7.7.17

Зекири е нормална појава во едно девастирано општество, но...

Кога имате пред себе една девастирана држава и општество кое воопшто не наликува на нешто што би требало да функционира по барем основните цивилизациски стандарди, тогаш воопшто не се изненадување никакви пост фестум девијации на функции, девијации во управувањето и едноставно девијации на „ново“ видување на нештата, колку и да сакате тоа да е така.

Токму од тие причини на Македонија и се случи Зекири.



Зекири, со став на лице кое е назначено да раководи со држава. 
Лице кое треба да создава услови за живот на милиони други. 

Од тие причини, партија на власт (секако и на опозиција, која еден ден тежнее да дојде повторно на власт) мора да внимава какви "лични ставови" става на функции. Затоа не е исто да разговараме за таков личен став на човек меѓу нас и на човек кој треба да носи одлуки во името на сите нас.

Затоа треба на сите тие функции да се ставаат луѓе кои се најдобрите од сите нас.

Луѓе кои имаат расчистено со предрасуди и ставови слични на овие. 
Можеби моево е само утопија, но никогаш нема да се откажам од тоа дека треба да тежнеам кон најдобриот избор.

Зекири не ја утна, тоа е негов личен став за кој можеме да дебатираме 1001 ноќ.

Партијата на власт ја утна.

И се закопува уште повеќе со тоа што не извлекува поука од сите поумни кои го критикуваат моментумов.

А можеби помина времето на критика, којзнае!?

2.7.17

Само проста маса можеш да манипулираш со Про Боно работа во власт!

Работењето Про Боно (во буквален превод „за добро“, а се однесува на работа за која нема да се бара финансиска надокнада) е една реално и суштински многу хумана акција. 

Многу препознатливо е кога адвокатите прифаќаат Про Боно работа.


Но, да се прават спектакли од прифаќање Про Боно функција во високата државна политика или во администативни функции на Влади и нивни администрации е сосем различно препознавање.


Тоа е она што најчесто простата маса не го разбира и дозволува да биде изманипулирана.

Секој би работел Про Боно ако може да има целосна контрола врз Бизнис климата во државата, ако авторитетот на функцијата му дава да ги влече конците со кои ќе се зголемуваат приходите на „фамилијарниот“ или „личниот“ бизнис.

Голем дел од политичарите (читајте ја Наоми Клајн за да ви биде појасно, за сите вакви примери во „големите светски Влади“, на пример) дури и инвестираат огромни пари за да бидат избрани за функција во Влада, а потоа да ја извршуваат функцијата Про Боно. Затоа е комплетно погрешно од такви ликови да се прават икони, идоли и квази-хумантирци. Такви ликови многу добро си пресметале зошто се токму на тоа место „Про Боно“, во милиони и милиони евра, долари или која и да е валута.

Затоа подобро е малку да почнете да учите, да размислувате и да не дозволувате медиумите да ве влечат за нос како тоа некој со многу кеш работел Про Боно во рамки на Влада или Владина институција, „за доброто на државата“.

Никој. 
Никогаш!