13.12.09

ПОСТАВУВАЊЕ НА НОВИ НАЈВИСОКИ ГРАНИЦИ, ДОСЕГА НЕПОЗНАТИ ВО НАШИОТ УНИВЕРЗУМ...

Сега веќе се е полесно.
Полесно патување на Светското Клупско Првенство.
Полесно во завршницата на годината.
Полесно пред
директната конкуренција во домашното првенство.
Но, не во однос на резултатот, туку полесно што Пеп го има вистинскиот избор дури и при ротациите кои во случајов беа
наметнати, а не дел од тактиката.

Барселона со враќањето на Милито, со почестото играње на Бускетс, со вметнувањето на Максвел, со се поексплозивниот и поконкретен Педро, па дури и пополека враќање (барем по 15-тина минути) на Бојан, добива простор за манипулација во која противникот тешко дека ќе има решение за освојување на поседот на топка дури и кога не би била „комплетна„.

Ситуацијата која еднаш беше промовирана на натпреварот против Интер (кога Чаби и Иниеста на секои 7-10
минути ги заменуваа позициите, со кои го збунуваа Камбиасо, правејќи му секогаш „вишок„) ќе се повторуваат веќе на многу други дијагонали или паралели, посебно во фаза на напад. Пеп пополека го открива едно од оружјата кое веројатно се подготвуваше во фазата на летни подготовки, кога сите знаевме дека ако не ја промени барем во сегменти играта од минатата сезона, тешко дека ќе има успех, не поради друго туку едноставно поради тоа што веќе е „прочитана„.

Ова може да биде задоволство за целото „сосио„ на Блауграна, како и за сите кои се симпатизери на убавиот фудбал кој се
движи „до нога„ во кратки, континуирани и повеќе-фреквентни пасови. Пеп ја продолжува својата стратегија, малку повеќе рафинирајќи ја во однос на кретивноста и фантазијата на поливалентните фудбалери во тимот. А во Барса, за среќа, тие ги има повеќе од тројца.

Годината се завршува со победата над Еспањол, некогашниот градски ривал, кој сега веќе е преселен во предградието Ел - Прат.

Останува уште последниот поход и да стане најтрофејниот клуб на сите времиња со сите можни освоени трофеи во една година, а воедно и „најтешки„ по вредност. Ако се покори и остатокот од светот, во Абу Даби, тогаш последниот натпревар годинава, кој ќе се одигра во Кувајт на 21 декември (како пријателски) ќе биде всушност подарок за сите фудбалски симпатизери на планетата.

Верификација на тешко повторливиот и никогаш досега остварен интерконтинентален успех.

6.12.09

МАШИНАТА НА ПЕП, ВО „ТРЕТА„ КОН АБУ ДАБИ . . .

Одлично продолжение или со други зборови одлично загревање пред Абу Даби.

Неколку детали ќе ги одбележам како главен акцент на колото, кое на некој начин веќе е завршено во Ла Лига, барем за моите
параметри на интерес.

Барселона во одлично разигрување и координација на средниот ред посебно во префрлување на топката во линии кон Педро односнo
Ибра.

Меси и Ибра сеуште не се во онаа меѓусебна координација која се очекува со секој нов натпревар да биде се покомпактна, но статистички и во оваа фаза функционираат повеќе од добро. Без приговор е се поголемиот дијапазон на движење на Ибра и во двете фази од играта, што остава се повеќе позитивен простор во однос на претпоставките дека „машината на Пеп„ наскоро ќе го префрли менувачот во повисок степен, „од втора во трета брзина„.

Абу Даби е во еден незгоден дел од сезоната, но секогаш тоа било така со години наназад, па затоа се надевам дека завршениот прв дел од приказната во Лигата на Шампионите дојде во вистински миг. Од денес натаму, сите размислуваме за Обединетите Арапски Емирати, а натпреварот во среда ќе биде само доигрување на тоа што мора, но никако со имератив за победа... за среќа...

Она кое морам да го споредам, иако скоро и никогаш да не ги коментирам противничките екипи во нивните индивидуални и одвоени настапи, овојпат не можам а да го прескокнам натпреварот против Алмерија.

Убаво е што Кристијано се врати, уште поубаво што Пелегрини ги фати и ги затегна уздите па сега веќе може да ја конторлира моќта на своето „ултрамоќно возило„, но токму саботата е слика на разликата меѓу двајцата најдобри фудбалери на светот.

Црвениот картон на Кристијано, неговото промашување на пеналот и повеќе разочарување отколку поделба на радоста со Бензема кој на некој начин ја „извади ситуацијата„.

Кристијано е идивидуалец кој прави разлика во секој натпревар. За разлика од останатите екипи во Европа кои одвај да имаат (или да посакуваат да имаат) еден таков, Реал го има и Кака. И покрај тоа Лос Галактикос не е толку убедлив во својата презентација, без оглед на резултатот. Карактерот на Кристијано е една од алките која пука (посебно во моменти на лош резлутата) и алка која прави наместо разлика во резултат со корист, анулирање на бенефитот и „можност за изненадување„. Алка од која може се тргне во плус, и алка од која се може да појде низбрдо. Тоа е и моето неколкупати досега напоменато образложување или акцентирање на ситуацијата во која се наоѓа Пелегрини. Ако успее да го стабилизира тој момет меѓу своите фудбалери и воедно да ги задржи заедно уште барем две сезони, Реал има шанси да се врати на светската сцена во ист ефект од времето кога „палеше и гасеше„ на сите фудбалски терени. Но, сето тоа е под знакот „ако...?„.

