29.8.08

БОКА НА СВЕТСКИОТ ФУДБАЛСКИ ВРВ, ЗАЕДНО СО МИЛАН

Во сенка на извлечените групи за ЛШ, како и Суперкупот, една информација вреди да ја поделам со сите. Тоа е дека Бока Жуниорс го освои Суперкупот (Рекопа) во Јужна Америка. На „Бонбоњера“ изиграа нерешено против Арсенал Саранди, што беше доволно, бидејќи во првиот натпревар победија 3:1.

Но она што е посебно атрактивно и ВАЖНО е дека ако досега Бока беше прогласен во светски фудбалски рамки како клуб, кој има најмногу титули воопшто освоени, а плус тоа со сите стандарди (ISO 9001:2000, стандард кој многу малку светски клубови го поседуваат), од денес и официјално го стигна Милан, како најтрофеен светски клуб со освоени 18 интернационални титули.

Токму така, Бока стигна до бројката 18.

П.С.

Milan (Италија):

18 (7 Copa de Europa, 2 Recopa, 5 Supercopa, 3 Intercontinental, 1 Mundial de Clubes).


Real Madrid (Шпанија):

15 (9 Copa de Europa, 2 Copa UEFA, 1 Supercopa, 3 Intercontinental)


Independiente (Аргентина):

15 (7 Copa Libertadores, 2 Intercontinental, 2 Supercopa, 3 Interamericana, 1 Recopa)

27.8.08

СЕ СЕ МОЖЕ, КОГА СЕ САКА

Ова се две фотографии кои ги добив од Бојан Мавков. Сликани се додека бил на одмор во Албанија, а станува збор за еден досетлив британец кој така ги склопил бројките и буквите на регистрацијата, да добие тоа што сака, без екстра доплата. Можеби ова не е баш во контекст на насоката на овој блог, но вреди да се објави како увертира во фудбалот кој ќе стартува викендов... :-)

25.8.08

ТРИ ДОБРИ ПРВЕНСТВА ЌЕ БИДАТ АТРАКТИВНА И ИСКЛУЧИТЕЛНО ИНТЕРЕСНА ТЕМА И ВО НАРЕДНАТА СЕЗОНА

Добар старт како загревање за двете најквалитетни лиги во Европа, Калчо и Примера. Овој мој, повеќе субјективен став, верувам дека оваа сезона уште еднаш ќе се потврди. Италија и Шпанија се на чекор од нова сезона, во која веројатно ќе го имаат и главниот збор меѓу кандидатите за титулата во двете најатрактивни натпреварувања во УЕФА.
Како увертира во стартот наредната недела, последниов викенд се верификуваа победниците во националните Супер купови.
Интер во Италија, Реал Мадрид во Шпанија.
Баптиста со новиот свој клуб загуби, додека неговиот стар клуб заслужено стигна до првиот трофеј сезонава.
И двата беа прекрасно-интересни натпревари. Едниот на пенали, неизвесен до самиот крај, другиот се решаваше буквално во последните минути. Она што ми остави впечаток е дека Интер не беше онаков каков веројатно го очекуваме под водство на Мурињо, додека Реал Мадрид и оваа сезона покажува дека ќе мора да се смета и на него како бранител на титулата, која сигурно нема лесно да ја предаде.
А Валенсија иако загуби (и покрај предноста која ја имаше и во однос на силите на теренот) и иако во второто полувреме не личеше нималку исто како во првиот дел, факт е дека уште в сабота против Мајорка, може да се очекува првата победа во новото првенство, во отварањето на Примера.



Оваа сезона се надевам дека ќе биде исто толку атрактивна и во јужноамериканските натпревари, посебно аргентинската Апертура, во која се игра третото коло. Две сезони на Бока и бега титулата од рака, посебно во натпреварите на „Бонбоњера„, но стартот веќе ветува (иако повторно и во последниот натпревар Ланус дојде уште во шестата минута во водство, за на крајот се да си дојде на свое место со резултат 2:1).

Тоа ќе биде уште една атрактивна фудбалска тема на моите постови, кои на некој начин, ќе ги стартувам од наредната недела.


П.С.
„Без да ме разберат погрешно симпатизерите на Премиер и Бундес Лигата, но сепак тој фудбал (субјективен став) е на едно друго ниво, во споредба со овие две лиги. Во Премиера сигурно исклучок се 4-те клуба кој секогаш со задоволство ги гледам, додека Бундес лигата сеуште е на маргините на мојот интерес, сем настапите во Купот на Уефа и Лигата на Шампионите„