24.2.10

АПАТИЈА, ВО СЕКОЈ ПОГЛЕД...

Ќе се поставуваат вечерва прашањата кои веќе утре ќе мора да бидат одговорени, но не од Пеп туку од екипата која играше непрепознатливо за онаа која се навикнавме да ја гледаме дури и во поразот од Атлетико, па дури и во убавата победа со не толку спектакуларна игра од последното Ла Лига коло.

Штутгарт ја имаше шансата со која само ќе ја потврдеше својата форма во последните седум натпревари од Бундеслигата.


Не случајно поведе.

Не случајно имаше и шанси да го зголеми водството, но сепак поседот на топката беше единствената позитивна работа која е дел од генетскиот код на секој каталонски фудбалер (тука ќе ги вметнам и интернационалците кои во Каталонија се среќаваат со еден систем кој никогаш претходно не го играле).


Пеп беше дециден пред натпреварот, дека е тешко но ќе се игра истото како и секогаш, брзо движење на топката, во двете линии пред Валдес, со што повеќе додавања во освојување на просторот, како би се удвоиле лесно и брзо во евентуалниот контранапад на Швабите.


Но, видовме една сосем друга игра.

Непрепознатлива.

Без притисок во фазата на губење на топка.

Немаше динамика.

Стереотипни додавања кои ги гледам кај тимовите кои се далеку зад класата на Барса.

На моменти како да се движеа во обратна насока од задачите на Пеп.



Среќа што Ибра го компензираше она што претходно сите заедно (и со него) го прикажуваа...

Утре е нов ден.


Нов ден кој ќе ја избрише вечерашната апатија од Штутгарт...



П.С:


Сеуште не можам да верувам дека во професионалноста на нашата работа има луѓе на кои им е дадена одговорност, а тие да не сакаат да мрднат ниту со мал прст за своето знаење... барем за тоа денес постојат голем избор на патеки за себенадградба...

Веројатно затоа и сеуште сите слушаме, се нервираме, а некогаш и го исклучуваме аудиото во некоја од мозочните ќелии, кога ќе прострујат речениците од типот:


„... Барса вечерва игра во формација 4-3-2-1...„


или

„...Бускетс ја враќа топката назад, бега од одговорноста...„


а да не ги споменувам правилата кои се однесуваат на судиските одлуки како „офсајд„ или „пенал„...


Никој не се родил учен, ама да не сакаш да учиш во текот на животот, е тоа е жално, рамно на двоцифрено IQ...


П.П.С


1.

Мурињо во 2008 имаше презентација пред мала група на луѓе од Бордот на Барса, во која во тричасовно претставување ја објаснуваше својата теорија на форматот 4-3-3 и негова помодерна варијанта во транзицијата. Тоа се случуваше неколку месеци по скоро двомесечните „фингирани прес конференции„ на Рајкард каде токму холанѓанецот пак објаснуваше пред медиумите (барајќи поддршка од Сосиото на клубот), зошто, ако продолжи „болницата„ во екипата, ќе мора да го смени почетниот формат во 4-4-2... Нормално, беше „распнат„ а подоцна и сменет...


2.

„Повратните топки„ и создавањето на триаголници се задолжителна лекција при освојување и владеење на просторот, со кои топката барем еднаш (скоро задолжително) мора да преминува во „повратна„ меѓу одбраната и средниот ред пред да влезе во финализација на последната линија фантазисти, кои одлучуваат зависно од моментот на ситуацијата дали ќе направат уште една „повратна„ или преминуваат во фаза на шут.


...ова колку за информација за да не бидам погрешно сфатен, туку исклучиво професионално...