15.2.14

Зошто е поубаво да не пишувам?

Мислам дека ова треба да е последно пишување на темата за срамот.


Нема да пишувам не само за срамот, туку нема да пишувам ниту за комплетната фудбалска неписменост. Нема да пишувам ни за формацијата 1 - 9ипол - пола. Нема да пишувам ни зошто не беа земени барем едни од најдобрите почнувајќи со Брахими, Станковска, Андреевска, Спасова, Ангеловска, Димковска кои и "со една нога" ќе беа покорисни отколку многумина, а за нивното искуство и да не зборам, наместо пола од овие кои ги гледавме, а до пред година дена не ни знаевме дека играат фудбал. Нема да пишувам ни за Весна Витанова, едноставно поради тоа што иако сум секогаш објективен, не сакам никакви инсинуации, ионака настрада поради "мене", а плус тоа и јавно пред неколку дена таа сама изјави дека после се нема веќе намера да брани за репрезентација. Нема да пишувам ни за промената на голман во 83-та минута која, како одлука, е под секое педагошко ниво, пред се'. Нема да пишувам ни за "муабетот" кој треба да реализира припреми, на "државен трошок", за Кочани да може да го добие Оризари и потоа некој да си го добие подарочето за ЛШ учеството, од "партнерот". Нема да пишувам ни зошто е веројатно дека ќе го изгорат можеби и најголемиот млад наш талент, Марковска, наместо да дозволат да се развива по категории, но така пак немаше да може да "му ја украдат" на Изов, ако не ја земеа на прошетка до Шпанија. Нема да пишувам ни за имбецилните факти дека најдобар е оној кој најмногу истрчал, а не оној кој играл фудбал. (е за тоа ќе се смеам до бесвест) Нема да пишувам ни за тоа дали Наташа Андонова сама барала или селекторот ја ставил да игра последен човек во одбрана, шпанците кажаа се' во нивните коментари и само се чудеа што ли размислуваат сега на клупа. Нема да пишувам што можеби и треба да биде барање до професорот Боби Марковски, да му ја скинат Лиценцата "тренер" на селекторот, која му ја дале "од што било неизбежно". Нема да пишувам ни за тоа што истиот не го разбира поимот "репрезентација" туку го толкува веројатно како своја фудбалска школа со име "Моите први фудбалски чекори". Нема да пишувам ниту за било кој сегмент понатаму од најлошиот резултат што само две репрезентации го имаат доживеано, покрај нас како трета, бидејќи целото водство збеснува ако некој почне да ги анализира и критикува, а некои фудбалерки се толку сентиментални што веројатно написите ги кочат да го искажат својот велелепен фудбалски талент на терен. (и среќа што цел живот играат во територијата од Милановац до Зрзе и од Драч до Софија, иначе со такви сентименталности дека никој, сем тие самите, не смее да ги критикува и анализира, ќе беа изногирани за дел од мигот во било кој клуб низ Европа-такви принцези не одгледуваат во ЕУ). Нема да пишувам веќе ни за статистиката и за видеото од натпреварот кое и сами можете да го погледнете и без да пишувам, бидејќи и ако не пишував, некому можеби повеќе ќе му одговараше тишината и мирот, хармонија, не од 12 туку и од 20 парчиња да беа, ќе беше хармонија за мир; што помалку се пишува и помалку се знае, а што помалку се знае, повеќе се верува во тоа што секој сам ќе си пласира "супер, најдобри, прекрасни".


Нема да пишувам ни за тоа веќе зошто не треба да пишувам, бидејќи всушност ретко кој знае да чита што пишувам...

No comments:

Post a Comment