Дотогаш, не останува ништо друго, сем да ги гледаме и забележуваме рекордите кои ги постигнува Блауграна, најголем број титули во една година, со сите пропратни дополнителни признанија (верификувани во титули со префикс „Нај„) за идивидуалците од машината на Пеп.

31.10.09

СÈ Е ВЕЌЕ ПОЛЕСНО ПРОТИВ РЕАЛ МАДРИД

(извадок од радио емисијата на К4СР на 107,4)


Неделното 9-то коло во Ла Лига ќе го поделам во три дела.


Натпревари кои се атрактивни и интересни за анализа.


Натпревари кои можеби се неатрактивни, но исто така воопшто не се лесни за претпоставки.


И третиот дел, Реал Mадрид.


Она што се случуваше во Купот на Кралот го размрда спортскиот свет, посебно новинарската спортска фела во Шпанија на темата "Пелегрини и Реал Мадрид", а мене ми наметна да го одвојам од сите останати кои ќе се играат викендов. Алкоркòн станува мит кој викендов ќе биде сигурно и на дел од транспарентите на сите противнички екипи на Лос Галактикос. Да се загуби натпревар во купот на гостински терен и тоа од екипа која е многу повеќе од аутсајдер е едно, но да се загуби 4:0 од истата екипа, е тоа е веќе друга приказна.
Факт е дека тешко беше да се игра на толку лош терен и против противник кој игра грубо и има само една цел, но Пелегрини и тоа требаше да го претпостави. Тука е киксот на Белата Куќа. Нешто што можеби за неколку кола ќе си има и свои консеквенции. Нормално, се ќе биде во сосема друга димензија ако се најде виситнскот решение на следните три натпревари, два од Ла Лига и еден во Лигата на Шампионите.хетафе во сабота во 18 часот гостува на Сантјаго Бернабеу. Тимот од предградието на Мадрид може да биде слично кобен како и претходно споменатиот. За разлика од Реал, Хетафе поуспешен од Еспањол во Копа дел Реи. Сега со уште поголем стимул ќе влезат на оваа игранка на Бернабеу. Ова ќе биде еден исклучително интересен натпревар, посебно што неизвесноста сигурно дека ќе резултира до самиот крај в сабота. Токму тоа е и мојот став (кој ако да се одлучам за тоа дека и двата клуба сигурно дека ќе постигнат барем по еден гол. Се друго би било ризик во кој сигурно не би сакал да влегувам ако тоа би ми претставувало една од неделните забави пред тв.

Сега, би се задржал во еден здив на натпреварите кои ќе го привлечат вниманието на медиумите во 9-тото коло. Така се и подредени хронолошки со својот старт. Xerez - Sevilla, Osasuna - Barcelona и Athletic - Atlético. Трите натпревари си имаат своја тежина иако на Себиља односно Барселона противниците им се екипи кој не ветуваат изненадувања. Но тоа е само на хартија. Јас само ќе ве потсетам дека веќе во вторник и среда имаме натпревари во Лигата на Шампионите, натпревари кои се од приоритетно значење, пред се од финансиски аспект, а потоа и од аспект на коло кое веќе ги најавува оние кои треба да презимат во најквалитетната и најисплатливата фудбалска лига на палнетава. Себиља и Барселона иако се фаворити, претпоставката дека овие натпревари можете да ги ставите под капата на вкупно голови е можеби и најдоброто решение. Додека Атлетик на екстремно жешкиот терен Сан Мамéс, ги пречекува грогираните „Лос Колчонероси„ кои и покрај смената на тренерот, тешко дека веднаш ќе можат да го најдат вистинското решение во финализација на резултатот. Лоша одбрана, неефективен напад кој најчесто се движи по средината без добра крилна координација веројатно дека ќе биде нешто што ќе мора да се промени под итно. Билбао малку во поослабен состав, но да не заборавиме дека Атлетико за три дена го има и решавачкиот натпревар за презимување во Лигата на Шампионите против челзи. Од тие причини, претходната претпоставка и за овој натпревар како и за двата претходни натпревари е повеќе од логична, игра на голови, не повеќе од два или Х.

Третата група на помалку атрактивни натпревари се оние кои се играат во недела.
Villareal- Tenerife, Espanyol - Valladolid, Mallorka - Racing, Zaragoza- Almería, Màlaga - Valencia и Depor- Sporting.

