24.7.13

Барса ја напушта старата девиза „Повеќе од клуб“ !?

Со доаѓањето на Тата Мартино во ФКБ и ставање на 2+1 годишен потпис на договорот се менуваат сите работи кои беа базично поставени во уставот на клубот.
Имено, уште пред неколгу години со доаѓањето на Сандро Росељ се променија нештата во корен. ФКБ почна да ги менува своите правила поставени пред повеќе од еден век. Го продаде дресот и почна да профитира од него. Истиот тој Сандро пак ги доби изборите нагласувајќи дека Лапорта (неговиот претходник) премногу ја меша политиката во клубот (што од овој аспект сега е смешно) бидејќи истиот тој Сандро ја измеша многу повеќе, како резултат на таа иста политика, но сега во режија на новата гарнитура утре ФКБ против Баерн ќе игра во „сениера“ дресовите со апликација на каталонскот знаме. Прашање е само кога ќе се појави и „забранетата асталада“ на истите.
Последниот момент на ризична одлука е токму изборот на нов тренер. Веќе сите знаеме дека тоа е личниот пријател на Хорхе Меси, а донесен е конкретно по инсистирање лично на Лео Меси. Веќе дел од политичките каталонски медиуми го ставија и на своите насловни страници како „Мистер Меси“. 
Тоа покажува дека и официјално оваа гарнитура му се поклонува и создава идолопоклонство од Лео Меси. Без Меси не се може. Но, за првпат во својата историја клубот создава од еден лик идол во боженски фудбалски аспекти. Тука играа и Крујф, Марадона, Роналдо, Роналдињо но никогаш од нив не се создаде идолопоклонство за некого од наброените. Секој кога и да заминеше остануваше тезата дека „никој не е поголем од клубот, бидејќи Барса е повеќе од клуб“.
Но, што се случува сега?
Сега веќе излегуваат сите претходно дадени изјави од Крујф, од Пеп, од Валдес, од Тјаго, на виделина.
Пеп си замина поради кавгите токму со Росељ и Зуби за неговата идеја за реновирање во која ги немаше Сеск, Алвес и Пике. Тие му рекоа дека не може и не одобруваат. Пеп си замина и подоцна ја раскажа целата приказна, а ја повтори и на семинарите во Јужна Америка. Крујф го поддржа и ја искритикува целата влада на клубот. (а претхопдно падна и одземањето на титулата која му беше доделена на од Лапорта - одземена од Росељ, како „почесен претседател“, со зборовите на Сандро дека во Уставот не постои такво нешто и со тоа се рушат принципите на клубот во кои „никој не може да е над самиот клуб“. Крујф ја врати и се заблагодари со зборовите дека „не му е потребен трофеј, тој си ја носи Барса в срце“. Бруката остана за Сандро)
На зборовите на Валдес се сеќавате сите. Тазе беа. А на Тјаго уште потазе.
Сега имаме различна ситуација. Пред само 24 часа имаше изјава од цела соблекувална пренесена преку зборовите на Пујол, дека соблекувалната сака да го види Енрике како нов тренер (погрешно пренесена од некои МК медиуми дека фудбалерите сакале да го видат Тата на клупа)
Сега што правиме?
Одлуката на Меси против сите во соблекувална?
Ако на ова го додадеме проблемот кој го имаше минатата година на тренинг Бартра со Меси, кога беше опоменат и потоа неколку месеци тргнат поради „желбите“ на Лео... ако го додадеме проблемот на Виља кој и директно ви го пренесувавме во епизоди, и кој заврши со седнување на клупа, а веќе е и продаден... ако кон ова го додадеме и проблемот на полувремето во Минхен во Лигата на Шампионите кога Тито по 2 минути ја напушта соблекувалната со маубетот дека „реваншот е дома, не се секирајте“, па Лео ја презема улогата на тренер и кажува кој што да игра... ако кон ова го додадеме и односот на првиот тренинг откога отсуствуваше Тито кога доаѓа како помош за кондиционо загревање Вињијалс и Лео го отфикарува со реченицата „така да си ги тренираш децата, а не нас“ и тој кажува што да се работи на тренинг... тогаш сликата станува многу појасна.
Лео е вистинскиот наредбодател во соблекувалната!
Од тие причини ова го сметаме за најрискантен потег што може да го преземе управата на клубот.
Прво признаваат дека Лео е шефот и дека само тој се слуша, а второ, му се поклонуваат и создаваат нешто што ги руши сите досегашни постулати поставени пред еден век.
А каде е тука Нејмар?
Дали слушнавте деновиве нешто за него?
Не.
Знаеме.

