22.5.14

ЗОШТО ЛУЧО ПОВТОРНО ВО БАРСЕЛОНА?

Луис Енрике се враќа дома. Дома, во Барселона.

Една од причините за враќањето од Рим, покрај проблемите со Тоти, беше и враќањето во Шпанија, поблиску до фамилијата.
Сега е повторно дома по едногодишната прошетка до Виго.

Неговиот дом е Гава Мар, само на неколку стотина метри од домот на Валдес и од моето омилено место за плажа, на најубавиот каталонски песочен брег. Како што досега неколку пати имав среќа да ги сретнам ѕвездите на Барса кој во „Казанова Клуб“, кој на сурфање, а кој на прошетка по патеката, веројатно Лучо следната сезона ќе биде еден од тие кои секое слободно време ќе се движат на потегот Гава-Кастељдефелс, каде и практично живеат скоро сите фудбалери (со исклучок на Неј кој живее во Педралбес).

Лучо е вљубен во Каталонија. Лучо ја сака Барса. Тој не е од оние кои пресудни им се парите. Тој работи и за помалку од што можеби вреди, но вистински го сака овој подвиг.

Неговата сопруга Елена е Каталонка, скоро 4 години помлада од него. Ја запознава по пристигнувањето од Мадрид во Блауграна. Се венчаваат во „Катедрала дел Мар“ која се наоѓа во Борн, централниот реон во Барселона (за таа црква досега многупати сум пишувал, а ако сакате да ја запознаете подобро, прочитајте ја прекрасната книга од Илдефонсо Фалконес „Катедралата на Морето“ која ја имате и во македонски превод). Свадбата ја прават во хотелот Хуан Карлос кој е веднаш до Камп Ноу.

Неговата сопруга Елена претходно беше стјуардеса. Таа е од многу богата и стара фамилија од Барселона. Имаат три деца, од кои највозрасниот студираше токму во Британското училиште веднаш до домот, во близина на Олимпискиот канал за кајак на мирни води (местото каде се снимени голем дел од видео епизодите на Топки). Но, поради заминувањето во Рим, малку се изместуваа нивните патеки во образованието, па токму тоа станува и главна причина за враќање во Шпанија, она кое го пишав во погорните редови. 
Лучо се враќа назад во Шпанија со својата фамилија, две години пред истекот на договорот, бидејќи ни децата не се вклопуваат во италијанската образовна средина.

Денес сите се повторно заедно дома, во Гава Мар. Повторно сите заедно ќе можат да уживаат и во другите спортски активности кои како фамилија ги практикуваат, од маратон, до поло и скејтборд (и на земја и на снег). Но, без оглед што се дома повторно домот ќе остане затворен за пристап од било кого во медиумите. Елена е таа која секогаш инсистира на приватност, па затоа и скоро воопшто и да ја нема по медиумите како „сопруга на Лучо“.

За него можеби некаде и ќе прочитате дека е арогнатен или препотентен. Јас го немав тоа чувство никогаш, барем не додека седев и ги следев сите негови тренинзи, иако беше забрането за посетители. Секогаш „се вадев“ на тоа дека го следам македонскиот репрезентативец на кампот, а подоцна пак благодарение на убавите зборови за мене кои секое доаѓање ќе ги кажеше Чави Љоренс, можев безбедно „да се шетам“ низ кампот до неговиот терен за тренинзи. Дури еднаш споивме и два реда муабет 9кој сум и зошто сум таму), иако пак ќе кажам беше строго забрането.

Денес знам едно. А тоа е дека Лучо ќе даде максимум за да го направи овој подвиг достоен за името и моќта на брендот.

Луис Енрике ја познава шемата во клубот. Денес на ПРЕС конференцијата ја испрати веднаш и првата порака до Меси, иако не се сретна сеуште со играчите, дека „му е драго што ќе работи со најдобриот фудбалер на светот“.

Пораката е пратена. 

Амортизацијата од сите досегашни турбуленции „под Тата“ да се надеваме дека ќе бидат минато...

А наскоро, по завршување на светското првенство ќе бидеме и почесто и поблиску со информациите од лице место, патеката на која повторно ќе се среќаваме во слободниот од меѓу натпреварите...

Лучо денес официјално стапна на Камп Ноу

Луис Енрике Мартинез денес за првпат стапна на Камп Ноу како прв тренер на ФКБ, во друштво на претседателот Бартомеу и Зубизарета.
Пред околу 4 години гледав во живо многу тренинзи на кампот на Луис Енрике. Уште тогаш само прокоментирав дека нема да зачуди ако еден ден токму тој биде прв тренер на Барса. Тогаш сеупте беше Пеп на клупата на А.
Поминаа години.
Лучо е сега оној кој ќе треба многу од нештата да исправа.
Верувам дека ќе може. А верувам дека е и сигурно подобриот избор отколку да продолжеше Тата и следната сезона.
Философијата на Ла Масија можеме да бидеме сигурни дека ќе се движи по строго канализираната патека. Тој е оној кој постојано ги форсираше. Тој е оној кој го гледав и слушав како јљ бараше дисциплината на неговите замисли да се спроведува до максимум. Тој е оној кој слично како и Пеп бараше максимум физикус и максимум концентрација, максимум интелект во секоја вежба. Резултатите со Барса Б, веќе сите и ги знаеме. И само исто така можеме да претпоставиме дека ќе го врати не само сјајот на Барса туку и сјајот на Ла Масија.
Го очекувам со нетрпение првиот официјален тренинг.