29.4.13

ДОСТА Е ОД ТИТО, ВРЕМЕ Е ЗА ПРОМЕНИ!



Точно на почеток од неделата која ќе биде фудбалски напната до самиот врв, морам уште еднаш да бидам критички расположен кон она што мене ми значи лично, фамилијарно, посветено и со најголема доза на фудбалска Љубов.


Тито е подготвен за заминување од клубот.


Доста беше.


Доста беше и попуштање и чекање и одложување и имање разбирање.

Благодарноста за се` досега, но време е квалитетен тренер да го преземе овој квалитетен бренд, фудбалски пакет, навивачка страст.


Нека заврши натпреварот во среда и време е да се најави оставката (би сакал), кога веќе Росељ упорно продолжува да биде Мики Маус. (евентуално да се прослави и титулата во Ла Лига, и толку)


Зошто?


Затоа што доста е од оваа Барса која цела сезона се движи по инерција од она што Пеп го постави како правило уште при неговото прво стапнување на терен, од Барса Б.


Нема да ве потсетувам вас навивачите што значеше за една Барса после Рајкард, да се направат системски промени. Од Мини Естади прво го премести цел тим на кампот „Џоан Гампер“. Инсистираше и ја доби, промената на бусените во ист квалитет како и на Камп Ноу и со истите димензии, што не беше случај пред Пеп. Го создаде просторот за одмор со комплетно опремена кујна и „работно време“ за секој фудбалер како и сите во светот од 8 часови (што реално беше чудно, но многу беше функционално бидејќи со тој систем се освоија 6-те трофеи), а собите комплетни со сите услови за стандарден одмор меѓу тренинзи. Ја усоврши, иако конзервативна, формацијата со внесување на 14 деца од кантерата, најголем број досега во целата историја на клубот. Само Јохан Крујф имаше претходно повеќе, а сега Тито само 2-ца (Бартра и Деулофеу). Нема да потсетувам ни како се овоија 6-те трофеи во една година, рекорд на планетата, еден и единствен сеуште. Тоа беше Пеп, секогаш опремен и со мотивациски видеа за секој тежок натпревар, за секоја Ремунтада, за се` што ги доведуваше до совршенство и емоциите на сите навивачи. Да, тоа беше Пеп кој не дозволуваше поединечни разговори во неговата канцеларија, туку на лице место, на тренинг, пред сите, секогаш заедно. Немаше проблем кој требаше да се крие од „другарите на терен“. Сакаше перфекција и во самата екипа во нивното дружење и надвор од теренот. Забрането беше да се читаат весници на тренинзи и да се зборува за новинарските текстови, ниту на тренинг, ниту јавно. Воведе и правило со кое секој навивач мораше да се испочитува, да му се даде автограм, да се слика, секогаш кога е можно. Околу 800 евра беше казната ако не се испочитува навивач кој тоа го посакал ако сретне некаде јавно некој од фудбалерите. Но, во исто време забрани и било какво интервјуа за медиумите, ако фудбалерот претходно не добие дозвола од клубот. Можеби некому тоа не му се допаѓаше, но факт е дека беше функционално. Бојан Кркиќ не можеше „да ги прифати“ тие правила, сакаше многу бргу да стане ѕвезда. Затоа и прв „го изеде стапот“. Но, тие што останаа направија чудесии што се запишаа во историјата на светскиот фудбал, засекогаш.

Но, темата ми беше Тито, зошто треба што поскоро да си замине?

Никогаш нема да мислам дека пресудно за фрустрацијата со која направи погрешни чекори е приказната која ја разоткри Јохан Крујф, како Тито криел од неговиот најдобар пријател Пеп кога Зуби и Сандро одлучиле и му соопштиле нему дека ќе го наследи Пеп, неколку дена претходно. И тоа (како што прецизно ни откри Крујф)  Пеп тоа го дознал на самиот Прес, лани, а не од устата на неговиот најдобар пријател. Веќе не ме ни чуди неодговарањето на прашањето во петокот „дали се виделе со Пеп во Њујорк?“. 

Знаеме сите. 
Не. 

Пеп веќе нема никакви пријателски односи после тоа со Тито, а на Тито не му дава гордоста да му се извини и да проба да го врати пријателството во убавите времиња. А знаеме и зошто настана разидувањето. Поради продажбата на Сеск, Пике и Алвес на кои Пеп инсистираше, но Росељ не дозволи по ниедна цена. А зошто Пеп не сакаше да ги прифати за сезонава, знаеме исто така. Нивните кавги од јануари минатата година нема да ги заборавиме, сите шпански тв ги пренесуваа секојдневно.


И зошто Тито мора да си замине, уште еднаш да повторам, не оддалечувајќи се со од темата (поради хронолошкото потсетување)?


