11.7.14

СПОРЕД МАКЕДОНЦИТЕ МОЖЕБИ И НЕ ТРЕБА ДА СЕ ИГРА ФИНАЛЕ В НЕДЕЛА НА МАРАКАНА?

Се чудам на сите коментари за пласманот на Аргентина во Финале, но во секој случај можам и да ги разберам. Доволно е само да ми текне на коментарот на Ел Диего кога рече „ако не знаете во една земја кој клуб е најдобар, прашајте кој клуб е најомразен. Тој е и најдобриот.“ 

Така и сега.

Најголем дел со усти полни, преполни против Аргентина и Меси. Нормално, бидејќи без исклучок се најдобри.

 „Германската машина“ е посебна приказна. Го најдоа Бразил, т.р. „село без кучиња“ и нормално беше. Без Тјаго Силва, без дисциплина во одбранбените задачи, со слепо безглаво трчање напред да се постигне гол повеќе, само чудо ќе беше како не постигнаа уште 10 голови, за срамот на домаќинот да биде поголем.

Но, заборавивте дека таа „германска машина“ трокираше со Гана и застана на половина пат. Исто така исчезна од меморијата опасниот натпревар против САД во кој сигурно дека наместо да виси се` на конец, се очекуваа еден тон голови, па макар било на крај и нерешено. Да ве потсетам и на Алжир. 2:1 во продолжение. Да, да, заборавивте нели дека во продолжение „германската машина“ спаси глава. А читам дека е заборавен и натпреварот на „германската машина“ и против Франција!? Да и тој заврши 1:0, а можеше да биде и обратно.

Но тоа е, една победа рекордна победна и копчето за ресет на умот не треба ни да се притиска.
Ќе го искористам моментов да ве потсетам, барем оние повозрасните, не оние на кои ова им е одвај 3-то СП, на неколку слични низ историјата.

Италија во 1982 година стана светски шампион, а едвај ја помина групата, со 1 гол разлика повеќе (не бод!, гол разлика!) од Камерун. И се довлечка до Финале против Западна Германија и го освои Светското.

Ајде ќе ве потсетам и на Грција, која со полош фудбал што не можеше ни да се замисли, со заборавениот тефтер на тактики на Ото Рехагел од 50-тите и 60-тите години на италијанскиот фудбал, го освои шампионатот.

Заборавате уште на многу такви шампионски патеки, кои стигнале до трофејот.

А воедно и заборавате на „германската машина“ која да не беше судијата во Финалето 1990 немаше ни тогаш да го кренат трофејот. Натпревар кој е еден од најсрамните финалиња во кои диригираше директно ФИФА за трофејот да оди кај „машината“. А воедно веднаш ќе ви текне на „Божјата рака“ и ќе се пуштите ко гладна глутница „во одбрана“.

Да, и тоа можам да го разберам бидејќи е нормално е популистички. Но, многу различно за сите оние кои паметат и аналитички го гледаат секој сегмент од играта, како на пример дека Масчерано е фудбалерот кој има најмногу комплетирани пасови на цело светско, дека Ромеро има најмногу одбрани, дека на пример синоќешниот натпревар меѓу Холандија и Аргентина е натпреварот со најмногу комплетирани пасови вкупно и со најмногу истрчани километри од фудбалер.

И точно, меѓу сите статистики ќе биде забележан и оној 7:1 резултат, како највисок досега. Но, тоа не е поради „машината“, а уште помалку дека поради тоа треба да се предаде пехарот на победникот без да се игра финалето.

Финалето ќе е в недела, а таму ќе победи подобриот, без оглед на статистиките и без оглед на рекордниот резултат против Бразил.

15.6.14

ИМА РАЗЛИКА, НО НЕ Е ВО СУДИИТЕ!

Светското започна со четири прекрасни натпревари, но сите четири со опасни забелешки до судиите. 

Веќе уште на старт се прогласува најлошото судење досега!? 
Комплетно погрешно.
Не знам само како тоа не можат да се направат вистинските проценки, барем од оние на кои тоа им е работа (ова не се однесува на сите)

Судењето не е ништо поразлично од сите досега, дури може да се каже дека веројатно во многу нешта е и ќе и подобро од останатите.

Разликата е само во технологијата која од ова светско првенство се користи „на лице место“. 

Сега судењето станува уште поконцентрирано и дисциплинирано, а и е со уште повеќе кренати норми.

Технологијата прави ние да ги забележуваме веќе сите детали, на било кој дел од теренот. Веќе ние можеме да гледаме се што оние 5 судии, помошници и делегати не гледаат.

Затоа веројатно наскоро (можеби од следното) ќе имаме и прегледување на снимки и слично...

Ова повлекува само едно прашање: Којзнае ли какво би било судењето на претходните ако ја имавме и тогаш оваа технологија?

Е во тоа е разликата... во технологијата, а самото судење сигурно дека сега има помалку грешки од претходно.

25.5.14

ВЕЧЕРВА ЧОЛО МОЖЕ И ПОЛЕСНО ОД ОЧЕКУВАНОТО, ДО ТИТУЛАТА!