И овие натпревари иако наизглед неатрактивни и непопуларни, за оние што редовно ја следат Ла Лига ова се натпревари кои ќе направат големо поместување, односно разместување на конечната табела. По 9-тото коло неколку тимови ќе ги заменат местата, а можеби токму овие бодови подоцна ќе бидат и пресудни за конечниот изглед во мај. Затоа иако помалку атрактивни, не се за потценување. Биљареал во кастељон нема место за никакво изненадување. Подморницата се поткрена од дното, Тенерифе ќе биде конечно парче за отстрел, кое на прва рака не изгледа така едноставно. Конечниот резултат не ни помислувам дека ќе биде дури и со помалку од три гола. Еспањол против Баљадолид нималку лесен натпревар. Посебно што Еспањол кога има пред себе релативно послаб
противник, знае да киксне. Таков е случајот токму сега. Баљадолид не е екипа која би требало да му чепне па макар и бодче на сино-белиот тим. Но многу е исто така веројатно дека нема да се предадат, најмногу што може да се случи е да постигнат еден единствен гол, но малку за нерешено или пак за да избегнат пораз. На Балеарските острови се изгледа како победа на домаќините. Веројатно дека и поголемиот процент за оваа претпоставка би требало да биде и „извесна претпоставка„ на крај. Сарагоса - Алмерија е натпревар во кој еден бод разлика на табелата ќе ги стимулира и двете екипи за победа. Сарагоса е екипа која прима барем по еден гол на секој натпревар, со исклучок на натпреварот против Хетафе во последните 5. Додека пак Алмерѝа иако постигнува помалку голови, сепак е една од подобрите гостински екипи во Ла Лига. Од тие причини овој натпревар мене лично ме форсира во победа на гостите, со евентуална мала доза на резервираност во нерешен исход. Но, никако победа на домаќинот. И последните два натпревари Мàлага - Баленсија како и Депор - Спортинг, се оние кои ќе го заокрушат финалето на 9-тото коло. Баленсија веќе цела недела наназад излегува со информацијата за продажба на дел од екипата. Причина: финансии. Колку ова ќе влијае на конечниот резултат ќе видиме. А не сакам ни да помислам дека ќе биде во негативен контекст за баленсијанците. Затоа што сепак Малага е екипа која во последните пет натпревари нема победа. Најмногу што постигнале е еден единствен гол. Можеби тоа и овојпат е единственото решение. Малага да постигне еден гол, додека Баленсија неколку, со кои би ги однела трите бода на Местаља.И последниот натпревар е единствениот во кој воопшто не се сомневам во крајниот резултат. Се што би било различно од победа на домаќинот би било рамно на изненадување. Иако екипата од Хихон не е за потценување и иако понекогаш знае да направи изненадување на гости, тоа овојпат сметам дека е далеку од реалноста. Депор игра во серии. А сега штотуку стартуваше серијата на победи после оној прекини кој го доживеаја минатото коло од Баљадолид.

Сепак и покрај моите претпоставки во Мојот Став, конечната одлука за вашиот избор на натпревари од 9-тотот коло на Ла Лига треба да биде исклучително ваш. Комбинирајте го претходно слушнатото со вашата интуиција и ...убав викенд.

23.10.09

ПОСЛЕ ДОЖДОТ, СОНЦЕ...

Прегледот за осмото коло во Ла Лига,
денес може
и да го чуете.


Ви благодарам :-)

10.10.09

ЗОШТО РЕАЛ ПАДНА НА СВОЈОТ ПРВ СЕРИОЗЕН ТЕСТ И ЗОШТО ВЕРОЈАТНО ЌЕ ПАДНЕ И НА 29-ти НОЕМВРИ?

Со еден збор се доаѓа и до одговорот, иако има неколку пододговори.

Пелегрини.

Гути, Марсело, Чаби и Серхио Рамос се само последични под-одоговори кои доаѓаат од претходниот, примарен, да не речам, основен.

Брзи странични позици кои со прецизни (понекогаш и долги, па и дијагонални) додавања ја уфрлуваат топката директно во шеснаесетникот до високите Фабијано и Кануте. Тоа се покажа како убиствено по „Белата Куќа„.


Пелегрини не најде решение за Навас дури ни со дуплирањето на Марсело и Албиол, бидејќи тоа решение на моменти беше само инстант, во една, но погубно, во некоја следна акција. Дупката која се создаваше во тој простор околу Ван дер Ваарт, односно Диара, не може да ја покрие дури ни Чаби. Ако на своја рака пак Чаби преземеше покривање на таа локација, веднаш остава простор зад него кој пак го повлекува во премногу задолженија на многу широк простор Рамос.

Од едена дупка, се создаваа две. Практично со други зборови, се што Фабијано ќе пропушти, како на послужавник го добиваше Кануте... или обратно.

Но, прашање е зошто Пелегрини не презема решение?

Решение кое ќе ја покрие просторно дупката, а ќе ја пресече во исто време динамиката на Навас, кој пак многупати слободно се шеташе пред шеснаесетникот со уште поголем избор отколку што можеби претпоставувал дека ќе има пред натпреварот.


Пелегрини, ја сноси одговорноста.

Но НЕ поради гореопишаните моменти.

Туку поради тоа што после 45 –те минути со само еден потег можеше се да промени.

Сепак не го стори тоа веднаш, туку многу доцна.

А тоа беше центарот на создавањето на сите дупки во одбраната и сите пропусти во нападот.

Тој центар од кого настануваа сите проблеми, беше Гути.

Токму така, Гути.

Причината, поради која Марсело потклекна бидејќи „работеше за двајца„ поради која Чаби потклекна бидејќи го префрлаше своето тежиште на страна и задолженија кои не беа негови, „работеше за двајца„ и поради која истото се случуваше и со Рамос, па дури и со Раул, односно Бензема во фаза на напад.

Тоа беше и причината поради која Касиљас влезе во директен конфликт уште за време на натпреварот, кога при еден корнер пред својот гол го праша со висок тон „Кого ти чуваш?„.

Од тие причини, поразот од Севиља може да се припише исклучиво на Пелегрини.

А тоа веројатно ќе биде и проблем кој може лесно да се повторува против сите екипи со кои ќе игра Реал, кои негуваат брза транзиција со 3-4 фудбалери, со топки за крилата кои веднаш се транспортираат во шеснаесетникот за високите напаѓачи.

Севиља ќе биде проблем за скоро сите екипи во Ла Лига, па дури и за Барселона која има сосема различна игра од онаа кај мадриљеноси.

