10.10.09

ЗОШТО РЕАЛ ПАДНА НА СВОЈОТ ПРВ СЕРИОЗЕН ТЕСТ И ЗОШТО ВЕРОЈАТНО ЌЕ ПАДНЕ И НА 29-ти НОЕМВРИ?

Со еден збор се доаѓа и до одговорот, иако има неколку пододговори.

Пелегрини.

Гути, Марсело, Чаби и Серхио Рамос се само последични под-одоговори кои доаѓаат од претходниот, примарен, да не речам, основен.

Брзи странични позици кои со прецизни (понекогаш и долги, па и дијагонални) додавања ја уфрлуваат топката директно во шеснаесетникот до високите Фабијано и Кануте. Тоа се покажа како убиствено по „Белата Куќа„.


Пелегрини не најде решение за Навас дури ни со дуплирањето на Марсело и Албиол, бидејќи тоа решение на моменти беше само инстант, во една, но погубно, во некоја следна акција. Дупката која се создаваше во тој простор околу Ван дер Ваарт, односно Диара, не може да ја покрие дури ни Чаби. Ако на своја рака пак Чаби преземеше покривање на таа локација, веднаш остава простор зад него кој пак го повлекува во премногу задолженија на многу широк простор Рамос.

Од едена дупка, се создаваа две. Практично со други зборови, се што Фабијано ќе пропушти, како на послужавник го добиваше Кануте... или обратно.

Но, прашање е зошто Пелегрини не презема решение?

Решение кое ќе ја покрие просторно дупката, а ќе ја пресече во исто време динамиката на Навас, кој пак многупати слободно се шеташе пред шеснаесетникот со уште поголем избор отколку што можеби претпоставувал дека ќе има пред натпреварот.


Пелегрини, ја сноси одговорноста.

Но НЕ поради гореопишаните моменти.

Туку поради тоа што после 45 –те минути со само еден потег можеше се да промени.

Сепак не го стори тоа веднаш, туку многу доцна.

А тоа беше центарот на создавањето на сите дупки во одбраната и сите пропусти во нападот.

Тој центар од кого настануваа сите проблеми, беше Гути.

Токму така, Гути.

Причината, поради која Марсело потклекна бидејќи „работеше за двајца„ поради која Чаби потклекна бидејќи го префрлаше своето тежиште на страна и задолженија кои не беа негови, „работеше за двајца„ и поради која истото се случуваше и со Рамос, па дури и со Раул, односно Бензема во фаза на напад.

Тоа беше и причината поради која Касиљас влезе во директен конфликт уште за време на натпреварот, кога при еден корнер пред својот гол го праша со висок тон „Кого ти чуваш?„.

Од тие причини, поразот од Севиља може да се припише исклучиво на Пелегрини.

А тоа веројатно ќе биде и проблем кој може лесно да се повторува против сите екипи со кои ќе игра Реал, кои негуваат брза транзиција со 3-4 фудбалери, со топки за крилата кои веднаш се транспортираат во шеснаесетникот за високите напаѓачи.

Севиља ќе биде проблем за скоро сите екипи во Ла Лига, па дури и за Барселона која има сосема различна игра од онаа кај мадриљеноси.

Реал развива по страничните позици, со не многу додавања, но на 20-30 метри пред голот веќе ја насочуваат топката низ средина, пробивајќи се како со игла до противничкиот гол. Префрлување преку линии, понекогаш и прескокнувајќи, Пелегрини ја форсира играта со една средна брзина никогаш со „гас до даска на големи вртења„ како што е тоа во Севиља, но и никогаш „до нога, со прецизна и спори развивања до финализација„ како што е тоа во Барса. Златна средина, која најчесто не е којзнаеколку фасцинатна, но е потрпена на индивидуалците во нападот. Златната средина е нешто што мене лично никогаш не ми привлекува внимание, бидејќи е широко распространета, позната, секогаш предвидлива и научена. Ако не се индивидуалците фантазисти во нападот, ништо од тоа.

Тоа веројатно ќе биде и разликата меѓу Реал и Барса на Камп Ноу на 29-ти ноември.

Умртвување на средината на Реал во Чаби или Гути (кога би играле, хипотетички, во истиов состав) и вадење од колосек на дел од одбраната која ќе мора да ги покрива нивните доцнења. Од друга страна Рамос, односно Пепе, во дозволување на простор во напад, со што во фаза на губење на топката, лесно и брзо во два-три паса би се пренесувала до Ибра или Анри со кои би се создале пак, човек повеќе. Друга работа е што Ибра со својата височина и корпулентност е сличен како Фабијано и Кануте, би претставувал иста опасност пред Касиљас.

Во однос на Кристијано, Кака, Бензема и евентуално Раул, нема што многу да се прави анализа. Тие се едни од најдобрите индивидуалци кои од ништо можат да создадат ситуација за гол. Тоа е веќе прашање на среќа, концентрација и не правење грешки во одбраната во Барса. Но, исто така е факт дека кога дупките од средниот ред на Реал би се создавале исто како и против Севиља, можноста за позитивно резиме на убиствената тројка или четворка, ако сакате, ќе биде сведена на минимум. Сето тоа вкомпонирано со тактика „во 3-та или 4-та, никогаш во 2-ра или во 5-та под полн гас„ може лесно да биде прочитано и блокирано.

Ова е само една анализа која произлезе од првиот кикс на Реал и која остава простор за претпоставки како тоа сега понатаму ќе се развива до најголемото европско дерби на 29-ти ноември.

Сезоната е на старт, сеуште е рано да се прогнозира крајот, но каков и да биде, ќе биде многу интересен ...