Пред започнување на Финалето само едно потсетување на последниот текст со дел од анализите дадени уште од стартот на сезоната, а веќе во резиме на завршницата на сезоната во најатрактивната фудбалска лига во светот.
Денес нема да правам препис на нештата кои од септември минатата година, па до последниот ден во април годинава го пишував, а се однесуваше на промената на техничкиот дел на тренинзите со кој Чоло ја започна сезонава (со внесувањето на „полигоните“ секојдневно, што не е случај за ниту една екипа во Шпанија, па ни за Реал , ниту за Барса), ниту за вадењето на теговите во функционалност на аеробните вежби, што не е случај повторно со ниту еден од другите клубови во Шпанија. Комплетниот тренажен процес, онолку колку јас можев да го „шпионирам“ го пренесував во целост и низ фотографиите и низ текст. Ќе го прескокнам дури и прилогот кој го презентирав со пилулите кои Годин, Диего Коста, Миранда, Арда Туран ги добиваа во средината од второто полувреме, да не речам за време на игра. Нешто што сеуште никој не го прави, освежувајќи го организмот со дозволено средство за зголемена сила и аеробна моќ (нешто многу поразлично од некогашната „мода“ со фластерчињата за нос кои требаше „лепенките“ да ги отвараат ноздрите за поголем проток на воздух, кои подоцна се испоставија како неважни). За употребата на „ГуглГласАналитикс“ очилата со кој Чоло ги добиваше информациите од својот прв помошник за време на натпреварот против Барса, детално објаснив, а и тоа е само една капка во морето од новите стратегии, само на Атлетико од Мадрид.
Диего Пабло Симеоне „Чоло“, направи многу повеќе од само овој концепт на активности кои ги вметна во секојдневието на секој „душекџија“. Не го промени својот менталитет бидејќи сега е тренер и менаџер, напротив, само ги дополни коцките кои недостатсува додека беше фудбалер, уште од времето на Атлети, уште од периодот кога со Лацио ги освои четирите титули, па дури и претходно од времето на Интер каде судиите имаа постојано проблем со неговиот карактер. Ги дополни со уште посилно гориво на „дозволена“ грубост за да биде физички најподготвената екипа во Европа, како што напишав во еден текст од октомври минатата година, кога потенцирав неколку елементи „зошто ќе биде фаворит во Европа и дома“. Ако Германците ги познаваме како фудбалери кои играат во силно темпо 95 минути, тоа за Чоло и неговата екипа е тајминг од 115 минути (а вечерва тоа го виде и Моу од противникот кој беше подготвен да изигра и реванш уште еднаш по третпат 90 минути на Стемфорд, барем што се однесува до свежината).
Чоло ја доби најголемата работа која секој тренер би сакал да ја има во својата екипа - дисциплинирано спроведување на замислата во техничко-тактичката поставеност на натпреварот, во секој квартал од играта па дури и во неочекуваните ситуации кои многупати го менуваат темпото на движење на замислената стратегија. Тоа кај големите екипи е многу тешко да се добие од сите 11 фудбалери. Посебно е незамисливо кога во тимот имате екстра ѕвезди со понекогаш „голема нетрпеливост“ меѓу себе. Можеби Атлетико не изобилува со куп поливалентни фудбалери, но затоа изобилува со најдисциплинирани во спроведување на тренеровите замисли, па дури и кога станува збор за „одење на нога“ или „директно во џигер“. Траекторијата на движење е неприкосновено испочитувана, од секого поединечно. Пргавоста која е најчесто „на граница на дозволеното“ Симеоне ја пренесува на своите фудбалери, а во најголема доза дури и ја има усовршено уште „поексплозивно“.
Ова се само малкуте нешта на кои потенцирав низ целата година, дури и тогаш кога на почетокот пишував дека Тата и Барса не треба да се плашат толку од Карло и Кристијано, колку од Чоло и Атлети кои со сигурност дека ќе бидат најголемите фаворити за титулата во Ла Лига. Иако понекогаш дел од тие записи беа ругани со образложенијата дека „претерувам“ во ниту еден момент не ја потценив сета негова промена која ја гледав секојдневно на снимките од тренинзите и записите кои ги добивав од Ма`ада`онда.
Од тие причини токму и денес, кога веќе сезоната се сведе на самиот крај, можам со истото уверување да претпоставам дека ќе застане и со трофејот кој му недостасува како фудбалер со црвено-белите, трофејот од Лигата на Шампионите.
Неговите фудбалери цела година работат токму за овие мигови. Ја оставија душата на терен на секој натпревар. Трпението ако некогаш беше синоним за Барса, сезонава е за Атлети.
И најважното!
Да не го потцениме моментот во кој се игра Финалето во Лисабон, време кога скоро сите екипи се веќе „на своите собиралишта“ во подготовка за СП во Бразил. Кристијано Роналдо, Серхио Рамос, Пепе, Марсело и сите останати, мислите дека ќе бидат со истата енергија и бескомпромисност и денес, нестравувајќи од повреда која нема да ги оддалечи од Бразил? И тоа против најгрубата екипа, низ целата сезона, во Шпанија и низ европските купови, екипата која нема загубено натпревар цела година „низ шампионите“ токму поради таквата карактерност на целата одбрана па дури и останатите две линии? Зарем мислите дека на овие фудбалери им е побитен Бразил отколку самото Финале во Лисабон? Реал е голем бренд, еден од најголемите на планетава, што токму тоа пак носи и една голема тежина (Десима) која пак од друга страна не е правопропорционална со тежината на фудбалскиот пристап во сиот момент пошироко, на фудбалерите кои го носат „белиот дрес“. Ним, генерално, на 24 мај не им завршува циклусот сезонава, туку токму тука започнува уште поголемиот притисок од јавноста и медиумите. Ним, многу повеќе отколку притисокот кон „душекџиите“. Реаловите фудбалери се веќе во нагорна линија во освојувањето на трофеите. Тие во ваква констелација се скоро свесни дека уште неколку години сигурно ќе бидат во европскиот врв. Тоа го знаеме и ние, во оваа година на светското фудбалско првенство, година на судир на најголемите фудбалски држави и најголемите фудбалски индивидуалци. А од друга страна, ако се` она кое погоре го пишав и го пренесував цела сезона директно од Шпанија до вас, кое е всушност пробивање на сите досегашни поставени граници на издржливост и сила, е верификувано низ податливи резултати, ќе си дозволи ли некој во тимот на Чоло да киксне, во последниот чекор? Во тимот, кој и без исклучителни индивидуалци, покажува страотна сила и „непоразеност“? Нема ни теоретски шанси, па макар ако треба како и со „анимални правила во природата“ уште во првите 10 минути да се означи територијата во која ќе владеат „џелатите, ѕверовите и разјарените фудбалери“, нешто што никому од „кралевите“ нема да му се допаѓа. Нешто што и сите можеби ќе го дефинираме како „груб фаул“. Но, факт е дека ќе се случува. (токму и затоа очекувам по неколку ротации „со груби стартови“ врз Кристијано и уште две точки на средината на теренот уште во првите 15 минути, на линија „на црвен“, по цена да се заработат и два-три жолти, но да бидат „кренати во воздух“ за да се покаже силата дека нема да има милост. Чоло тоа го правеше и како фудбалер, кога ако се сеќавате на пример, го штипеше, плукаше, удираше Бекам, за на крајот веќе да не можеше да издржи и театрално „му го изнуди црвениот картон“ во натпреварот кој Аргентина го доби со важна победа. Чоло кога е во прашање натпревар под тензија, е врвен мајстор да ја подготви екипата како капитен, а сега и како менаџер, со „сите аксесоари“ кои можеби и не ни очекувате дека ќе ги видите. Токму и затоа мислам дека вечерва Атлети уште полесно ќе се справи со реал отколку што тоа беше во последниот натпревар од Ла Лига против Барса)
Залогот е премногу за екипата која 40 години чека на овој миг, кога во 1974 година Баерн Минхен ги порази на Хејсел во Белгија (за првпат тогаш се играа два натпревари. Првиот заврши 1:1, па веднаш по два дена на истиот стадион се изигра уште еден цел натпревар во кој Баерн победи со 4:0, според тогашните правила на УЕФА).
Диего Пабло Симеоне, вечерва ќе се преслика себе си во 11-мина свои клонови, рафинирано пргав, со крв во очи и доволно мудро за да ја помине неказнето „црвената линија“.
А тактичко-технички?
Потполно исто како и во сите претходни натпревари, со кои ја помина целата сезона.
Ништо ново, еволутивно, различно концептуално или иновативно.
Тоа не се особините на Атлети сезонава.
----------
Дел од текстот беше објавен пред неколку недели на Дерби.Мк. Останатите исто така можете да ги пронајдете во архивата на истиот портал.

22.5.14

ЗОШТО ЛУЧО ПОВТОРНО ВО БАРСЕЛОНА?

Луис Енрике се враќа дома. Дома, во Барселона.

Една од причините за враќањето од Рим, покрај проблемите со Тоти, беше и враќањето во Шпанија, поблиску до фамилијата.
Сега е повторно дома по едногодишната прошетка до Виго.

Неговиот дом е Гава Мар, само на неколку стотина метри од домот на Валдес и од моето омилено место за плажа, на најубавиот каталонски песочен брег. Како што досега неколку пати имав среќа да ги сретнам ѕвездите на Барса кој во „Казанова Клуб“, кој на сурфање, а кој на прошетка по патеката, веројатно Лучо следната сезона ќе биде еден од тие кои секое слободно време ќе се движат на потегот Гава-Кастељдефелс, каде и практично живеат скоро сите фудбалери (со исклучок на Неј кој живее во Педралбес).

Лучо е вљубен во Каталонија. Лучо ја сака Барса. Тој не е од оние кои пресудни им се парите. Тој работи и за помалку од што можеби вреди, но вистински го сака овој подвиг.