Реал развива по страничните позици, со не многу додавања, но на 20-30 метри пред голот веќе ја насочуваат топката низ средина, пробивајќи се како со игла до противничкиот гол. Префрлување преку линии, понекогаш и прескокнувајќи, Пелегрини ја форсира играта со една средна брзина никогаш со „гас до даска на големи вртења„ како што е тоа во Севиља, но и никогаш „до нога, со прецизна и спори развивања до финализација„ како што е тоа во Барса. Златна средина, која најчесто не е којзнаеколку фасцинатна, но е потрпена на индивидуалците во нападот. Златната средина е нешто што мене лично никогаш не ми привлекува внимание, бидејќи е широко распространета, позната, секогаш предвидлива и научена. Ако не се индивидуалците фантазисти во нападот, ништо од тоа.

Тоа веројатно ќе биде и разликата меѓу Реал и Барса на Камп Ноу на 29-ти ноември.

Умртвување на средината на Реал во Чаби или Гути (кога би играле, хипотетички, во истиов состав) и вадење од колосек на дел од одбраната која ќе мора да ги покрива нивните доцнења. Од друга страна Рамос, односно Пепе, во дозволување на простор во напад, со што во фаза на губење на топката, лесно и брзо во два-три паса би се пренесувала до Ибра или Анри со кои би се создале пак, човек повеќе. Друга работа е што Ибра со својата височина и корпулентност е сличен како Фабијано и Кануте, би претставувал иста опасност пред Касиљас.

Во однос на Кристијано, Кака, Бензема и евентуално Раул, нема што многу да се прави анализа. Тие се едни од најдобрите индивидуалци кои од ништо можат да создадат ситуација за гол. Тоа е веќе прашање на среќа, концентрација и не правење грешки во одбраната во Барса. Но, исто така е факт дека кога дупките од средниот ред на Реал би се создавале исто како и против Севиља, можноста за позитивно резиме на убиствената тројка или четворка, ако сакате, ќе биде сведена на минимум. Сето тоа вкомпонирано со тактика „во 3-та или 4-та, никогаш во 2-ра или во 5-та под полн гас„ може лесно да биде прочитано и блокирано.

Ова е само една анализа која произлезе од првиот кикс на Реал и која остава простор за претпоставки како тоа сега понатаму ќе се развива до најголемото европско дерби на 29-ти ноември.

Сезоната е на старт, сеуште е рано да се прогнозира крајот, но каков и да биде, ќе биде многу интересен ...

24.9.09

СО МНОГУ САМОДОВЕРБА !


Време е за добро расположение кое само ќе придонесе уште повеќе да се зголеми самодовербата дека ова може да биде првата година во историјата на Лигата на Шампионите (не, Купот на Шампионите) кога и ќе биде одбранета титулата за првпат од еден клуб.

Да, токму така, самоуверено и со многу повеќе доверба отколку пред стартот.
Но, исто така и уште едно е јасно.

Конкуренцијата ќе биде малку поголема, за така лесно (сем во еден натпревар) како лани да стигнат каталонците и да го освојат Мадрид, наредната година.


Од каде доаѓа оваа самодоверба?

Ибра!


Да, од Ибра и неговото прилагодување.

Иако уште на стартот бев голем скептик околу размената на еден од клучните фудбалери минатата сезона, токму последните просечни игри на „шведскиот босанец„ ми го формираше сегашниот став. (не е грешка, туку токму така, просечни!)
Неговата игра е далеку сеуште од она што очекуваат сите во Барселона, но прилагодувањето е со голема брзина повеќе од очекуваното.

Повратните топки, кои во некои клубови ги нарекуваат „алиби топки„ (додека во Барса тоа е задолжителна прва лекција!), формирањето на триаголници и освојување на просторот со кратко додавање до нога, најмногу „преку еден од себе„, играта без топка при „губење на топката„ да не речам пресинг кон „најблискиот од кој е топката одземена„ и брзо покривање на неговите двајца најблиски и посебно концентрираноста при нападот на Барса во кој тој не влетува веќе во „безглаво финализирање на акцијата„,
се точките на мојата самодоверба за иднината на клубот оваа сезона.

А за останатите, кои се во основа истите очекувани формати од минатата сезона, воопшто и не се сомневам дека ќе имаат „лош ден кога најмалку е потребен„.


Позитивно и исто така за мене многу неочекувано е „одличното брзо координирање„ во „Белата куќа„. Не верував дека Пелегрини брзо ќе го најде ритамот на координација на комплетно различните амплитуди на добрата форма на ѕвездите во тимот. Веќе функционира и повеќе од просечно или повеќе од она што го очекувавме.


Жестоко ќе биде во Ла Лига, барем на двата натпревари кои се „врв во светскиот фудбал„ посебно кога оваа година тројцата најдобри од минатата сезона ќе се соочат меѓу себе.


Сметам дека ќе биде пожестоко дури и од Лигата на Шампионите, во која опасноста може да дојде само од Мурињо и Анчелоти.

7.9.09

ПАМЕТНО, ЕКОНОМИЧНО И РЕНТАБИЛНО

Она што се случи со последниот натпревар на аргентинската репрезентација е уште еден доказ кон тоа дека никогаш не треба да се мешаат разумот и срцето, посебно на вакави натпревари. Рациото е единствената алатка кога пред себе се има активен резултат кој е пред сите други желби и пред убавиот фудбал и пред задоволството на публиката и пред се, што во минатото било погрешно...

Зошто го велам ова?

Од едноставна причина.

Марадона ја порази сопствената репрезентација, поради фрустрациите од кои веројатно никогаш нема да може да „се откачи„ а нема да сака да ги повтoри со оние кои сега доаѓаат и ги чувствува како да му ја враќаат неговата историја пред очи. Историјата на 1978-та. Токму кога дебитираше и кога покажа дека е еден од нaјголeмите светски таленти, Меноти сметаше дека е премногу млад за да заигра со Марио Кемпес и Олгуин во освојувањето на првата светска титула. Следната година за да докаже дека Меноти згреши (иако тоа не беше со факти поткрепено) ја освои титулата на Светското Младинско Првенство.

