Зошто и Како?
Прво ќе поделам со Вас неколку информации... Мурињо веќе неколку години живее (во слободно време кога обврските не го водат надвор, но сепак куќата е негова и е најчесто таму со фамилијата) во источните предградија на Барна. Комшија му е Ван Гал, две места подолу (од другата страна на Кастелдефелс) е Рајкард. А во Кастелдефелс се Дињо и Меси. Пред неколку дена и Лампард ја капариса куќата од 4 милиони евра.
Значи, на Мурињо воопшто не му се нови муабетите „за и околу Барселона„ во последниве години. (да не се навраќам на времето кога ја напушти како помошен тренер) Во претходните денови, го видов на еден од преносите од натпревар на Брегот на Слоновата Коска, каде и воопшто не крие за неговото прекрасно пријателство со Диди.
Пред две недели се пренесе веста дека Дрогба и Ето веќе разговарале и си размениле искуства, како би изгледале двајцата во тимот на Барса.
Вчера исто така сите ја пренесоа веста од Диди, дека „од лето наваму или Милан или Барса е неговата следна дестинација„.
Во меѓувреме, од минатиот четврток, па до синоќа, Лапорта на три прес-конференции образложува дека договорот со Рајкард не размислува да го прекине. А во последната колумна за „Ел Периодико„, Кројф го пишува истото, „...не е лобист за доаѓањето на Мурињо, бидејќи пред се, Рајкард му е пријател„.
И сега се поставува прашањето, зошто толку врева околу Мурињо?
Сите во и околу Барса организираат пресови, објаснуваат низ медиумите дека нема ништо од тоа, Дрогба „пушта црвчиња„, а Мурињо мртов ладен, си седи и си гледа фудбал и понатаму си дели по некој коментар на Јуроспорт.
Не е ли нешто толку сомнително, дека се готви, но очигледно сега не е моментот?
Следуваат многу важни натпревари во Примера, се бркаат „кралевите„ со минус шест, за десетина дена на ред е Селтик, а набргу и полуфиналето во Копа дел Реи. Ако сега се наруши атмосферата, веќе може Барселона да се прости од се. Рајкард своето разочарување ќе го пренесе во соблекувалните, фудбалерите ќе се депримираат и каде ли ќе биде крајот на еден од најскапите клубови во светот. А подоцна, ниту ремонт нема да може да ја опорави „менталната склопка„ на тимскиот дух.
Очигледно, затоа Лапорта и неговите пулени (дел од медиумите) се растрчани што почесто да повторуваат: „...се е во ред со Рајкард, тимот е во одлична состојба.„.
Но, под сите информации „клокотка„ вулкан кој очигледно летово ќе ја доживее својата ерупција.
А зошто баш летово, а не сега?
Прво, ритамот не е убаво да се менува на средина од сезона, посебно пред старт на многу важен циклус.
Второ, сепак и во раскинување на договорите постојат клаузули за негативни поени (пари) кои во овој случај, не ни се познати.
Трето, состојбата со Дињо е сеуште статус кво. Мора Лапорта што поскоро да пресече, „Дињо (кој е негов проект) или освежување? А што подоцна го продаде, помалку пари и од обештетување ќе земе. И очигледно дека со доаѓањето на Лампард и Дрогба, мора да се ослободи место, а тоа веројатно ќе биде во Деко, Дињо, можеби Чави. (заб.: Лампард тоа преќутно го прави, но веќе сите го гледаат од наредната сезона во Каталонија, а има и фамилијарна причина).
И четврто, а можеби и најважно е што наредната година 2009 стартуваат подготовките за избори во Барселона. Лапорта сака уште за време на следната сезона, со звучните имиња и со ветување дека прави тим за наредните 10 години, да ги собере гласовите на сите гласачи, не само во градот, покраината и државата, туку насекаде низ светот. (заб.: Право на глас имаат сите членови со платена членарина во континуитет најмалку две години. Тука влегуваат сите, од Сосиото на клубот, па до сите оние во Македонија, кои редовно ја плаќаат членарината од 150 евра годишно - ако ги има?).
Значи веќе приказната добива сосема нова димензија. Верувам дека сега и Вам Ви е појасна.
А дека нешто значајно ќе се дознае пред завршување на сезоната, повеќе од сигурно е дека, нема.
Ерупцијата ќе ја очекуваме летово... Вулканот тогаш ќе заживее.
П.С.
„Ако по некоја случајност овие претпоставки не се реализираат (што е скоро неможно, според мене) тогаш пакетот „Мурињо+Дрогба„ ќе добие нова адреса: Милано.„