Неговата сопруга Елена е Каталонка, скоро 4 години помлада од него. Ја запознава по пристигнувањето од Мадрид во Блауграна. Се венчаваат во „Катедрала дел Мар“ која се наоѓа во Борн, централниот реон во Барселона (за таа црква досега многупати сум пишувал, а ако сакате да ја запознаете подобро, прочитајте ја прекрасната книга од Илдефонсо Фалконес „Катедралата на Морето“ која ја имате и во македонски превод). Свадбата ја прават во хотелот Хуан Карлос кој е веднаш до Камп Ноу.

Неговата сопруга Елена претходно беше стјуардеса. Таа е од многу богата и стара фамилија од Барселона. Имаат три деца, од кои највозрасниот студираше токму во Британското училиште веднаш до домот, во близина на Олимпискиот канал за кајак на мирни води (местото каде се снимени голем дел од видео епизодите на Топки). Но, поради заминувањето во Рим, малку се изместуваа нивните патеки во образованието, па токму тоа станува и главна причина за враќање во Шпанија, она кое го пишав во погорните редови. 
Лучо се враќа назад во Шпанија со својата фамилија, две години пред истекот на договорот, бидејќи ни децата не се вклопуваат во италијанската образовна средина.

Денес сите се повторно заедно дома, во Гава Мар. Повторно сите заедно ќе можат да уживаат и во другите спортски активности кои како фамилија ги практикуваат, од маратон, до поло и скејтборд (и на земја и на снег). Но, без оглед што се дома повторно домот ќе остане затворен за пристап од било кого во медиумите. Елена е таа која секогаш инсистира на приватност, па затоа и скоро воопшто и да ја нема по медиумите како „сопруга на Лучо“.

За него можеби некаде и ќе прочитате дека е арогнатен или препотентен. Јас го немав тоа чувство никогаш, барем не додека седев и ги следев сите негови тренинзи, иако беше забрането за посетители. Секогаш „се вадев“ на тоа дека го следам македонскиот репрезентативец на кампот, а подоцна пак благодарение на убавите зборови за мене кои секое доаѓање ќе ги кажеше Чави Љоренс, можев безбедно „да се шетам“ низ кампот до неговиот терен за тренинзи. Дури еднаш споивме и два реда муабет 9кој сум и зошто сум таму), иако пак ќе кажам беше строго забрането.

Денес знам едно. А тоа е дека Лучо ќе даде максимум за да го направи овој подвиг достоен за името и моќта на брендот.

Луис Енрике ја познава шемата во клубот. Денес на ПРЕС конференцијата ја испрати веднаш и првата порака до Меси, иако не се сретна сеуште со играчите, дека „му е драго што ќе работи со најдобриот фудбалер на светот“.

Пораката е пратена. 

Амортизацијата од сите досегашни турбуленции „под Тата“ да се надеваме дека ќе бидат минато...

А наскоро, по завршување на светското првенство ќе бидеме и почесто и поблиску со информациите од лице место, патеката на која повторно ќе се среќаваме во слободниот од меѓу натпреварите...

Лучо денес официјално стапна на Камп Ноу

Луис Енрике Мартинез денес за првпат стапна на Камп Ноу како прв тренер на ФКБ, во друштво на претседателот Бартомеу и Зубизарета.
Пред околу 4 години гледав во живо многу тренинзи на кампот на Луис Енрике. Уште тогаш само прокоментирав дека нема да зачуди ако еден ден токму тој биде прв тренер на Барса. Тогаш сеупте беше Пеп на клупата на А.
Поминаа години.
Лучо е сега оној кој ќе треба многу од нештата да исправа.
Верувам дека ќе може. А верувам дека е и сигурно подобриот избор отколку да продолжеше Тата и следната сезона.
Философијата на Ла Масија можеме да бидеме сигурни дека ќе се движи по строго канализираната патека. Тој е оној кој постојано ги форсираше. Тој е оној кој го гледав и слушав како јљ бараше дисциплината на неговите замисли да се спроведува до максимум. Тој е оној кој слично како и Пеп бараше максимум физикус и максимум концентрација, максимум интелект во секоја вежба. Резултатите со Барса Б, веќе сите и ги знаеме. И само исто така можеме да претпоставиме дека ќе го врати не само сјајот на Барса туку и сјајот на Ла Масија.
Го очекувам со нетрпение првиот официјален тренинг.

14.5.14

ЗОШТО БАБУНСКИ СЕ НЕОПХОДНИ ЗА МАКЕДОНСКИОТ ФУДБАЛ?

Досега многупати пишував за Бабунски, двајцата браќа кои оставаат неизбришливи траги во земјата на најмоќниот и најатрактивниот фудбал, во земјата на европскиот и светски шампион, во земјата на клупскиот фудбал кои ги даваат и годинава финалистите во натпреварите на УЕФА.
Денес нема да се повторувам, само ќе потсетам.
Доказот за се` досега напишано го добив токму оваа недела, во завршницата на националните првенства, кога Дориан во Реал Мадрид со хет-трик само ја потврди минатогодишната сезона уште помоќно и поатрактивно како најдобар голгетер, а Давид кој не остави да не го одбележи својот настап за првата екипа со гол првенец.
Но, тоа не е се`...
Ако Шпанија и Германија неколкупати го претставија Давид, како еден од најинтелигентните млади фудбалери во Европа, чија философија преку неговата активна организација „Скајселф“ се повеќе ги освојува младите (не само фудбалери) во Шпанија и дел од Европа, тоа ние во Македонија можеме да го почитуваме, да се гордееме и да се радуваме дека конечно ќе внесеме и висок интелект во нашата игра, ако ја потпреме на идниот „Чави и Иниеста - две во едно“ во нашиот Давид, со кого во иднина би можеле да го совладаме и секој фудбалски Голијат. 
А Дориан? Во него можеме да го имаме поливалентниот „Ибра“ со високотроцифрено IQ, многуоктанското гориво кое му недостасуваше на македонскиот фудбал.
Иднината ја имаме, треба само да ја дополнуваме со младите наши таленти и да и дадеме форма, која во следните 2 европски циклуса би не одвеле на Финалната игранка на УЕФА.


23.3.14

ПОСМЕШНА ПРОМЕНА НЕ МОЖЕШЕ НИ ДА ОТСОНУВАМЕ

Додека некои се гордеат со амблемите кои се стари и по 50 и 100 години, некој очигледно сака да покаже дека се` од него започнува. А можеби и не е до тоа, туку едноставно... колку чинеше новото брендирање и слоганот? (кој полош и да се сакаше не можеше да се направи. „Обединети од радоста што ја носи фудбалот“!? Сте можеле уште малку и подолго и поописно, па да вметневте збор: „среќа, задоволство, заедно...“ или во местото за слоган да напишевте расказ. А за амблемот нема што да се пишува, премногу е грд за да се коментира. Ќе оставам колегите од адв.аг. (светските агенции во МК) кои ги имавте за услуга со врвните дизајнери што не сте ги искористиле, да ви кажат „колку е часот на таа тема“. И нормално, успат да си се насмееме слатко и на објаснувањата што била сината линија, кај биле зраците од знамето, па топката, па отворите и тркалата ко за ротор да станува збор, а не за фудбалски амблем..:-))))))... и затоа јас НИКОГАШ нема да прашам, „што му недостасуваше на досегашниот амблем“? Затоа што знам што му недостасуваше, „финансиски ребаланс“.

Затоа и се` досега кажано не е битно, туку каде она запрев... Колку чинеше сето ова ребрендирање на организацијата, во амблем и слоган? Тоа е муабетот. На здравје нека е и со среќа.