Сите што ја имаат читаат неговата биографија знаат дека тоа е една од најголемите болки на Ел Диего. Кога Меноти го прескокна и воопшто не сакаше дури ни да полемизира на таа тема. После 4 години, „грешката„ беше исправена, но Ел Диего изгоре токму против Бразил...поцрвене и изгоре... надвор од теренот...останатото од историјата верувам дека сите го знаеме...

Но токму тоа, сметам дека е причина за какафонијата од млади и стари, од искусни и дебитанти, од фудбалери кои носат одлуки и фудбалери кои сепак не можат да поднесат таков товар каков беше Бразил, во најважниот натпревар во квалификациите.


Ќе се потрудам накратко и да го распостелам тоа на неколку пасуси.

Нормално, дека ова е теза која може да биде анализирана со часови, но нека остане како тема во некои од понатамошните наши средби...



Николас Отамнеди кој има само 21 година и дури сега го стекнува првото репрезентативно искуство. Себастијан Домингез не е така млад ,но со само еден репрезентативен настап да биде столб во одбраната која го има најтешкиот испит во репрезентативната сезона, е малку повеќе од ризик. Нивниот заедничко искуство во Велез Сарфсилд како одличен бековски тандем веројатно е „грешката„ на Ел Диего која ја направи токму против Бразил. Таквата мешавина со Занети, кој е исклучителен тркач во двете насоко и лево и десно, повеќе од „одличен работник„ и Габриел Хајнце, за кој се повеќе и повеќе сите се прашуваме „кому ли сеуште му е тоа незамeнлив квалитет?„ го продуцираше и конечниот резултат.

Секој напад на Бразил беше шанса за гол.
Секој прекин или корнер беше опасност која можеше да заврши со повисока победа.


Од друга страна, грешната почетна поставеност на Милито во корелација со Маскерано, па дури и Агуеро, односно Тевез, кој веројатно требаше да игра во таа комбинација, а не да биде заменет, изборот на Макси кој веројатно се загуби во цела таа збрка од задната линија со многу дупки и средниот ред кој не успеа да ја пополни, беше и решението за неговиот блед, скоро незабележителен настап.

Хезус Алберто Дáтоло, 25 години и втор репрезентативен настап, знае да покаже стабилност, но во таа какафонија и тој беше просечен.

Дури и грешката на голот е работа преку која тешко можам да поминам, (познавајќи ги и постојано гледајќи ги аргентинските фудбалери во националното првенство и низ клубовите во Европа). Мариано Андухар со три настапи наместо Хуан Карисо кој има 21 репрезентативен настап и по една одлична Калчо сезона која исто така ја продолжува уште поактивно сега во Примера, е лош избор. Со претходно споменатите дупки во одбраната, несигурноста пред предизвикот на голот, беше дополнителен и не така незабележителен кикс.

Токму тоа го сметам за пораз во најважниот натпревар, во Росарио, каде се беше оставено на Меси и неговите „тешки„ дриблинзи, со кој требаше да се пробие збиената одбрана на Бразил.
Од друга страна пак Верон, кој во „стари„ денови покажува дека е најдобар фудбалер во Јужна Америка (титула која ја освои лани) е исто така чуден избор за овој натпревар.

Можеби за некој следен, но не за овој, во кој Дунга одеше на резултат и тоа одлично го одработи.

Удри онолку колку требаше и тоа само на местото каде Аргентина е најслаба.

Последната линија низ својот централен дел и нападот кој е моќен, но не по крила и не во висина. Првата задача беше пробивана експлозивно и брзо, со што помалку допири на топката во брз пренос до финализација на шут. Второто во згуснување на квадрат на 20 метри пред сопствениот гол.


Паметно во однос на целта на зададените задачи, економично во однос на снагата и рентабилно во однос на конечниот резултат.

Факт е дека ако „влезеше„ барем една од оние „несреќни„ топки во финализацијата на Меси, Милито и Тевез, веројатно и се ќе беше поразлично. Веројатно и да беше санкционирана прегрубата игра на дел од „жолтите„ исто така се ќе беше различно. Но, тоа е се хипотетички, за кое веќе не би сакал ни да пишувам, бидејќи факт е едно:

Аргентина има исклучително силен и квалитетен тим, кој Ел Диего овојпат не го избра.

1.9.09

СИМПАТИЧНО, ХРАБРО, СТАБИЛНО...

Нема причина за стравување дека со заминувањето на Ето`о се создава дупка која ќе резултира со неефикасност која беше спектакуларна и фасцинантна во претходната сезона.

Со доаѓањето на Златан точно е дека се промени брзината во моментот на
последните три-четири паса пред завршница на акциите, но се доби една стабилност во истите која верувам дека Барселона ќе ја однесе во поставување на нова рекордна линија на пасови од Валдес до финализација на последниот шут. Имено, минатата година овој клуб си ги постави своите интерни рекорди, 49 паса од Валдес до финализирање на акцијата.

„Триаголниците„ кои Пеп тежнее да се формираат во секој дел од теренот во задната и средната линија, со додавања кои треба да
се движат во двата правци, напред и назад,(забелешка: терминот „алиби додавање„ не постои во фудбалската философија на клубот) е нешто што Ибра покажува дека брзо ги совладува како принцип на движење со и без топка.

Факт е дека допрва тоа ќе
треба да влезе во сферата на течност во нападот, но исто така е и факт дека за тоа да го совладаат, на Анри му требаа две а на Ето`о, три години.

