16.5.09

СТАРТУВАВМЕ ВО СРЕДА, ПРОДОЛЖУВАМЕ ВО НЕДЕЛА!

Во меѓупросторот до новиот пост и новата прослава . . .



(преземено од Топки Плус)

НА ВИСТИНСКОТО МЕСТО ВО ВИСТИНСКОТО ВРЕМЕ

ТЕКСТ ОБЈАВЕН ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ
НА СПОРТСКИОТ МАГАЗИН
„Е-СПОРТ„, МЕСЕЦ МАЈ 2009
напишал за Е-СПОРТ, Филе


Додека целиот регион беше под земјотреси од 3-5 според Рихтер, Олимпико во земјотрес од 4:2 според Лацио


Многупати во животот размислувам за работите кои задолжително треба да се реализираат во еден живот. Дали ќе имам време, дали овој еден живот ќе ми биде доволен? Да се видат, да се посетат, доживеат, да се почувствуваат и дишат со полни гради најважните и најспектакуларните нешта во животот? Нормално, секогаш соодветно на начинот на живење како и согласно принципите според кои се прифаќаат цивилизациските претстави за размена на позитивната енергија.

А не само за себе, туку веќе сум и стопроцентно сигурен дека тоа ќе биде еден од најважните учебници во образованието и на мојата ќерка. Колку што повеќе страници испишувам на оваа тема, толку нејзиното животно искуство ќе биде поттикнато за освојување на нејзините простори, за откривање на авантури во рамки на нашата цивилизација. И така ќе се пренесува циклусот, од колено на колено... до недоглед во движење кон единствената цел, позитивни чувства и живот кој се голта во некогаш мали, некогаш големи залаци, но секогаш вкусни и преслатки.



Спортските настани никогаш нема да бидат надвор од задачите во бележникот на животот. Светските првенства, Европските финалиња, Копа Либертадорес, Енфилд, Камп Ноу, Алианц Арената, Медисон Сквер Гарден, Бонбонера... Голем дел од нив вечно ќе ми останат во сеќавање низ приказните кои при секое ново раскажување ги доживувам одново, но со посилна енергија која чувствувам како се распостелува низ вниманието на слушателот.

Така беше и овојпат.

Иако пред само неколку месеци се вратив од патувањето кое беше едно од моите најголеми искуства, краткиот муабет со Меси, личните записи на каталонските ѕвезди како подарок за моето трпение и истрајност во желбите, тренингот со Горан во Лацио, од запознавањето со Роки, Зарате, Ледезма, Коларов до симпатичната нитка на нивните позитивни карактери во приватна атмосфера без камери и микрофони, ова сепак беше нешто за кое треперев при секоја помисла дека наскоро ќе се случи. Лацио, досега сум го гледал неколкупати во живо на терен. Двапати во Белград, со Партизан и со Црвена ѕвезда... 11 септември кога се рушеше Менхетн, јас бев на пат за Стамбол, Лацио играше со Галатасарај... Олимпико, во првото коло кога поради штрајковите во Калчо го одложуваа од недела во недела... Но, никогаш во градското дерби. Никогаш пред преполн стадион, со своја публика. Секогаш требаше да бидам мирен на сите досегашни натпревари, без никакви изливи на емоции, иако секогаш имаше позитивни моменти и позитивни натпревари. Причината беше што секогаш Лацио беше во гостинска положба или пак на Олимпико без посебна неизвесност која дополнително би го кренала адреналинот.

Овојпат сè беше во една сосем друга димензија, од неколку причини и лично за мене. Причини кои не верувам дека на Олимпико од целата 80 илјадна публика некој би можел да ме разбере.

Прво, Лацио игра пред преполн стадион само на еден натпревар во годината, тоа е градското дерби кое е неприкосновено и за двете навивачки групи. Второ, Лацио со децении го носам во срце, многу пред Горан да го крене македонското знаме на Формело. А сè започна во 1978 година, кога за првпат Аргентина стана дел од мојот живот, па Хајдук со единствените приближно светли бои, за да се пренесе кон Каталонија во сино-црвениот сплитски дрес поистоветувањето со денес моите омилени блауграна, за да заврши во Рим, кога за првпат ги распознав аргентинските бои и во нивниот дрес. Од Аргентина до Лацио, така трае фудбалската приказна која нема крај, барем која мислев дека нема да има крај. Но третета причина токму ми беше поврзана со крајот. Дали ова ќе биде последната игра на единствениот македонец кој заиграл во мојот омилен клуб? Претпоставките ми велат дека е така. Оттука веќе приказната за Лацио и мене како горд македонец ќе добие друг тек. Пандев ќе замине, ќе остане љубовта но без македонскиот акцент во името на клубот.

