Зошто?
Едноставно, оптеретувањето кое се случуваше токму изминатите две недели, ми налага мојот став да биде токму таков. Фудбалот, во последниве години станува екстремно интензивен во одредени периоди. А тоа е и овој низ кој штотуку проаѓаме. Ова најмногу се однесува на фудбалерите кои се врвот на светскиот квалитет, а воедно и се дел од најдобрите фудбалски клубови кои играат во Европа. Овој коментар најмногу се однесува на клубовите како Манчестер Јунајтед, Арсенал, Челзи, Ливерпул, Барселона, Реал Мадрид...
Направете една мала анализа, каде нивните фудбалери играа во последниве десетина дена и се ќе ви стане јасно.
Бидејќи со најголемо внимание ги следам игрите на мене омилените репрезентации, клубови, фудбалери, кратката анализа ќе ја направам токму со нив, но уште еднаш ќе напоменам дека тоа важи и за останатите кои погоре ги споменав. Ја гледав играта на Аргентина во првиот натпревар на Монументал, во Буенос Аирес и онаа во Ла Паз во Боливија. Двата натпревари беа комплетно различни. Првиот беше скоро совршена слика за она што може и да се очекува од сино-белите, додека во Боливија беше сосем друга приказната. Меси, којзнае дали имаше претрчано повеќе од три километри за време на целиот натпревар. Гаго одвај се спојуваше со топката, Хајнце не можеше да се движи сам низ целата одбранбена линија и најчесто доцнеше во секој дуел. Но, не толку по своја вина, колку што кога крилата ќе појдеа во напад, одвај наоѓаа снага да стигнат десет чекори поназад. За средниот ред и да не зборувам. Топлото време, реткиот воздух и надморската висина (3640 метри) си го направи своето. Телото тешко се движи, мислите доцнат, а топката добива на брзина. А згора на се противникот се фудбалери кои се од домашното првенство, дури и оние кои играат токму на тој стадион. Е сега замислете ги тие фудбалски ѕвезди со неспорен квалитет, кои претходно 6 дена во Буенос Аирес (на 26 метри надморска висина), имаа мини-подготовки, заминаа во Ла Паз (на 3640 м.н.в), се вратија дома, прелетаа неколку часовни зони, стигнаа во Европа, во своите матични клубови и веќе треба да се подготвени за натпреварите викендов.

П.С.
Во еден штотуку започнат разговор со Дарко (100%sport.blog.com.mk) се отвори и прашањето, зошто денес е толку напорно за овие ѕвезди, кога порано (пред 10-тина години) се играа исто толку многу натпревари, а не се гледаше толкавиот замор и оптеретување на тогашните фудбалери. Одговорот е едноставен, иако има уште многу пододговори, тогаш имаше класични формации и класични позиции, од 1 до 11. Денес Ето`о, Меси и Анри, воедно се и едни од најдобрите „одбранбени напаѓачи„ :-), како и Дани Алвеш кој е еден од подобрите „бекови во нападот„... а такви се денес скоро сите фудбалери и во Манчестер, Арсенал, Челзи, Баерн, Реал... но тоа е веќе друга тема....