6.1.10

ПРЕД НОВ ПРЕДИЗВИК . . .

Една година остана зад нас, година во која се срушија сите рекорди и година која ќе остане запишана во светската историја на фудбалот како „нова граница„ за која во наредните децении или век некој ќе треба тоа да го сруши.
Барселона, повеќе од сигурно е, дека тоа нема да го направи, барем не во следниот период. Иако се чудам на многумина кои пишуваат во контекст „толку беше, оваа година нема да го повторат истото...„ итн. Јас само ќе поставам прашање, а дали некој до сега го направил, па за да е толку лесно дури и да го повтори?
Но, тоа ќе го оставам на оние кои фудбалот не го разбираат во неговата суштина и кои мене воопшто не ми биле предизвик ниту да одговорам, а уште помалку да се „трошам„ на таквите констатации.

Што е важно?

Пред нас е исклучително тешка година. Тешка година во која ќе има премногу силни соочувања во борбата за двете титули кои ќе бидат и најважни за освојување, Ла Лига и Лигата на Шампионите. Само еден рекорд сега може да биде предизвик, рекорд кој вели „никогаш НИКОЈ ја нема одбрането титулата во Лигата на Шампионите„.
Можеби тоа е следниот најсилен предизвик.


Дали е можно?

Реално и теоретски, да, можно е. Но, прашање на кое е тешко да се одговори е „дали конкуренцијата е посилна од минатата година?„.
Тука „лежи„ и единствениот одговор.

Ако тргнам по некој редослед „без ред„, не треба да биде тешко да се заклучи дека конкуренцијата е многу посилна, без оглед кој ќе продолжи понатаму и против кого може да играат во секој следен чекор на патот до Мадрид.

Inter, доволно силен за да може тешко да се премости во секој следен евентуален чекор. Силна и цврста одбрана, која тешко прима голови и одбрана која веќе добро ја има проучено средната линија на Барса, која на некој начин во изминатите натпревари, посебно оној на Камп Ноу, одлично ја заврши работата. Дуплицирањето и ротирањето на Иниеста и Чаби, во секој следен напад на различни страни, веќе нема да пројдат кај Мурињо, уште помалку кај Камбијасо кој беше комплетно збунет 45 минути. Тоа кај големите клубови и искусните тренери поминува само еднаш.

Ако пак пројде Chelsea, тоа е веќе добро позната работа. Единствен клуб во ЛШ кој нималку (со години) не одговара на играта на Барса се токму сините. Казан направи копи-пејст и успеа, но Казан не е Челски за да можеше тоа да го прави постојано во секоја прилика. Кога разговарам со било кој од клубот, секогаш одговорот им е „само не Челзи или ако мора, нека биде во финале„. Тоа кажува повеќе од се што и јас би напишал...

Milan? Па со оглед што секогаш е расположен за Шампионска игра е исто така голема опасност. Со Дињо и Бекс се веќе многу покомпетитивни отколку порано. А згора на се, тие се само со таа цел. Со години наназад, најопасни се кога се „отпишани„. Manchester United, не би го ставил во оваа група, затоа што тоа е еден од гигантите со кој секое соочување може да биде веќе празник во Каталонија. Јунајтед е далеку од моќта која ја имаше до лани, а сега пак веќе не е ни во состојба да игра „игра„ која не е негова препознатлива. Значи, ако Ферги лани можеше (но поради докажување со медиумите, не сакаше) да игра како Челзи во Рим, оваа година и да сака нема да може.

Bayern Munich е уште една од точките која има среден ред со многу слична игра како и Барса, но разликата е во многу помалку пасови и најчесто тие се одвиваат преку две точки на средниот ред. На прв поглед, лесно би се справиле ако се неутрализираат тие точки, но не станува збор за класични фудбалери од среден ред. Баерн Минхен исто така има неколку поливалентни фудбалери кои многу добро знаат да играат одбрана и лесно да го трансформираат нападот во одбрана и обратно.

Sevilla? Уф, не сакам да споменувам. Пред неколку недели пишував токму за неа. Тоа е единствениот тим во Ла Лига кој може да го победи и Реал и Барса, во секое време. Две исклучително брзи крила, моќни, кои создаваат неверојатно брзо вишок во контра кон уште поопасните централни „високи„ напаѓачи. Нешто за кое многу тимови нема да имаат решение ниту во Лигата на Шампионите. Ако некоја екипа има можност да направи изненадување и далеку да стигне, тоа ќе бидат токму тие.

Arsenal и останатите, не би ги споменувал, односно, нив би ги ставил во таа не толку опасна група на противници. Како и да е, нема да биде ниту пак лесно, но сепак малку полесно од претходните.

А во Ла Лига, сем андалузијците кои покажаа дека можат и кои ќе бидат тешко соочување и во реваншот од Копа дел Реи, (а веднаш потоа и во редовното коло) не гледам друг противник кој може да направи пореметување на табелата. Ел Класико, стандардно без коментар (и во едната и другата варијанта), бидејќи тоа е пред се предизвик од прва категорија.

Ла Лига е поверојатна оваа година од Лигата на Шампионите. Копа дел Реи можеби во ваквов распоред на силите и треба да се напушти. Експериментите со Чигрински, Максвел и Бојан кои Пеп ги форсираше на натпреварот од Купот се веројатно можност за изненадување во некои од натпреварите од УЕФА. Сега засега тоа изгледа неуспешно и тешко дека ќе помине.


Токму затоа, веројатноста дека ќе се одбрани титулата е многу тешка. Една- сигурно. Двете потешко, иако и тоа може да биде реално, ако Африканскиот Куп донесе „изненадување„ кај противничките екипи. Но, трите титули во првиот дел од сезоната, многу тешко. А можеби и најпаметно е да биде и токму така.

Годината на Светското Првенство, нека биде и година во која ќе се постави нов рекорд.

Нека се одбрани она што никому досега не му успеало...