Затоа и веднаш сфатив дека ова е последниот момент да го гледам Лацио во најважниот натпревар во сезоната, а срцето да ми биде исполнето со адреналин колку за еден милион позитивни нешта.

Коцките се наредија.


Лацио во сабота на преполниот Олимпико. Рома е мал фаворит, во натпреварот кој не дозволува фаворити без оглед на позициите со кои влегуваат пред натпреварот. Времето поубаво не ни можеше да биде. Прекрасен пролетен ден во Рим. Се мириса на љубов, сјае од бакнежи и се прелева низ прегратки на сите кои се движат покрај Тевере (Тибар). Целиот Рим од утрина дише со дербито. Дури и оние кои се незаинтересирани за фудбал, знаат дека денес Рим ќе има уште еден земјотрес, иако ова веќе не е ни шега бидејќи Абруцо сè уште се тресе. Утрината пред да тргнеме, ни велат дека имало уште еден силен земјотрес. Јас не го почувствував, бидејќи мене душата ми го тресе адреналинот во телото веќе 24 часа наназад, во исчекување на 15 часот. Земјотресот во мене внатре не дозволи никакви надворешни влијанија кои би го пореметиле раздвижувањето на моите позитивни емоции.

Олимпико нема место ниту за еден повеќе од ова што е во моментот. А ова е и единствениот натпревар каде пред стадионот може да се забележат дури и „шиткачи„, на другите натпревари редовно има карти за секој, па макар и дошол на 10 минути пред почеток на натпреварот.

Коцките се споија, сликата веќе беше комплетна.

Сино-белиот земјотрес ги тресеше 90 минути преткомората и комората низ која течеше чист адреналин. Пандев најави дека Рим ќе се тресе, Зарате ја направи првата експлозија, Лихштајнер ја потврди „римската„ катастрофа, а Коларов ја заокружи приказната со подарок дури и за оние кои се сомневаа во конечниот резултат...

...Стадионот кој за кратко време ќе биде арена на уште еден спектакуларен двобој, морав да го напуштам наскоро и да се надевам дека вечно ќе се повторува позитивната енергија од овој натпревар.

Дали Мундирите кои доаѓаат наскоро во поход на Рим ќе ја повторат приказната за освојување на овој грандиозен стадион. Веројатно, посебно ако противник е каталонската армада.

Сега сфаќам, дека токму поради ова мојата авантура во градот каде „водат сите патишта„ беше во вистинскиот момент, еднаш и засекогаш во вечноста... Алеее, алеее...



П.С.

Но, дури сега моите прашања ќе останат отворени со насловни задачи за македонското знаме на Олимпико во сино-белите бои...Дали ова, навистина е и последното градско дерби за нашиот најдобар интернационалец во моментов?
Веројатно да – ако пробувам да влезам во умот на менаџерскиот тим.

Финансиската оправданост за фудбалер кој е многу ефтино купен, а сега веќе достигнува огромна сума на пазарот е првиот сигнал. Ако се пропушти преодниот рок, по кој после тоа би можел тој и самиот да си замине е вториот сигнал. И ако се одлучи за задржување ќе треба да се обезбеди дополнителна поголема сума „суви пари„,. Тоа е третиот сигнал.


За жал на сета „Курва Норд„ за жал на сите сино-бели. Горан Пандев, веројатно на лето ќе замине онаму каде Лотито ќе процени дека е најдобро за Лацио. А за Горан? Е па тој ќе мора сам да се избори, подоцна, за првите 11-мина во новата средина. Без разлика дали навивачите се сложуваат, без разлика дали можеби токму на Лацио нашиот репрезентативец наредната сезона ќе му биде пресуден, без разлика дали тоа за македонската репрезентација е важно или не, да има што повеќе минути игра, отколку клупа.

Менаџерското размислување и вистинскиот фудбал се две различни работи, посебно ако клубот не е во најдобри финансиски мигови.

За жал, тоа очигледно станува веќе задолжителна лекција од новиот светски фудбалски учебник...