А за другите работи, ќе почекам да поминат сите задолжителни и незадолжителни хумани обврски и почести, па да ги поставам и тие прашања, за кои не знам само кој и како ли ќе ги одговори? Заборавање, нема да има! Во ниеден случај. Да бидеме на чисто, уште сега.



27.2.14

Нека е со среќа стартот и конечно нека тргне!


Бошко Ѓуровски го објавил списокот на фудбалери за своето прво претставување. Моите прашања и анализи ќе продолжат и понатаму, но сега е време да му се посака искрено среќа и убав почеток, со максимална поддршка од сите. Да проба вистински да ја крене репрезентацијата „од мртвите“ и конечно да направи убав исчекор за сите љубители на фудбалот во Македонија. Помалку да зборува пред микрофони, нека зборува на терен низ игра.

Со среќа нека е.

Време е накратко да замолчам (а и сите останати, кои и најчесто молчат:-) за да му се остави простор да зборува преку стратегијата, концептот, играта и резултатите.
А потоа ќе анализираме и ќе посочуваме.

Бошко, нека е со среќа стартот.

(и искрено од срце се надевам дека се шпекулации сите муабети дека на првата понуда од Јапонија ќе се врати таму. Не дај Боже да ни се повтори „Чедомир“ уште еднаш)

Кое фудбалско првенство е најгледано и најисплатливо во Европа? (анализа)

Последните натпревари од Лигата на Шампионите и Лига Европа ми наметнаа малку повеќе да истражам и да дојдам до податоци кои ви ги презентирам за тоа која е најпосетената, најгледаната и најисплатливата фудбалска лига во Европа. 
Па така споредбените факти ви ги презентирам тука, а вие потоа сами може да заклучите „кој каде се наоѓа“ и кој колку е атрактивен за гледачите во својата земја, за гледачите на стадионите и за оние пред ТВ, па дури и која земја како си го третира своето национално фудбалско првенство.
Бројност на гледачи на стадионите, со процент од вкупната пополнетост на истите:
Шпанија       26,781       68,61%
Англија        36.533       94,80%
Германија     42,907       89,87 %
Италија        23,672       49,73%
Франција     21,095        67,01%
Клупска покриеност со гледачи на петте „нај“ во горенаведените земји:
Реал Мадрид        73,182 или 86% од пополнетоста на стадионот
ФКБарселона        71,731       72 %
Атлетико Мадрид  45,885       84%
Валенсија            36,083       66%
Атлетик Билбао    35,072       96%
Манчестер Јунајтед 75,167        99%
Арсенал                  59,248        98%
Манчестер Сити       47,107        99%
Ливерпул                44,698        98%
Челзи                      41,191         99%
Борусија Дортмунд 80,536        99%
Баерн                    71,014        98%
Шалке                   61,568        99%
Борусија М.           52,328         96%
Хамбург                 51,317        90%
Интер                   46,525          56%
Наполи                42,834           56%
Рома                    40,145           49%
Јувентус              37,897           83%
Милан                  37,020           45%
ПСЖ                  45,241            93%
Олимпик Марсеј 38,459            64%
Лил                   37,065            74%
Лион                  33,036           79%
Ст.Етјен             26,698            76%
Пријавени саатници за медиумско ТВ покривање:
Шпанија е единствена во Европа со 10 саатници во кое нема преклопување на натпревари во ист час. Сите натпревари одат во одделен час, од петок до понеделник. По една во петок и понеделник. По четири во сабота и недела.
Англија 6 саатници, Сабота од 12:45 и 17:30 по една. Сабота од 15 часот 5 натпревари. Недела во 13:30 и 16. Понеделник од 20.
Германија 5 саатници, Петок една. Сабота пет натпревари од 15:30, една во 18:30 и недела 15:30 и 17:30.
Италија со 6 саатници. Сабота 18 и 20:45. Недела 12:30 и 15 (4-5 натпревари), како и 18:30 и 20:45. Понеделник 19 или 21.
Франција, 6 саатници. Петок 20:30. Сабота 17. Сабота 20 (5 натпревари) Недела, 14, 17 или 21 часот.
Слободни и „ПејПерВју“ канали.
Шпанија. 9 натпревари се со плаќање, 1 во понеделник е слободна на Кватро ТВ.
Англија. 148 натпревари во сезоната се со плаќање, а 232 натпревари не одат во тв пренос. Не постои натпревар за „слободно“ гледање.
Германија. Сите натпревари се со „плаќање за гледање“ сем првиот натпревар во сезоната оди „слободно“ на АРД.
Италија. Не постои ниту еден натпревар за „слободно гледање“. Сите се плаќаат на Скај и Медиасет.
Франција. Не постои „слободно гледање“. Сите натпревари се „плаќање за гледање“ на КаналПлус и Беин Спорт.
Претплатни сезонски билети.
Во Шпанија се најскапи за Сантјаго Бернабеу и изнесуваат 1840 евра.
Во Англија истите се најскапи за Арсенал и изнесуваат 2388 евра.
Во Германија најсако плаѓаат оние во Дортмунд 1005 евра.
Во Италија најскапо е за натпреварите на Јувентус, сезонски билет чини 1300 евра.
И во Франција најскап сезонски билет е за ПСЖ од 1930 евра.

Селекторот на женската фудбалска репрезентација фатен во лага!


Селекторот Добрислав Димовски не престанува да ја засмејува јавноста после стратегискиот концепт во Логорњо, сега и со најновата изјава во која очигледно се служи со факти кои не се вистинити, а и многу лесно можат да се проверат.
Имено, се осврнува на тоа зошто не ја повикал голманката Весна Витанова во репрезентацијата, а која како што знаеме беше столб низ изминатите години. Но, со тоа што таа стана една од малкуте критичари на неговото „вонфудбалско менаџирање“, за кое е пишувано и низ други медиуми во неколку наврати, веднаш беше и исфрлена од списоците.
Оправдувањето кое го дава селекторот на еден од авторите и водители Лазо Илиески на емисија на ТВ ВИС од Струмица е следниот, (а може да го чуете и видите по 3:50 минута од должината на видеото подолу)
- Весна Витанова е добар голман, која работеше во репрезентациите, но она се отсели во Шпанија. Со отселувањето во Шпанија јас како селектор немам никакви информации дека она активно игра фудбал, штом не игра фудбал како јас како селектор да ја повикам?... Но во прашање кај Весна Витанова е што не игра никаде и затоа не ја повикуваме... Ние ги проверивме сите информации, но Весна Витанова не фигурира никаде како нивни голман... и причината е само тоа, а ако она настави да тренира и да брани, поред тоа што даде една изјава кое што ја даде дека јас нема да играм повеќе за фудбалската репрезентација на Македонија, јас ќе наставам фудбалска кариера у Америка. Од сето тоа нема ништо и затоа Весна не е повикана. Не е повикана, ќе бидам конкретен затоа што не брани никаде, - изјави Димовски. (говорот ви го пренесовме во цитат)
Ги проверивме и ние фактите и се повикавме на официјалната страница на Каталонската Федерација, каде може навистина да се забележи дека Весна Витанова, две години во континуитет е член на клубот од Шпанија и дека брани на нивните официјални натпревари во Лигата. (тоа може да го проверите и вие на ЛИНКОТ ТУКА). Многу е чудно како ФФМ ја зема „здраво за готово“ усната изјава на селекторот без да ги провери фактите. Посебно што во денешното време постојат и други начини на комуникација, телефон, факс итн, а на страната се сите тие јавно објавени.
Во продолжение ја пренесуваме и изјавата од Весна Витанова по овој повод дека „воопшто не играла фудбал“ како што изјави Димовски:
- Не ме интересираат веќе инсинуациите од селекторот, кој многу добро знаеме зошто не ме повикува и не само мене, туку уште неколкумина, бидејќи јавно и лично нему му го соопштивме ставот за неговото лошо менаџирање со репрезентацијата. Смачено ми е веќе да ги трпам и уцените со кои се соочував лично од него. А за тоа беа информирани и луѓе во ФФМ и пак ништо. Со сменувањето на единствениот тренер Горазд Михајлов кој направи вистинска дисциплина и тим, и повторно назначување на Димовски, можеме само да кажеме РИП за женскиот репрезентативен фудбал додека е тој на чело. Се виде со сите натпревари, а и сите можеа во Македонија да видат што се играше во Шпанија. Тоа е секаде исто. Нема ни стратегија, ни концепт. А сите фудбалерки ги фрла во оган да ни се смееат низ Европа. Чисто информативно, јас уште по доаѓањето во Шпанија, информациите и контактите со мојот клуб ги оставив кај секретарката тогаш во ФФМ и една од главните денес во комисијата за женски фудбал, Аница Трајкова. Што се случувало понатаму со тие контакти не знам. Но со ова што ми го пуштивте се` е кажано. Знам за цела кампања која тој ја води низ ходниците во Федерацијата. Се прашувам само како му веруваат, а не проверуваат!? Инаку еве за вас, една информација која сеуште никаде не сум ја соопштила. Од следната недела заминувам во Стокхолм, на 10 дена каде ќе бидам во контакт со тамошен клуб од првата лига и во тренинзи за дефинирање на мојот евентуално нов договор. Ако се оствари, а ќе знам по овие 10 дена, од април ќе бранам во Шведската прва лига, една од најсилните во светот. А за инсинуациите веќе не ме ни прашувајте, ни барајте изјава. Има официјални интернет страни, има видеа од натпреварите има се`. Кампањата на селекторот е смешна и е за употреба само низ ходниците на Федерацијата... Чудно е што сеуште му веруваат!?, - заврши Витанова.
Во продолжение погледнете го видеото од емисијата на ТВ Вис.
А ова е видеото кое покрена и „лавина“ коментари низ македонската јавност.