Ибра има шанси, барем според натпреварите против Шахтјор и Спортинг, да докаже дека тоа ќе го совлада
за една сезона. Посебно, на вториот напревар. Малку е пасивна неговата игра при брзата транзиција и тоа исклучиво од напад во одбрана, но и тоа е нешто кое треба да се подобрува од натпревар во натпревар.

Малата промена на позицијата и одговорностите на Кеита, во споредба со минатата сезона, на моменти оставаше простор при евентуална брза контра на противникот, но и тоа е нешто кое Пеп го прави уште поголем.

И похрабар.

Сите промени кои ги направи сезонава и кои очигледно ќе ги гледаме уште поефективно од 16-ти септември е очекуван одговор на ситуација во која се најдоа каталонците. По освоените 5 титули, со играта која веќе сите добро ја проучија, а посебно оние кои можат да одговорат со ефективно решение, Пеп летово беше пред исклучително голем предизвик. Мала, храбра и успешна ротација на неколку улоги, посебно на одговорностите во фазата од губење на топка во средниот ред и брза трансформација во одбрана. Нешто што беше потранспарентно на вториот отколку на првиот натпревар, во петокот.


Едно е јасно, конкурентноста на Барса на сите три полиња и оваа сезона ќе биде голема. Меси, Иниеста како стандардна опасност која наскоро ќе влезе во игра, со „грб„ од нови фудбалери во задната линија кои допрва ќе доаѓаат од типот на исклучителен квалитет, дури и како пример да го земам Марк Муниеса, за Барселона е одлична иднина која штотуку започна.

Убав старт кој ветува одлична и неизвесна сезона...



П.С.


Но... :-( ...

Очекував дека конечно „Ла Лига„ ќе ја следам без бисерите од типот на „...изненадувачки, вечерва Барселона играше во формација 4-3-3, кога знаеме дека стандардно игра 4-2-2„ (И.Т. Сител) кога ете и сега уште од старт со „бисерите„ за Камп Ноу и за позициите на објектот, чиниш досега 100 пати бил, па го има познавањето на објектот и неговата прегледност (!?)...а за оние што биле, само уште една смешка и потврдна информација дека коментаторот ниту се приближил, а уште помалку
одгледал натпревар од високите трибини на Камп Ноу...

(пријателе, извини, драг си ми, ама не можам да прескокнам преку
непрофесионалноста и типичната „македонштина„ се да се претставува дека се „има во мал прст„ од стадионските перформанси за следење во живо, до каталонските транскрипции, пред воопшто и да се научат кастијанските, па дури и небулозните чудни лични коментари за „глупостите кои Ето`о ги направил минатата сезона во клубот„ !?!?!?, без да се потпраша, а има каде, за тоа што тој фудбалер остави како едно големо богатство во младите категории-Каптум и Енгене наскоро ќе дојдат, а со нив уште десетина кои ќе бидат „продадени„ или „позајмени„ во корист на клубот, благодарение токму на Ето`о, човекот кој е високо ценет во клубот и ден-денес...хммм, сепак ова не е информација која „се вади од ракав„, за неа треба да се седне во авион, барем неколкупати во една сезона и да се види на лице место, да се разговара, да се соберат информации и нови познанства... )... и дали веќе еднаш ќе уживаме во преносите во кои нема само да ни се пренесува аудио тоа што и сами го гледаме како видео !?!?!?!?!?

П.П.С.

...за сите оние кои сакаат да коментираат на овие теми, ја имаат страната на фејсбук...или директно на меил...

28.7.09

ИБРАКАДАБРА ИЛИ ИБРИК(АДАБРА)?...ПРАШАЊЕ НА КОЕ ОД СЕПТЕМВРИ ЌЕ ГО ИМАМЕ И ВИСТИНСКИОТ ОДГОВОР

Се надевам дека лекциите од Милано се научени и дека конечно, после фазата во групи (од Лигата на Шампионите), ќе го постигне и првиот гол во својата кариера... како почеток на нешто ново, нешто со кое навистина ќе стане дел од историјата на Барса, а не, се да остане само негова неостварена желба... Постот на тема „Ибра...„ ќе го ставам во мирување се до првиот натпревар на кои ќе се појави заедно Меси и Анри...во САД, на Илинден, во 5 наутро против „ЛА Галакси„..... :-)))

25.7.09

ЕКСПЕРИМЕНТИ КОИ НАЈАВУВААТ БОМБАСТИЧЕН СТАРТ!

Стартуваше и европскиот шампион со своите подготвителни натпревари. Против Тотнем, на Вембли, можеби резултатски (1:1) не толку значајно, но она што може да радува е дека Пеп очигледно многу конкретно се подготвува следната сезона да направи екипа која од клупа ќе има форматиран млад кадар кој доаѓа од сопствената кантера.

Ако само го знаете фактот дека Барса низ целиот натпревар ја има контролата на топката, со брзи и кратки додавања низ течно водење преку сите линии, тогаш веќе имате и конкретна слика за тоа. Нешто што сте го гледале преку целата измината година.

Е сега, погледнете ја екипата која настапи на овој натпревар: Jorquera; Montoya Cáceres, Font, Abidal, Toure, Victor Sanchez, Gudjohnsen, Pedro Rodriguez, Gai Assulin и Bojan. Играа и: José María Rueda, Jeffrén Suárez, Rubén Rochina, Jonathan Dos Santos, Keita, Pinto, Henrique, Eduard Oriol, Espasandín и Muniesa. Сега веќе верувам дека сте помалку збунети. Да, тоа е она за кое зборував во првите три реченици.

