1.9.08

ПЕКОЛЕН СТАРТ . . .

Авантурата конечно започна со сиот свој сјај.
Овојпат нема да пишувам во елаборација, на мене омилените натпревари, туку само ќе искомбинирам неколку свои ставови, кои упорно ги повторувам секоја сезона. Ама очигледно и јас се повеќе се сомневам во нив, се додека не се случат па да сфатам дека залудни биле сомнежите.
За што станува збор?
За тоа дека секоја сезона пред старт на Примера и Калчо, кога ќе падне муабет со пријателите дека оваа година „ќе се делкаат„ полесно фиксните, секогаш ми текнува на еден „кладилничарски муабет„. Најголемите пари ако сакаш да ги заработиш на обложувалница, тогаш играј ги само првите и последните 6 кола. И тоа само фаворитите, кои би требало да се чекаат на изненадувања.
Тоа се случува скоро секоја година.
Ова прво коло е „ дежа ви„, по којзнае кој пат...
Изгледав неколку натпревари, за жал, еден и со македонски коментар... и по којзнае којпат зажалив, што во неделата не си го гледав дома, за да си го направам сам изборот... (а од коментирање ќе се поштедам и себеси и Вас, затоа што многупати е зборено, пишувано, објаснувано, и очигледно дека некои работи не се менуваат... што велат „ум со инка не се тура„. (...и точка... и толку !)
Е сега да се вратиме, на темите кои овде читателот повеќе, ем ги разбира, ем ги нуди (како свои лични, блог - ставови) ... за среќа! :-))) ...
Реал. Дури и мене ме изненади, иако можеби требаше да бидам поподготвен на вакво нешто. Шустер ќе треба веројатно да размисли дали се исплатеше „кавгата„ со Робињо. Депор не направи којзнае што, туку на некој начин само го поттргна чергичето под кое шампионот, цело лето ги поттурнуваше проблемите. Оние кои ја гледаа Барса во реваншот од Лигата на Шампионите, сигурно беа сведоци, дека тука немаше ни трунка „наместен„ резултат. Едноставно, Пеп сака ама машината не може. Треба време и за Хлеб и за Анри, па дури и за Меси во ваква комбинација, па дури и со Алвеш, а во исто време под притисок. Едно се подготвителните, а друго натпреварите во кои сите медиумски очи се свртени „кон тебе„. И нормално, статистиките и рекордите се тука за да се рушат. Барса првпат после 14 години губи во првото коло од Ла Лига. А и Пеп ја памети Нумансија уште пред дванаесет години, кога едната грешка ја чинеше Барса нерешено во Копа дел Реи.
Оваа сезона ќе биде уште поатрактивна бидејќи двата вечни ривали, во директна пресметка ќе ги ловиме секое коло. Реал Мадрид ќе ја брка Барселона низ цела сезона... Со исклучок на двете кола, во сите останати, кралевите ги преземаат противниците на Барселона, во секое следно коло. Тоа на некој начин ја олеснува директната пресметка. Барем за нас, симпатизерите, па дури и за фановите. Ги гледаме едните, (само во обратен аспект дома-гости) а наредните веќе со истиот противник во очи за седум дена.
Меѓу сите резултати, ќе бидам искрен и ќе кажам дека драго ми е за трите бода на Валенсија. Оваа година имаат уште посилен тим кој може да биде еден од конкурентите за високите четири места. Исто така тоа го делам и за Атлетико. Иако Синама Понгол, многу поефективно ја заврши задачата која ја имаше Агуеро, токму Агуеро е една од главните алки за почетното водство и целата концепција на Агуире. Нормално, секогаш ми е драго кога и него го гледам во фантастично издание.
Примера, без оглед на нашите субјективни ставови, стартуваше експлозивно... како трка на 100 метри на која се очекува нов светски рекорд.
И Италија оваа сезона очигледно се враќа на нешто што го знаевме пред многу години. Ете го и таму правилото „за првите шест кола„. Со многу задоволство од она што го покажа со Рома, Наполи ми го наполни срцето, покрај победата на Лацио. Италија, веројатно сигурно се враќа кон старата слава. Тоа ветува само едно дека: АТРАКТИВНОСТА И ОВАА СЕЗОНА Е ЗАГАРНТИРАНА!

П.С.
...после паузата, се враќам со стандардните анализи поединечно ... :-)))))