24.2.14

Бошко Ѓуровски премногу дипломатски ја шутна првата топка кон ЕП


Бидејќи Бог ми дал можност да прашувам, анализирам, барам решенија и одговори, ќе морам да се осврнам уште на стартот на „дипломатијата“ на Бошко Ѓуровски, кој го ценам како еден од највредните некогашни македонски фудбалери.

Но за да бидеме на чисто, мораме да бидеме прецизни бидејќи мене искрено, одамна ми е смачено само да слушам „хвалоспеви“ од секој што ќе седне на столче, а кога ќе си го подвитка опашот (како Чедомир) да слушам пак дека „тоа е тоа и толку можеме“.

Но, бидејќи најголем дел од новинарите во МК не смеат да поставуваат ниту прашања што не се според „договореното“ а уште помалку пак да анализираат, бидејќи потоа можат да се опростат од патувањата со репка, јас немам такви „карактеристики и желби“ (сам си патувам, на свој трошок, како и секогаш) па затоа ќе почнам со прашањата.

Да почнам од почеток со неговата прва изјава која всушност ми е многу нејасна и премногу дипломатска за селектор, тренер и човек кој треба да ја крене од „мртвите“ цела репрезентација.

1. „Добивме репрезентации против кои можеме да се надигруваме, но отсекогаш сум велел дека најважни сме ние и нашиот пристап кон противникот и играта.“

- Прецизно, ќе ве молам. Што значи тоа „против кои ќе можеме да се надигруваме“? Ќе си играме играчки ко досега, а бодовите „аш“? И после ќе се правдаме дека сме пробале да се надигруваме и толку?

2. „На прв поглед групата е позитивна, можеме да се надеваме на позитивни работи...“

- Прво да разјасниме, бидејќи мене лично не ми е јасно, а верувам и на многумина, што се тоа „позитивни работи“? Што е тоа дека групата е „позитивна“? Дали мисли на некаква позитивна атмосфера, на позитивна дружба, позитивно што ете ќе се дужиме со Шпанците, Словаците, Белорусите итн? Во Фудбалот, колку јас што знам секогаш се дава прецизност. Ако селекторот не е дисциплириан во прецизноста и фокусираноста на целите, како може тоа да го бара понатаму од фудбалерите? Значи, убаво ќе беше да објаснеше што значи тоа „позитивна“? (или воопшто да не навлегува во темата) Дали во број на бодови? Имаме ли намера да освојуваме бодови (по три дома) или ќе одиме насмеани, позитивни, весели, дружељубиви, за на крај пак да сме претпоследни или последни? Многу „дипломатски“ одговори. Премногу!

3. „... не треба да создаваме било каква еуфорија или слика дека можеме до големи работи.“

- Дали ова подразбира она што го кажав претходно? Да не си мислиме дека ќе одиме на ЕП. Бидејќи не сфаќам зошто инаку би била оваа реченица? Големи работи се тие, сем ако не мисли на нешто друго, како на пример, претпоследни, ама барем сега имаме публика, нови дресови, пишуваат за нас во весници...итн... Овој одговор може да го третирам дека едноставно, треба сите да знаеме дека мрдање од претпоследниот шешир, тешко. Луксембург ни е единствениот спас. Значи, и ова премногу „дипло“. Лошо „дипло“!

4. „Ќе се обидеме да создадеме тим од кој ќе има одговорност и обврска да го даде најдоброто од себе на секој натпревар, на тој начин би ја добиле поддршката и од целата јавност, а тоа може да не води до позитивни резултати.“

- Ај како за крај, да не се фолираме. Публика за репрезентација како поддршка имало секогаш многу. Тоа што сега е се` помалку тоа е поради ваквите флоскули повторувани од сите претходно. За играта и да не зборувам, од лошо полошо. Но, со ова веќе потврдува дека сите сме биле во право кога сме рекле дека оваа сегашна репрезентација не заслужува ни да игра, а не да бара публика на стадион. Бидејќи токму тоа и тој го потенцира со тоа што вели дека „Ќе се обидеме да создадеме тим од кој ќе има одговорност и обврска да го даде најдоброто од себе“. Значи прво е „Ке се обидеме“, што не значи и дека ќе успее, нели. А второ е „тим од кој ќе има одговорност и обврска“ што значи дека навистина досегашниот тим беше башибозук без „одговорност и обврска“, што всушност Горан Пандев и јавно ни го откри, а Петар Милошевски проба да ја убедува јавноста дека не е така. Бошко сега само потврди, она што Пандев го отвори.

Значи, да резимирам. Од Бошко Ѓуровски, не чувме ништо ново ниту нешто пак позитивно од она што досега сме го знаеле. Премногу дипломатија не е на арно, посебно не од луѓе кои „не се родени“ за дипломати. Лично му посакувам да успее, а ваквите муабети како овој да ги има помалку. Или да биде прецизен или нека не кажува ништо туку нека зборува на терен и низ резултатите.


