11.4.08

МАЛКУ НЕДОСТАСУВАШЕ ДАВИД ДА ГО УНИШТИ ГОЛИЈАТ

Фудбалот е многу интересна проблематика, не само од спортски аспект, туку и од социо-психолошки. Конкретниот пример со натпреварот од Купот на Уефа меѓу Хетафе и Баерн од Минхен, беше вистинска слика што се случува кога ќе го потцените противникот.


Давид од мадридското предградие
против Голијат од баварскиот велеград.

Уште пред самиот старт на прашањето од новинарите за тоа колку знае за Хетафе, Франц Бекенбауер одговори „...многу малку, скоро ништо...„. Тоа не предизвика револт кај претседателот на шпанците, Анхел Торес, туку тој веднаш ладнокрвно и одговори „... ние достојно ќе ги пречекаме, и се надевам дека ќе им останеме во долго сеќавање, а потоа сите ќе побараме дури и автограм од Франц Бекенбауер...„. Неговата иронија, малку недостасуваше да се оствари, а Хетафе да стане светска „успешна приказна„.


Лаудруп, човекот кој е единствениот во историјата на шпанскиот фудбал што има освоено 5 титули едноподруго со 2 различни клуба (Барса и Реал), беше на прагот да го сврти сето внимание и кон себе. Актуелен е деновиве за Барселона, но и за Челзи. Сепак се ќе остане само на неостварена желба.


А да повторам и да ја потенцирам неверојатноста.

Клосе, Рибери, Тони, Кан, Зе Роберто, Подолски, Лам, Ван Бомел ....
Vs.


Каскеро, Пато, Контра, Селестини, Беленгуер, Кортез, Браулио...


Дали и Вам Ви изгледа неверојатно и чудно?

И да потсетам дека Хетафе од 6-тата минута играше со играч помалку, сите 90 минути (вклучени и судиските надополнувања), плус продолжението (2х15).
Играше со играч помалку, а изгледаше како да игра со тројца повеќе. И тоа во својот прв историски настап во Европа.

(Хетафе во Примера влезе во 2004-та година. Првиот натпревар во Минхен заврши 1:1, а во Мадрид резултатот беше 1:1 во регуларниот дел /3:3 во продолжението)

Штета, за Хетафе, ќе беше пример за сите мали клубови на кои само ќе им ја потврдеше теоријата дека ако се игра исклучиво со срце, тогаш и Голијат е мал залак што лесно ќе се проголта.

Штета.



П.С.

„ Барселона и натпреварот против Шалке, за мене паднаа во сенка на овој фантастичен дуел, еден од најубавите и најнеизвесните кои сум ги гледал...

8.4.08

ПАЊОЛАДА ЗА ЛАПОРТА !

По се што се случи во последниот натпревар мислам дека веќе не треба да го трошам ни Вашето ни моето време на анализи за нелогичните потези на Рајкард. Мислам дека е подготвен „и вреќа сол да изеде за инает„, со глава низ ѕид не се оди, ама веројатно тоа никој не му го кажал.
Дури и, начелно, „повредата„ на Роналдињо е резултат на тој „магарешки инает„.
Но тоа е голата вистина во тимот!


А синоќешната „пањолада„ (прва од летото 2003-та наваму) веројатно треба да го освести и Лапорта, дека со непреземање вистински чекор и трасирање на една нова Барса во наредната сезона, тешко дека некој ќе го даде гласот на избори за него. (само да потсетам дека на избори во Барселона, гласаат сите кои имаат платено членарина за годината, плус минимум најмалку една година „стаж„ - од цел свет).

А пањоладата не беше наменета само за Лапорта, туку и за целиот негов одбор.

Во едно сум сигурен, моите претпоставки сепак беа точни.
А сега веќе имам и повеќе храброст и да ги дополнам.
Реал Шампиион.
Леванте, Мурсија и веројатно Сарагоса (и таму во киксот против Бетис се беше обелено од пањоладата за заминување на целиот управувачки одбор) во втората Лига.
Тешко ми е да пишувам понатаму по киксот од Хетафе...
Хетафе покажа дека не е шега. А и Баерн, се е поверојатно дека ќе биде „изненаден„. Не само во „ТОПКИ„ туку и одамна во неврзан муабет го споменав како најубавото изненадување во Европа, кое синоќа го виде и Камп Ноу.
(нема изговор дека имаше „мал милион„ шанси и стативи... мораше да бидат голови... страшно, страшно...)

Надежта е Шалке.
Во среда вечер, мислам дека голот на гостите од Гелзенкрхен ќе биде растргнат!
Што поради бес, што поради враќање на моралот.
А да бидам искрен, за несреќа, тоа ми е и еден од подрагите клубови од Германија.
(трипати сум гледал натпревар на Ауфшалке Арената, и двапати имам поминато неколку дена во Есен и Гелзенкрихен. Таму во живо гледав финале од Лигата на Шампионите и ја гледав онаа победа на Аргентина над СЦГ од 6:0, со еден од најубавите голови на СП во Германија. Од тие причини, можеби ќе ми биде жал ако го „растурат„ гостинскиот тим, но како и да е дај Боже, барем фудбалерите да се вратат со малку стимул пред Манчестер...)

П.С.
„ ...веќе ни Меси не може да ја спаси ситуацијата, сем за евентуалното финале во Москва...„

Забелешка:

Дел од каталонските и шпанските печатени медиум утринава имаа слични наслови во своите текстови...тоа е сосем случајно (ако некој препознае сличност) со насловот и во МОЈОТ СТАВ. Ова беше првата моја идеја за наслов, веднаш по завршување на натпреварот против Хетафе, со оглед на тоа дека ова е прва ПАЊОЛАДА по летото 2003 кога претседател на Барса беше Хоан Гаспарт.