Едната мала грешка во екипата на Барса го заклучи финалниот резултат. Сепак, иако е сеуште рано, посебно поради експериментот и афирмативната промоција на сопствената кантера од страна на Пеп, може да се биде задоволен и повеќе од тоа што само како резултат изгледа. Барса прикажа одлична игра каква само се очекува да продолжи и во наредните натпревари, посебно во стартот на сезоната кога ќе „влезе„ во игра „првиот тим„. Барселона отсекогаш се потпираше на својата кантера.
Минатата година ќе биде одбележена и како екипа од која 49 фудбалери кои започнале во школата на Барса биле првотимци на европски екипи во кои преминале и го потпишале првиот професионален договор. Ова е нешто што пред многу години беше најпрепознатливо за Ајакс, кој пак сега е е трет на оваа листа.


А натпреварот Челзи-Милан (2:1) беше нешто сосем друго.

Од неколку аспекти овој натпревар вредеше да се гледа. Прво што на клупата на Челзи сега веќе е Анчелоти, човекот кој ги знае сите добри и лоши страни на екипата која пак Леонардо како нов селектор нема да може да ги смени во толку кратко време.

Челзи покажа голема стабилност во играта посебно дисциплинирана со формацијата која одлично го расштима средниот ред на Милан. 4-1-2-1-2 или во превод што би се рекло 4-4-2 (дијамант) има задача „до нога„ да ја движи топката низ целиот терен со експлозивно брза транзиција од одбрана во напад и обратно. Нешто што му недостасува на Милан. Она што беше уште повпечатливо е многу подобрената игра на Дрогба и тоа на двете позиции, и лево и десно. И првиот гол беше еден од спектакуларните моменти на овој натпревар. Од околу 25 метри, од десна страна со десна нога во левиот горен дел од стативата. Неодбранливо за Жељко Калач, па дури и за целата одбрана која беше една сосем друга епизода. Влегувањето на Шевченко (кој очигледно верува како Самсон, дека ќе си ја врати силата со својата долга коса каква ја имаше во најквалитетните години) внесе свежина и за Жирков и за Лампард. Дали ова значи „нов живот„ за Шева со новиот тренер? Ќе видиме...

А она што е карактеристика за Челзи, како епилог од натпреварот, тоа е пак сосем обратно карактеристично за Милан. Многу спора одбрана, со спора транзиција во сите фази од играта. Топката не се движи течно, напротив,оди од крајност во крајност. Или таа со многу допири и задржувања од страна на Сидорф, Пирло, Дињо и Фламини се пренесува кон слободен играч во шеснаесетникот или Одо пробува со десен удар да направи прецизен центаршут на втората статива евентуално до Пато (подоцна Јанкуловски исто само од обратната страна) или со дијагонална долга топка и прескокнување на целата средна линија се пренесува во импровизирана контра, каква е препознатлива за дел од поконзервативните англиски екипи. Влегувањето на Пипо е веќе препознатливо, без оглед што сега Леонардо е на клупата.

Со други зборови речено, екипата е потпрена на снаодливоста и квалитетот на Сидорф и Дињо (во фаза на некомплицирање) и леснотијата во брзите движења на Пато. Пипо е епизода сама за себе, која не би сакал да ја коментирам, од проста причина што со години назад е анализирана и презентирана од сите аспекти. Истото ќе биде и понатаму, веројатно...

Факт е едно, се чувствува отсуството на Кака, кое вака-така беше значајно барем во брзите транзиции... Милан со ваква игра нема да биде компетитивен во крајните фази од натпреварувањата во сезоната која за кратко и официјално ќе започне. Тоа ќе биде лекција која лесно се учи, затоа што само со затворањето на Сидорф и Дињо, лесно се прави вишок и во одбрана, а дури и два во напад. Нема да го земам предвид неснаоѓањето на Фламини и преклопувањето на Бориело, кој на моменти наликуваше како овој натпревар да му е деби.

Сепак ова се загревања и барање на вистинскиот сетап пред официјалниот старт. Но за разлика пак од нив од Челзи може оваа сезона да се очекува многу повеќе од лани, барем во натпреварите од Лигата на Шампионите и Премиер Лигата. Со Жирков кој е солиден на левата страна, без многу турбуленции во составот од лани, Анчелоти има одлични предиспозиции за успешна сезона.(Со очекување дека и Анелка ќе влезе во форма од која сега е многу далеку, а беше препознатлива изминатата сезона. Слично пак кај Милан, за очекување е новите ликови Ониеву и Абате да гледаме дали ќе се вклопат во визијата на Леонардо. Вака како што сега стартуваа, очигледно дека ќе треба многу време...)

Веројатно позначаен ќе биде натпреврот во недела (26 јули) кога ќе се сретнат градските ривали, Интер и Милан, затоа што сепак каде и да играат, овие две екипи имаат сосем друга содржина, компетитивно, физички и ментално...

СТРАСТ И СЛАСТ...


Стартува новата сезона која ќе биде сигурно поинтересна од минатата, барем според моите претпоставки и анализи. Она што посебно ме возбудува е моментот на неколку натпреварувања кои ќе ја одбележат 2010. Ла Лига како исклучителна силна, најсилна досега во европските паралели, Лигата на Шампиони со неверојатно поместените граници на квалитет на неколку фаворити, квалификациите за СП кои поради сеуште недифинираните позиции на дел од силните репрезентации ќе придонесе за поместување на формата на носечките алки во големите клубови (патувања, менување на континенти, надморски височини и отсуства), сето тоа „зачинето„ со повреди и неочекувани изостанувања од важни натпревари....