Ова е целата изјава, прочитана на официјалната страна на ФФМ:
„- И пред извлекувањето реков дека немам посебни желби кога се во прашање можните противници за квалификациите на Европското првенство. Добивме репрезентации против кои можеме да се надигруваме, но отсекогаш сум велел дека најважни сме ние и нашиот пристап кон противникот и играта. На прв поглед групата е позитивна, можеме да се надеваме на позитивни работи, но не треба да создаваме било каква еуфорија или слика дека можеме до големи работи. Секако дека сме оптимисти, но рано е за било какви прогнози и претпоставки. Ќе се обидеме да создадеме тим од кој ќе има одговорност и обврска да го даде најдоброто од себе на секој натпревар, на тој начин би ја добиле поддршката и од целата јавност, а тоа може да не води до позитивни резултати. Многу важен е распоредот на натпреварите, тоа ќе го дознаеме подоцна, изјави за официјалниот сајт на ФФМ селекторот Ѓуровски.“

17.2.14

Лекција бр.1 за „стручњаците од Логроњо“ :-) (весело и разиграно)

Смислив нешто поинтересно и поубаво, наместо само да ве критикувам.
Тоа понатаму ќе го правам само кога ќе направите скандалозна глупост.

Решив да ви помогнам, бидејќи малку и ми падна жал за вашата неписменост (фудбалска). 

Ќе ви држам лекции, приватни часови по фудбал (пишани овде, секогаш кога ќе гледам ваш натпревар, како овој во Логроњо), а ќе ви се обраќам јавно, за да читаат и вашите „пајташи“ (морав вака да ги ословам, бидејќи, рака на срце, се однесувате како женската фудбалска репрезентација да е ваш приватен имот и да ви е дозволено да си правите башибозук од се` што е македонско)

Време е да почнам со првата лекција (Чатал, не чекај „утре“... и читај им пополека за да можат да фаќаат белешки!)

Значи ова се однесува фокусирано само на тие кои се споменати погоре, но нормално, може да читаат и останатите. Чим сум главна тема на многу состаноци со нивните „помошници“ кои одредуваат и што треба и што не треба да се прави, за оваа цел ќе се консултирам секогаш со стручна помош од искусен фудбалски тренер (не во Македонија, туку секогаш надвор од неа)

Овојпат одбрав човек кој многу добро го познава македонскиот фудбал, посебно женскиот и кој многупати сум го консултирал за совет исто како што неговите услуги денес ги користат и други Федерации. 

Се надевам дека следново ќе ви помогне на сите вам, „стручњаците“ кои бевте во Логроњо и ја посрамотивте целата „фудбалска“ наша држава со своето незнаење, па дури направивте и незгодно да им биде на шпанските тренери кои мораа да ги покриваат устите кога ви се смееја онака од душа, искрено (може да се види во видеото од натпреварот).

Значи, да повторам, ова не е за сите, туку за клупата. Вака јавно, бидејќи најубава ни е ваквата комуникација. И тамам ќе имате и дополнителна тема кога веќе ме коментирате на состаноците. Барем нека биде квалитетно, а тамам и ќе научите нешто, наместо само да бамборите како стари баби.
Епа повелете, за да не не срамите понатаму:

Кратка анализа на играта во Логроњо:

„За голманката нема што да се коментира. Се гледа убаво дека е млада и неискусна и не е во овој момент за А селекција. Штета што не бранеше онаа која ја знам од поодамна која има голем капацитет и искуство токму за вакви натпревари, а беше на клупата со број 12. Ја забележав токму во обид да влезе при крајот, но сепак остана на клупа. Погрешно и тоа. Или се менува после 2:0 или не се менува. Сем ако не е повреда во прашање, што всушност и видовме дека не е. Девојката со број 2 беше изгубена на терен. Дали воопшто некој и кажал дека стои премногу широко во одбрана за да може да дојде во ситуација „еден на еден“ со левиот страничен од шпанките? Не верувам дека некој и кажал, бидејќи ако и кажал ќе можеше и да ја поправат. Попаметно ќе беше да стои до број 8. Токму таа позиционираност е виновна за два гола. Позиционираноста пак на број 9 е виновна за третиот гол. Стоперите одат тесно, а бековите широко, простор за игра на противникот колку сака, а воедно и набиени „во скут“ на голманката. Број 6 е највисока очигледно, но исто така очигледно дека нема многу научено од фудбалот за да може да игра со технички поподготвени противници. Треба да се работи со неа сеуште во основите на фудбалот.  Број 4 трча од шеснаесетник до полукруг на центар, максимум 15 метри и не мрда цел натпревар, ни понапред, ни поназад. Овде некој има нешто многу згрешено со насоките за игра. Во исто време е без играч, далеку е од противникот секогаш. Цела средина е дезориентирана, далеку од противничките, без навремено затворање. Број 9 трча „како изгубена“, слично како и број 7. Андонова ја знаеме сите, но овојпат и мене ме изненади, бега во ширина и виновна е и за 4-тиот гол. Но, неа ја следам во Германија и само можам да насетам дека се претопила во сивилото, затоа што од неа не се очекува ова, никако. Број 11, цело време трча, ама како да не знае каде и зошто трча, бидејќи трча без да прави притисок, со неа си играат „шева“ што ние во фудбалот знаеме да кажеме. Далеку е оставена на 20 метри од гол, дури и 30 метри пред македонската средна линија. Недозволиво! Се има впечаток од целиот натпревар дека Шпанија можела и со 9 фудбалерки и без голман па дури и без нивниот десен стопер, да ја победи вашата репрезентација со истиот број голови. Дури ни лицето на голманката на Шпанија не успеав да го видам на видеото во сите 90 минути. Ова е премногу лошо и за анализа, бидејќи практично и нема што да се анализира. Нема концепт, нема тактика, нема ништо. Нема дури ни тактичка дисциплина, едно од најважните работи во една екипа, каква и да е. А очигледно дека тоа го видов тука, веројатно и не е сфатена вистинската суштина на тие два збора - тактичка дисциплина. Бидејќи без тоа тешко дека еден тренер ќе може да ја презентира својата замисла, а фудбалерките да ја прифатат, да се придржуваат кон тоа. И затоа многупати токму поради тоа некои фудбалери седат на клупа, или на трибини или се со потпишана исписница. Еден Ибрахимовиќ не се снајде во Барселона поради тоа невклопување во системот (на тактичката дисциплина) со „повратна во шпиц“ па мораше да си замине и покрај тоа што има врвни фудбалски квалитети. Тактичката дисциплина е база и за тренерот и за фудбалерите. А овде пак, најмалку што видов беше тоа. Просто не постоеше воопшто. Не знам како може вака да се излезе на терен и да се игра фудбал.“

Името на консултантот чии стручни услуги ги користев, нема да го објавам, по негово инсистирање.  Не сака да биде сфатен погрешно, бидејќи досега бил во соработка и контакт со македонската федерација, па да не го наруши тој однос за понатаму. Но, во секој случај името е познато и го има во моите преписки со него и „во редакцијата“ (како што и се објавува најчесто во медиумите). Авторот на анализата е врвен фудбалски тренер кој работи во УЕФА.

Дочитање, до следниот натпревар, со лекцијата „број 2“...само за вашите уши :-)

Нов скандал со женската репрезентација и покрај катастрофалниот пораз!




Македонската фудбалска репрезентација во Логроњо направи невиден скандал кој за среќа никој не го забележа и поради тоа веројатно нема ни да бидеме казнети. Лично не ми се веруваше дека тоа ќе го видам со свои очи, но ќутејќи и чекајќи да помине скандалот надевајќи се дека само јас како македонец забележувам, се прашував до каде ќе оди лудилото и башибозукот?