Тики - Тата е новиот модел кој Барса ќе го игра наскоро

Тата доаѓа на местото на Тито по предлог на Лео, попрецизно по предлог од Хорхе (таткото на Лео), тоа е точно и не е никаква шпекулација.
Роден во истото место каде е роден Меси, од каде што доаѓа и еден од најголемите тренери исто така во Барселона Луис Сезар Меноти и местото каде е роден и Че Гевара, Росарио. Доаѓа со договор 2+1, што значи дека после првите две години двете страни можат да го раскинат договорот без никакви обештетувања. Тата во Барселона доаѓа по своите први титули во Европа.
Но, ова не е прв пример за ФКБ да се донесе тренер кој нема скоро ниедна титула во европскиот фудбал. Тоа се случува уште од времето на Рајкард во континуитет. Рајкард дојде на клупата на ФКБ без ниту една титула. Па следуваше Пеп без исто така ниту една титула, туку директно од подмладокот. Па Тито. И сега Тата.
Јосеп Мариа Бартомеу и Андони Зубизарета ги обелоденија контактите со Тата и на некој начин го формализираа неговото доаѓање во најтрофејниот клуб на планетава во последната деценија. Со Тата е договорено дека Барса не сака да менува ништо од својата философија и врските со Ла Масиа, туку Тата има обврска да продолжи онаму каде застанаа Пеп и Тито. Тоа му било начелно речено и прифатено од негова страна.
Во меѓуредови само како мала дигресија, преговорите со Луис Енрике скоро и да не започнале кога тој станал дециден дека не сака да дојде во ФКБ, поради тоа што само пред неколку месеци тој сам се понудил за истото место (додека беше Тито сеуште „на клупа“) но бил одбиен. Од тие причини не ни дошол веќе на муабет ни со Зуби, ни со Бартомеу, иако во соблекувалната скоро сите фудбалери го посакуваа како избор на Росељ.
Тата Мартино пристигнува во Барселона на голема врата, со многу доверба од соси-активистите, но не и од големите критичари. На пример, Јохан Крујф со сета почит кон Тата сепак смета дека Лучо ќе беше подобриот избор.
Ова исто така не е и прв пример за Барса каде доаѓа тренер кој е во блиски врски со најголемата ѕвезда. Така беше и случајот со Луис Сезар Меноти кои дојде „да го игра“ низ неговите најголеми волшепства најголемиот на сите времиња Диего Армандо Марадона. Пристигна во март 1983-та година и ја креираше својата филозофија и во школата на ФКБ. „Менотизмот“, контра од „Биелсизмот“ во Аргентина, остави големи траги во Барса. Сега е слична ситуација, но со нова концепција.
Тики - ТАТА ќе биде нешто слично на она што досега го играла Барса, но гледајќи ги сите досега хронолошки поставени акции на Мартино може лесно да се заклучи дека веројатно разликата ќе биде во она во кое запнаа на крај Пеп и посебно Тито, шутевите кон гол.
Ја игра истата игра 4-3-3 позиционирана со многу варијации во кои топката многу побргу се пренесува до противничката половина и каде побрзо доаѓа до финализација. Почитува високо поставен пресинг со брза транзиција по освоената топка. Тоа го играше со Њуел Олд Бојс, кој во последните години го имаше и прекарот „Барса во Јужна Америка“. Оние кои го следеле аргентинскиот фудбал знаат дека Тата иако е по предлог на Лео, сепак е единствениот кој би можел лесно и брзо да се вклопи во веќе поставениот систем.
Тата сака да детализира. Ангажира дури двајца за анализи на противниците. Овојпат со Руби ќе има и негов човек кој ќе помага во тие детализирања на секој следен натпревар. Тата не е од оние мирни, да не речеме, фригидни тренери, кои седат на клупа и мирно го следат секое движење. Тој е емотивец, тој е експлозивен со многу адреналински набој во секој натпревар. Мотиватор пар екселанс, она што недостасуваше кај Тито. Тата се разликува од претходниците по тоа што сака покрај тоа топката да е цело време присутна на земја, да ја има и во воздух. Ги сака „класичните 9-ки“ кои Барса скоро и да ги исфрли од употреба. Тоа е за очекување дека ќе биде новитет, кој колку и да очекуваме дека може да се трансформира, ќе биде сепак тешко. Фудбалерите со кои располага се мали по висина и тука ќе биде интересна неговата варијација, која досега ја играл со Њуелс.
На крај можеме да очекуваме дека ќе биде добар почеток за новитетот од Јужна Америка за кој и Меноти штотуку изјави дека за него Тата е меѓу најдобрите тренери во светот. А кон него се придружи и Марадона кој кажа дека не пропуштил натпревар на Тата бидејќи било исклучително задоволство да се гледа како тој води екипа. Дури смета дека Њуелс со Тата би била и најдобрата екипа и во Европа кога би можела да го презентира својот фудбал.
Ова е само уште повеќе поттик за сите вљубеници во фудбалската игра дека можно е да видиме наскоро уште една варијација на тема, од најтрофејниот фудбалски клуб во последната деценија во светот.