Тоа е и најава за најатрактивната фудбалска година која би можеле да ја посакаме.

И да не заборавиме дека оваа сезона ќе гледаме едни сосема различни дуели кои ќе бидат последица на овогодишниот преоден рок:


- Манчестер Јунајтед кој со нов лик ќе се потруди да го остави сличниот впечаток од минатата сезона (без Кристијано и Тевез, сега во прв план веројатно дури и со Берба(!?);


- Челзи со нов тренер и скоро истата содржина, повозрасни, поискусни и со многу повеќе научени лекции од минатата сезона, можеби и еден од моите фаворити во Англија и Лигата на Шампионите оваа сезона;


- Барселона која ќе ја има најтешката улога во Европа, но во исто време веројатно и најлесната во Ла Лига;


- Реал Мадрид, на хартија блиску до совршенството, но како сето тоа ќе се координира, ќе гледаме и ќе анализираме. Можеби оваа година нема да имаат никаков значаен успех, но ако успеат да го задржат составот, да ги избалансираат „его-триповите„ да ги консолидираат иконите на клубот со „дојденците„ е дури тогаш би можеле (од 2012 натаму) да ја очекуваме „кралската ера„ во Европа;


- Баерн Минхен кој ќе излета од втор план, да не речам од „бокс„ веројатно повторно меѓу најдобрите 4 или најмалку 8;


- Интер кој ќе треба да покаже дали го има вистинскиот и правилен избор или ова ќе биде уште едно стихијно освојување на скудетото, покрај релативно ослабнатиот градски ривал и бледиот комшија од Торино.

Ова е само еден дел од она кое ме прави посебно задоволен што сум сведок на оваа фудбалска, исклучително атрактивна, фасцинантна и неверојатно неизвесна, година...

Стартуваме вечерва со директни дуели кои повеќе ќе личат на „буткање со раце„ во кои ќе се измерат првичните сили, во кој ќе се менува сетап-от до следниот дуел, во кој сигурно по неколкупати ќе се рестартира и софтверот на претходно споменатите за време на игра и во соблекувалните, во кој ќе се прават и првите „медиумски распнувања„...

Стартувам, вечерва од 20.00... со најголемо задоволство и позитивни мисли, да уживаме во најубавата фудбалска година која е пред нас...

27.6.09

„ДИСЦИПЛИНА„ СЕ ВИКА ПРВИОТ ЧЕКОР КОН ПОБЕДАТА (ВО СЕКОЈ ПОГЛЕД НА ПОСВЕТЕНОСТА)


Во овие летни фудбалски паузи, како никогаш досега со толку малку фудбал, но затоа веројатно „Конфедерациите„ и „...до 21„ го имаат приматот исто така како никогаш досега...


Наскоро повторно ќе се вратам со честите неделни текстови, кои ми претставуваа огромно задоволство поради честите ваши „издржани„ забелешки и коментари, но сега само сакав да го одбележам моментот кој мислам дека претставува најпозитивен сегмент во иднината на фудбалот, која допрва ќе ја гледаме.


Тоа е репрезентацијата на САД, репрезентацијата на Јужна Африка, репрезентацијата на Шведска (до 21) и уште многуте тимови кои само ги верификуваат новите стандарди поставени од неколку клуба во изминатите години.

Имено, уште еднаш само се потврдува дека новиот светски фудбалски поредок има само еден свој закон „ДИСЦИПЛИНА„. Дисциплина во спроведување на добрите и квалитативни поставени формации, дисциплина во брзата трансформација при „посед на топка„ и „финализирање на акцијата„, дисциплина при „губење на поседот„ и транзиција во „одбрана со пресинг„ уште во првите линии на противничката половина.


Само со дисциплина добрите тренери можат со своите понекогаш и послабо технички подготвени индивидуалци да го победат фаворитот. Примерот беа токму трите репрезентации кои погоре ги споменав, кои во само 4 дена направија прекрасни презентации на својата игра. Технички послаби од своите противници, но дисциплинирани и кондиционо подготвени на исто ниво како и нивните противници-фаворити.


Штета што голем дел од нашите спортски коментатори не го разбираат фудбалот во својата суштина, па постојано сето тоа беше „коментирано„ со „...победи поголемата желба за победа...„ не коментирајќи ги во ниеден дел од целиот натпревар„ распоредот на формациите во брзите транзиции од напад во одбрана„ и обратно (кога тие транзиции се правеа во брзо префрлување на топката во контра со 3+1 или во одбрана со активен пресинг уште при самото „губење на топката„ со покривање на најблиските 2 позици, принудувајќи го противникот на долга топка или враќање назад за добивање на простор за повторно форматирање на трите линии во перфектна координација на сите полиња), не обрнувајќи ни еден миг на дисциплината на сите 1о-мина во фаза на напад и одговорностите кои ги имаа истите и во одбраниот дел ... можеби и јас премногу барам од луѓе кои се „специјалисти за спорт, од фудбал до бочање„ но сепак не можам а да не реагирам, бидејќи сепак помина времето кога само ТВ Скопје нудеше фудбал на ТВ. Сега, го имаме насекаде, а со малку повеќе професионална секојдневна и максимално посветена работа, може да се постигне вистинското потребно ниво. На крајот од краиштата, нивоата за споредби ги имаме насекаде околу нас, од Португалија до Русија....


П.С.

„...веројатно сеуште во Македонија малкумина се оние кои ќе го следат најпозитивниот пример на вистинската професионална работа на нашава тема, примерот кој многу години нананзад го постави Љубомир Николовски (NBA)…„