Имено, во 83-тата минута е најавена измена на голманот. (погледнете го видеото ТУКА) Треба да влезе Фроска Костова а пријавена во записник е Елена Чакмакоска. Слушам и не ми се верува. Ја гледам Фроска долу, а Елена во ложа. Спикерот продолжува и понатаму со најавата, која на крај не се случува, знаете сите зошто (не е реализирана бидејќи во исто време се повреди Рочи, па направија ротација и забуна дури и кај четвртиот судија, бидејќи „во од“ менуваат, наместо замена на голман, прават замена на фудбалерка. Но во УЕФА сеуште не знаат за фалсификатот и најдобро да не дознаат). А потоа го земам и официјалниот список и ми се потврдува истата приказна. Пријавена Чакмакоска, а на клупа седи Костова. А да не споменувам дека штетата може да биде и за двете фудбалерки индивидуално, но секако со олеснителни околности, бидејќи одговорноста е во самото техничко водство на репрезентацијата и „клупата“.
(еве го и официјалниот извештај на УЕФА  http://www.uefa.com/womensworldcup/season=2015/matches/round=2000433/match=2011907/index.html )
(понеделник, 17 февруари 2014 го пишувам ова во заградава кое следи: Денес по сите мои претходни записи, УЕФА по барање на ФФМ го менува и официјалниот извештај и на местото од бр12 наместо името Елена Чакмакоска веќе, но од денес!!!! стои и официјално Фроска Костова! Значи реакцијата од овој запис е успешна. За да се избегнат евентуалните санкции. Но сите кои го читавте овој блог пред 17 февруари ќе забележевте она кое го пишав токму тука! бр. 12 Елена Чакмакоска! Чисто информативно за да нема забуни дека било се` во ред, и покрај тоа што некој сака да ги прикрие трагите. А како и зошто УЕФА току денес, понеделник 17 феруари, го менува името во записникот на интернет, не можам да знам, можам само да претпоставам. Но за среќа останува видеото кое, за жал не може да се промени :)

Исто како во Турново да треба да влезе Сашко Пандев кој е запишан во записникот, а наместо него да го видиме Лео Меси. Едноставно, така сме одлучиле. На името и легитимацијата на Сашко Пандев, ќе игра Лео и завршена работа. (Сашко прости ми за примеров, само пластично сакав да објаснам:-)

Дали знаете господа дека за вакво лажно пријавување се заработуваат највисоки санкции? Или мислите дека тоа е нормална грешка и дека може кој сака така да направи и после да каже „пу пу не важи, се шалевме“?

А покрај ова ќе отворам уште неколку прашања на кои секако дека нема да добиеме НИКОГАШ одговор, бидејќи целта е да не се разговара за тоа, туку селекторот и неговите помошници да прават што им душа сака:

- Зошто на пример е исфрлена Елена Наумоска од списокот на репрезентативките? Дали е одговорот, дека одби да потпише за Кочани, туку потпиша за Тиверија Истатов? (и пак прашање зошто три голманки наместо квалитетни фудбалерки? Одговорот очигледно лежи во Кочани)

- Зошто не е викната Ленче Андреевска? Затоа што одби да потпише исто така во Кочани, се предомисли во последен миг и потпиша за Конзули од Битола? (а добро знеме која е Андреевска и дека нема направено пауза па тоа да биде одговорот)

- Како тоа скоро цел тим на Кочани е земен во репрезентација, со пионери, кадети и младинци во А селекција, па дури и со цената да бидеме во Логроњо со три голманки, небаре е ракометен тим? За на крај едната да седи во ложа, ниту пријавена за натпреварот. Мораше да се „одработи“ за оној кој е во управата на женскиот фудбал? (може да биде цел тим земен само во случај на вистински понуден квалитет, а не дечиња кои сеуште имаат за учење)

- А наместо пионерчињата, кадети и младинци од Кочани, не е земена ни Маја Ангеловска која ги има поминато сите репрезентативни категории и има поголемо фудбалско искуство од претходно споменатите. Истиот случај е и со Нетка Спасова. Затоа што не потпишале за Кочани, туку за Тиверија? Посебно што уште во второто коло Кочани игра против Тиверија. А најстрашни се одговорите како на пример за Нетка Спасова која на тестирањето во клубот (спроведена по налог на селекторот) била најдобра но не ја земал поради тоа што „лоши муабети слушал за неа“ (!?) Прво како може селектор да се занимава со улични муабети и рекла-кажала, наместо да гледа игра и квалитет?

- Сличен пример е и со Станкица Атанасова, која ги има поминато сите репрезентативни категории и е далеку поискусна и поквалитетна од пионерчињата? Но, затоа што игра во Оризари кој е директен конкурент на Кочани, истата приказна?

- И едно прашање до ФФМ (кои како раководство, сигурен сум дека не знаат што им се случува во женскиот фудбал), дали имаат намера да пуштат на клупа (не само во организација) некого што добро знае странски јазик за да не се прават глупости и да разговараат со пантомима со официјалните лица на УЕФА (конкретен пример имаат и во видео материјалот, каде сите на клупа сем на македонски и српски едвај се разбираат, па затоа и имавме „шпанско село“ ситуации каде еден од помошниците 5 минути „се разбира“ со судијката на која страна треба да се сместат нормално на крај со најдоброто решение - „пантомима“). 

Следува уште еднаш и видеото на линкот со скандалозната измена и различни фудбалерки на список и на клупа.

15.2.14

Зошто е поубаво да не пишувам?

Мислам дека ова треба да е последно пишување на темата за срамот.


Нема да пишувам не само за срамот, туку нема да пишувам ниту за комплетната фудбалска неписменост. Нема да пишувам ни за формацијата 1 - 9ипол - пола. Нема да пишувам ни зошто не беа земени барем едни од најдобрите почнувајќи со Брахими, Станковска, Андреевска, Спасова, Ангеловска, Димковска кои и "со една нога" ќе беа покорисни отколку многумина, а за нивното искуство и да не зборам, наместо пола од овие кои ги гледавме, а до пред година дена не ни знаевме дека играат фудбал. Нема да пишувам ни за Весна Витанова, едноставно поради тоа што иако сум секогаш објективен, не сакам никакви инсинуации, ионака настрада поради "мене", а плус тоа и јавно пред неколку дена таа сама изјави дека после се нема веќе намера да брани за репрезентација. Нема да пишувам ни за промената на голман во 83-та минута која, како одлука, е под секое педагошко ниво, пред се'. Нема да пишувам ни за "муабетот" кој треба да реализира припреми, на "државен трошок", за Кочани да може да го добие Оризари и потоа некој да си го добие подарочето за ЛШ учеството, од "партнерот". Нема да пишувам ни зошто е веројатно дека ќе го изгорат можеби и најголемиот млад наш талент, Марковска, наместо да дозволат да се развива по категории, но така пак немаше да може да "му ја украдат" на Изов, ако не ја земеа на прошетка до Шпанија. Нема да пишувам ни за имбецилните факти дека најдобар е оној кој најмногу истрчал, а не оној кој играл фудбал. (е за тоа ќе се смеам до бесвест) Нема да пишувам ни за тоа дали Наташа Андонова сама барала или селекторот ја ставил да игра последен човек во одбрана, шпанците кажаа се' во нивните коментари и само се чудеа што ли размислуваат сега на клупа. Нема да пишувам што можеби и треба да биде барање до професорот Боби Марковски, да му ја скинат Лиценцата "тренер" на селекторот, која му ја дале "од што било неизбежно". Нема да пишувам ни за тоа што истиот не го разбира поимот "репрезентација" туку го толкува веројатно како своја фудбалска школа со име "Моите први фудбалски чекори". Нема да пишувам ниту за било кој сегмент понатаму од најлошиот резултат што само две репрезентации го имаат доживеано, покрај нас како трета, бидејќи целото водство збеснува ако некој почне да ги анализира и критикува, а некои фудбалерки се толку сентиментални што веројатно написите ги кочат да го искажат својот велелепен фудбалски талент на терен. (и среќа што цел живот играат во територијата од Милановац до Зрзе и од Драч до Софија, иначе со такви сентименталности дека никој, сем тие самите, не смее да ги критикува и анализира, ќе беа изногирани за дел од мигот во било кој клуб низ Европа-такви принцези не одгледуваат во ЕУ). Нема да пишувам веќе ни за статистиката и за видеото од натпреварот кое и сами можете да го погледнете и без да пишувам, бидејќи и ако не пишував, некому можеби повеќе ќе му одговараше тишината и мирот, хармонија, не од 12 туку и од 20 парчиња да беа, ќе беше хармонија за мир; што помалку се пишува и помалку се знае, а што помалку се знае, повеќе се верува во тоа што секој сам ќе си пласира "супер, најдобри, прекрасни".


