е истиот показател.

Нели требало да се дигнат на нозе сите поробени македонци под Османлиите? Се кренале тук-таму некои и гломазно само во Крушево. Другите седеле по дома, не ги интересирала „нив политика“. Нешто слично како и сега. А голема група, сметале дека „не е сега време“, нешто слично исто така како и сега. И нормално, за 10-тина дена додека се присобере аскерот, да стават опасачите и да наполнат барутот, толку е. Пепел.

Сакате да зборуваме за 1945?

Или за моментот кога германците решиле да си заминат па „нашите“ тргнале по нив... што кажа Фрчко еднаш „ галичаните во партизани од принцип одат во 44-та“. Нормално дека историјата е сосема различна онаа која сме ја учеле до онаа која вистински се случувала. Колишевски најдобро го знаел тоа. (секоја чест на малкуте исклучоци, слично како и сега).

Мнозинството во Македонија тешко се одлучува за кревање глава.

Па дури и кога ја добивме државата на подарок (еден ден веројатно и за тоа ќе си се погледнеме в очи со Вистината) повторно инструкциите ги добивавме од надвор. За тоа бев и лично сведок на неколку битни настани кои потоа ја продефилираа „независноста“.

Е ова денес, под името „Шарена револуција“ е единствен пример. Многу поразлично дури и од иницијалниот момент минатата година, кога се вплеткаа партии и ја засраа целата работа.

Денес за првпат Македонија е вистинска како што личи на цивилизација која носи тешко обременето име.

Македонија повторно нема да ја разреши ни оваа криза без дејствување однадвор. Тоа е повеќе и од очигледно. И невозможно токму поради генетскиот код кој го размножуваме низ вековите наназад. Но, ова делување „однадвор“ доаѓа во различен миг од сите претходно низ историјата.

Македонија стана креативна, мирољубива, правдољубива, љубива воопшто. Против сето сквернавење на историјата со архитектонската гротеска низ блуежот наречен „Скопје 2014“, против криминалот кој ја окупира, заложи и разнебити Уставноста и Правната држава. Против силувањето на администрацијата која го соголи до непрепознатвивост македонскиот граѓанин, камшикувајќи го секојдневно во безморален хедонизам на власта.

Против шизофреното владење од институцијата Претседател до последниот портир во некое од министерствата на режимот. Против сите оргии на власта во кои изживувањето го трпи чесниот и правдољубив Македонец.

Е затоа овие деца кои се промовираа како нова енергија, треба и мораат да бидат понатаму ангажирани во создавањето на новата структура на државата, правото и Уставот кои допрва ќе треба да го доживеат вистинското раѓање.

Затоа што Шарената Револуција го менува генетскиот код на Македонецот кому „наведнатата глава сабја не ја сече“ и  кој како „кротко јагне од две мајки цица“.


„Нема правда, нема мир“ за нивната и наша иднина.

4.5.16

НЕ САКААТ ДА РАЗМИСЛУВАТЕ МНОГУ...

Она што го форсира Европа низ своите членки на журката која одамна се игра на континентот е нешто што воопшто не е ново, напротив.
Уште во мугрите на завршувањето на Втората светска војна, беше зацртано формирањето на новиот свет. Некои уште тогаш го прокламираа како возобновен термин од претходно "светска влада". Секако дека ја утнаа со ОН.
Затоа денес ЕУ го продолжува успешно тој пат.
Само ќе ве потсетам што тогаш беше наложено и верглано од многумина моќни, од фондациите на Рокфелер па се' до СЗО или ако сакате денешните чиновници кои одвреме навреме ни доаѓаат и во МК.
"Неопходно е од свесноста на луѓето да се исфрли индивидуалноста, националниот патриотизам и верските догми. Ќе има реинтерпретација и искоренување на концептот "добро и лошо"-некогашниот воспитен тек, да се замени вербата што ја негуваа старите со рационалноста на која треба да се базира и промената во човечкото однесување... да се натераат масата да мисли дека "помалку" е подобро од "повеќе". Животниот стандард да се редуцира. Тоа ќе биде бавен процес, постепено, но трајно. Граѓаните на богатите земји мора да научат да живеат со помалку. Ќе дејствуваме како еден свет, ќе имаме една иднина."
Овде не завршуваат насоките.
Но, ќе мора сами да продолжите да истражувате за да дознаете понатаму.
Да се соочите со она што го живеете сега и по кои начела ви е наметнато.
Една класична мастурбација на некогашната цивилизација која беше далеку побазирана на индивидуалноста на Умните, исполнети со Љубов и Ентузијазам.
Љубов со предигра и оргазмички задоволства во секој миг... некогаш.