18.6.20

Зошто македонската држава ке остане заглавена во просторот и од 21-от век?

„Кротко јагне од две мајки цица“
„Наведната глава сабја не ја сече“
„...има газ“ (додека другите велат „Има муда / balls / cojones...)

Само овие три елементи се доволни (од десетиците слични) за да се направи описот на одговорот од насловното прашање. Тие се влезени во генот на Македонецот и се нераздвоен сегмент од македонското битисување.

Затоа Македонецот не успеал, ниту пак некогаш ќе успее, да биде еден од водечките народи во рамките на светот, ниту пак во Европа, па дури ни на Балканот. 
(тоа со „антички народ“ и „водечка сила“, успева само во рамка на границите од Табановце до Богородица)

И тоа го знаат сите оние кои се на политички раководни функции. Оние кои треба да го менаџираат животот, сегашноста и да ја проектираат иднината.
Тоа им е пикот на кој играат постојано. На тоа кога ќе го додадете и она „секое чудо за три дена“, приказната е склопена. Свиркај си и уживај си, ако си „државен функционер“ и администратор. А државата ќе се наоѓа вечно во транзиција, во исчекување, во утописка надеж и сурова сегашност.

Така ќе си поминуваат години, децении, генерации, животи... додека еден ден не исчезне комплетно, односно не се претопи во нешто ново, некоја нова симбиоза, некоја нова генетска комбинација. Некогаш, во некој друг век, под друго име и со други луѓе.

Од друга страна на муабетов, Македонецот како индивидуа, успева. Успева насекаде, а тоа е докажано и низ историјата и низ сегашноста. Но, најчесто успева ако е излезен надвор од границите, невтурнат во гетото, со чиста мисла и отворен ум, незаробен во минатото. 
Но, само како индивидуалец, што секако не е доволно за да се квалификува генерално.
Критичната маса за создавање на таков менталитет ниту имало, ниту ќе има.
„Кроткото јагне и сабјата“ се со векови дел од ДНК на Македонецот и денес и утре.

А оние кои успеале, можете сами да ги анализирате и ќе ја видите формулата, односно алгоритамот по кој функционираат. 
Не се гетоизирани и скоро и да не се дружат со останатите групации на Македонци низ светот. 

Да, се дружат со индивидуи од „истиот крај“ но само со оние кои се сетирани приближно на нивната фреквенција. И тоа е се`. 
Бидејќи гетото каде и да е, тоа е истиот тој македонски „енвајормент“ само пренесен „в туѓина“.

Е затоа ќе остане заглавена дури и во овој 21-ви век...