Не само поради тоа што со доаѓањето сакаше веднаш да покаже „кој е кој“ а посебно дека не е Пеп, со тоа што ги промени сите дотогаш поставени правила од претходникот-пријател. (па нели „друже Тито“ работевте заедно и виде дека се` е функционално?“)


Зошто имаше потреба да ги укине прво мотивациските видеа?


Зошто ја промени „другарската атмосфера“ уште од првиот тренинг и нареди дека ако некој има нешто да каже или да го праша, нема веќе да биде „сите заедно“ на тренинг, туку кај него во канцеларија и исклучиво „во четири очи“?


Зошто го стопираше внесувањето на младите таленти од кантерата?


Зошто ги стави во заштита оние кои Пеп посочуваше дека не се подготвени веќе да бидат стандардни во дресот на Блауграна, а „се откажа“ од Виља, Тељо и сега веќе Аби?


Зошто не направи некоја промена, па макар и луд експеримент, кога виде, забележа и сфати дека против овој силен Реал „не оди на стариот начин“ по инерција?


Зошто не ја воведе таа „класична 9-ка“ ако е веќе потребна, барем за некои моменти?


Зошто не влезе со експеримент „крила, лево и десно“ ако требаше да се изненади некој противник кој ем што не очекува таков развој, ем што тој форсира таква игра?


Зошто едноставно не остави свој печат, како што тоа го имаат направено сите, Михелс, Јохан, Робсон, Рајкард, Пеп?


Зошто е поважен проектот „Нејмар“ кој си го форсира и за личен профит Росељ отколку цврсто да застане како менаџер и да си побара тоа што реално и недостасува на ФКБ за следната сезона?


Зошто дозволи да се загуби во најважниот натпревар?


Тоа што се случи во Минхен и првата измена на 4:0 во 83-та минута, е чуденка со која не се потсмеваат сега само каталонските медиуми, туку цела Шпанија, Германија, па и Европа. Зошто? Зарем во тие моменти беше исклучен од случувањата на терен? Дури и Џиџи (екс, од Вардар) како „најголема утка“ да беше на клупа во Минхен, ќе „убодеше“ барем една измена порано.


Зошто не се менува нешто во од, како што тоа го правеше „некогаш неговиот најдобар пријател“? Секоја сезона, усовршени детали и нови лица. А сега се` се врти во круг и се тапка во место, додека другите одат екстремно брзо напред?


А проблемите со Валдес, туркањето „под чергиче“ и држењето настрана од медиумите ќе трае уште само 2 месеци. Валдес тоа ќе го открие откога ќе замине и кога веќе нема да биде под „забрана за медиумиски контакт“. А тоа со „капитенската лента“ на Катедрал беше како да е на клупа Бени Хил, а не Тито Виланова кој треба се` да има под контрола... и кој ќе носи лента, кој ќе шутира пенал, кој ќе изведува слободен на која дистанца и кој каде ќе е поставен, како што „во времето на Пеп“ не постоеше некој да не знае која му е улогата.


Затоа.


И за се` друго што во текстов намерно или ненамерно прескокнав и пропуштив.


И на крајот, не е лошо Барса да испадне, затоа што не треба да имаме лажна слика дека веќе е несовладлива, недофатлива и непобедлива. ФКБ не е онаа што беше до лани. И тоа воопшто не е страшно, напротив. Тоа само значи дека е време за Ремунтада. Но, не против Баерн Минхен, туку внатре во менаџерскиот состав, во ростерот, во младинските школи. Време е за Ремунтада во координацијата меѓу сите категории, како што во најубавата деценија тоа се правеше кога Алберт Бенаиџес беше главен координатор на сите категории.


Време е за нов тренер, кој ќе го усоврши системот кој со Тито како да се заглави во просторот. Без инвентивност и без желба за експеримент, па колку и тој да е чуден, но кога е неопходен, секако дека ќе биде прогресивен.


Ова мене не ми е нов став, уште помалку дека е поттикнат од 4:0 против Баерн. Ова го пишав за Тито уште летото кога видов како изгледаат промените на тренинг кои ги воведе. Ова го пишував и кога направи неколку погрешни чекори со кои можеше многу лесно да го загуби Меси на подолг период, ова го пишував и кога замина за Њујорк и кога Роура „на мускули“ го презема неговото место. Ова го пишав и кога се врати, па следствено и денес. Но, денес како резиме и завршница на сето мое „самомуабетење“. Да не биде после, ако се помине Баерн, ќе го сменам ставот. Не, само  би го одложил до Финале. Потоа пак истиот став. Тито време е да се пензионира или да работи нешто во канцелариите на Росељ.

ФКБарселона е нешто што е повеќе од клуб. А оваа сезона видовме дека не е ништо поразлична од другите, а на моменти дури и полоша.


Ремунтада сега! Внатре! И надвор...меѓу сите нас, во нашите срца...