16.2.08

ИЗВЕСТУВАЊЕ !

Не сакам да ја злоупотребувам мојата блог страна, но бидејќи сметам дека Вие сте оние со кој најчесто со задоволство комуницирам, а оваа информација е штотуку проследена, едно кратко известување: ЕМИСИЈАТА ТОПКИ, НА СИТЕЛ, ЌЕ СЕ ЕМИТУВА СО ПОЧЕТОК ВО 15.30 ЧАСОТ.

Ви благодарам за разбирањето,
оваа порака ќе биде наскоро и избришана...

КОЈ Е ПРИОРИТЕТОТ ЗА РЕАЛ, А КОЈ ЗА БАРСА, ЌЕ ЗНАЕМЕ НАСКОРО...

Во големо очекување ќе ми бидат следните натпревари викендов, посебно во борбата меѓу Реал Маддрид и Барселона. Овие натпревари, едниот во Севиља, а другиот во Сарагоса, ќе извадат на површина неколку работи.
Кој колку сили има за да го распредели: мотивот, ентузијазмот и физичката подготвеност за наредните натпревари, кои на некој начин се пресудни за финализирање на сезоната.
Сепак, да не се залажуваме дали се едните или другите подобри. Се работи за две екипи кои имаат врвно и професионално ниво на работа, исклучително квалитетен кадар и фудбалски мајстори кои со еден потег можат да решат натпревар.
Реал и Барселона, на некој начин секогаш ќе бидат тема „кој е подобар?„ како на пример, BMW или Mercedes, Nike или Adidas, Sony или X-Box, Levi`s или Diesel, Google или Yahoo, McDonald`s или Burger King итн.
Сите ќе се согласиме дека меѓу Реал и Барса одлучуваат нијанси. Овојпат таа нијанса е селекторската комбинација, формација и начинот на кој ќе се распределат снагите. Во ваков ритам најчести се „неочекуваните„ повреди, бидејќи од утре веќе ритамот на натпревари се зголемува. Сабота, недела, па Лига на Шампиони, па пак коло од националната лига, па Куп, па пак национални натпревари, па реванши од Лигата на Шампиони и така се до крајот.
Напнато и со згуснат распоред.
Со оглед на тоа што Шустер во моментов покажува поголема стабилност, а Рајкард сеуште балансира меѓу публиката и своите убедувања, не е тешко да се претпостави дека Реал сигурно оди кон нова титула. Но, колку ќе влијае натпреварот во Рим, колку сега ќе ги опушти Раул и Касиљас со „доживотните„ договори со клубот, колку сето тоа ќе влијае и на Шустеровата иднина во Мадрид со новиот договор?
Од друга страна, Рајкард на врат ги носи и паралелните споредби со евентуалниот нов тренер (за кој пишував во претходниот пост). Синоќа повторно изјави со стимул за Роналдињо, Ето е повреден, Дрогба се наметнува, Лампард прави нов распоред за наредната сезона, Деко најави заминување а во моментов му е неопходен...
Токму од тие причини натпреварите против Бетис, односно Сарагоса, воопшто не се за потценување. Напротив, искрено очекувам голем заплет посебно во Севиља. Не поради друго, туку само поради тоа што Бетис почна да гризе, а Рома е еден од најнезгодните тимови годинава.
Во понеделник многу работи ќе бидат појасни, но во среда вечер во голема мерка дури и кристално јасни... барем што се однесува до тоа на кого кои натпреварувања му се приоритет?