Нема да пишувам ни за тоа веќе зошто не треба да пишувам, бидејќи всушност ретко кој знае да чита што пишувам...

12.2.14

Тргна!

Почитувани пријатели, симпатизери и навивачи на ФК Барселона,
имаме големо задоволство да Ве информираме дека првото Здружение на поддржувачи на ФК Барселона во Македонија е веќе регистрирано во Централниот Регистар на Република Македонија под официјалното име „Пениа Барселониста Сис Копес Топки“ (Penya Barcelonista Sis Copes Topki - во оригинален запис, а со превод на македонски „Пениа на Барселонисти Шест Купа Топки) и под директно покровителство на ФК Барселона, Шпанија.
Со новите промени во Статутот на ФКБ кои беа донесени кон крајот на 2013-та година, Македонија го задржа правото за формирање на вакво здружение само поради исполнување на правилата за минимум 5 годишно членство на „основачот“ односно Претседателот на истата.  Досега во неколку наврати, се правеа обиди за конечна регистрација, но промените и во Статутите на самиот клуб, наметнаа нови исполнувања.
Затоа, денес можеме да бидеме задоволни дека конечено добиваме целосно и комплетно поврзување со нашиот омилен и сакан клуб.
За кратко се очекува и официјалното претставување во ФКБ, во секторот Пении, а дотогаш го воспоставуваме линкот со Вас, со цел и да ја зголемиме нашата првична активност и зголемување и групирање на Членството.
Првата Пениа од Македонија е со седиште и адреса во Струмица, а наскоро ќе ја прошири својата активност и низ останатите градови низ Македонија.
Беше донесен и Статутот, како и Програмата за активности во 2014-та година, како и за новите во 2015-та година, за кои ќе ве информираме доплнително.
Денес нашето Здружение брои 220 членови, а по официјалното соопштување и во седиштето во Барселона, ќе започне и со зачленување на сите нови, меѓу кои ќе ни биде задоволство да бидете и Вие.
Сите членови на првото здружение на ФК Барселона во Македонија ќе добијат свои карнети (СОСИ картички) печатени и испорачани од седиштето во Барселона, како дел од македонските официјални навивачи и членови. Истите ќе ги добијат и сите бенефити со кои ФКБ располага за сите пении во светот. (Сумата за членство ќе биде симболична за Македонија, за цела година, согласно условите од ФКБ)
Ако досега не можеше да се добие рамноправно СОСИ членство (кое сега го имаат само двајца Македонци, основачите на оваа пениа) и уште тројца со „членство во пауза“, со формирањето на оваа Пениа, секој Македонец по исполнувањето на тригодишното наше членство, ќе може да добие и полнoправно, со право на глас како и сите 150.000 низ светот.
Членството опфаќа и други бенефити, од купување на влезници, организирано патување за натпреварите на ФКБ на Камп Ноу како и на гостински терен, нарачување од официјалната продавница (интернет или лично), посета на музејот и внатрешноста на стадионот, и уште многу други поволности.
Нашите пениисти ќе имаат и активно учество во реализирање на програмата на првата македонска пениа официјално и под покровителство на ФКБ.
Струмица 2014, е местото каде наскоро ќе биде отворена првата канцеларија на ФКБ во Македонија, најфудбалскиот град во државата и местото каде веќе „се станционираа“ неколку кампови на големите фудбалски европски гиганти.
Од таму ќе тргне и патеката на поставување на првото македонско обележје на еден од столбовите на Камп Ноу.


Visca Barça, Visca Macedonia! 

2.2.14

Пике „црната дупка“ во поразот од Валенсија


Ако се анализираат само головите, одвоено, време е Пике да добие „заушка“ и да почне да се концентрира на играта. Лесно е со Елче и со Алмерија (иако и тие максимум даваат) но да бидеш изгубен случај против Валенсија и да паднат сите голови само поради дезориентираност на централниот одбранбен, е премногу. 

Второ, грешката е и со Алексис. Неговата амплитуда на „лош и добар“ се менува од натпревар во натпревар, а тој секогаш е „титулар“ што би рекле овде. Е не може. Очигледно и не смее. Инаку нема веќе враќање на првата позиција.

А ако разгледуваме „дефокус“ прашање е и што се случуваше со Валдес?
Да не беа во карантин, ќе ви кажев дека сурфал, па претерал... Но, повеќе од сигурен сум дека синоќа не беше дома, барем ги видов жена му со децата сами. Значи, наместо дефокус како денешниот требаше барем да биде тој „на висина на задачата“. А тој беше и повеќе од „аут“, од што некогаш сме очекувале дека можеме го видиме. Останува сепак на крај пак да прашам „што ли правел сношти Виктор, каде бил и кога се вратил“? (во карантинот).

Меси? Да не беше рамото кое го свирнаа како пенал (очигледно погрешно) којзнае ли каде ќе го баравме!? Дали тоа се чувствува фрустрираноста „кон ривалот“ која две години ја чувствуваше Кристијано во обратна насока?

Чави... и останатите, хмм... помалку од Пике, но и тие се вклопија. Како и тие да беа опседнати од новиот спот на жена му, па заборавија дека имаат важен натпревар против Валенсија. А некои од нив не ни заслужуваат коментар, бидејќи и скоро ништо да не покажаа со што ќе направеа разлика на терен. (а она што Тата го спомна како изговор на Пресот, нема ни да го споменам, срам ми е, бидејќи така ни како мал не се правдав кога ќе доцнев на часови, со „се заглавив во лифт“)

Успат, уште еднаш. Пике е дефинитивно „црната дупка“ од овој пораз кој може да биде многу опасен во перидот кој следи, бодовно. А „црната дупка“ (ама ептен „црната“ денес) можам само да претпоставам дека беше Ријана. Токму за тоа години наназад збореше Пеп, го казнуваше со седење на клупа и не дозволуваше ФКБ да биде потпрена на неговата недисциплина. (веќе утре, 2 феруари, и двајцата со Шакира можат да си го прослават роденденот, Пике 27, Шак 37, а на гости и да си ја викнат и другарка им, за да не бидат „залудно загубени“ трите бода)

И последно, Тата е тука токму затоа, да ги изменаџира нештата и кога одат и кога не одат. Посебно, кога тешко одат, за да тргнат. Во тоа се разликуваат добрите од лошите менаџери. А Тата очигледно дека е на средината. Барем според покажаното, бидејќи одличен е кога на екипата и оди добро, но скоро никогаш не може да се снајде кога нешто ќе трокира, а посебно кога ќе откажат повеќе делови. 

И затоа Чоло е оној кој оваа сезона, за жал на сите симпатизери на ФКБ, ќе го држи долго време првото место а веројатно и ќе ја има на крај титулата в раце.