7.5.09

ПЕМБА ИЗ НИШ-а, НА СТЕМФОРД БРИЏ...

Прво што ми текна во раните утрински часови од четвртокот, беше времето кога активно се занимавав со аматерски театар. Не само што бев секојдневно активен во тогашниот „Дом на Млади„ туку не пропуштав буквално ниедна претстава во нашите два професионални театри во градот.

Една вечер, појдов на „Среќна Нова 49-та„ во МНТ.


Токму сега ми текна на еден лик, „Пемба из Ниш-а„ кој неколку години подоцна го запознав и лично (во Манда Роса), боксерот според кој беше напишан тој лик. Но, ни тоа не е вечерва тема на мојата позитивна конструкција од изминатат ноќ, туку една реплика која постојано ја поврзувам со претходните два сегмента, кои ви ги наброив.


Прво, „Среќна Нова 49-та„ , па Пемба из Ниша-а и човекот на кој требаше да му се одмаздат со тоа што ќе го натепаат. Но како? Размислуваа и се нагодуваа, дали со ножеви, дали со боксачи, дали со палки, се додека еден не рече:


„Не! Гов....т со гов....ки цевки!„


И така и бидна.
Ги извадија цевките од канализација и ја завршија работата...


Е сега да се вратам на фудбалот, после оваа мала дигресија која ме врати на претставата која навистина ја сметам за една од подобрите изведби на тогашната гарнитура на Македонскиот Народен Театар.



Нема да ја коментирам ноќта која ме остави без здив, ноќта во која неколкупати помислив на ќерка ми со надеж дека ќе преживеам и дека и утре пак ќе си играме на сите песнички и ќе се шетаме низ парк, ноќта која добив неколкупати тахикардија за некаде после полноќ дури и да осетам благо прескокнување на срцето (пост фестум реакција), ноќта за која многупати низ месеците наназад, зборував и наговестував дека ќе има токму ваков крај, но никако не ни помислував дека ќе се движи по вакво сценарио, ноќта која да ја режираше дури и Унковски, којзнае дали ќе и смислеше ваков крај, ноќта во која за малку моите пријатели го загубија облогот за да му се „ситат„ или „радуваат„ на ветеното „шетање гол по кеј„, ако заврши онака како што тие очекуваа...

Ноќ во која само ја потврдив мојата теорија, дека секогаш треба искрено, со многу желба и љубов кон тоа што се работи, да се влегува во секој нов предизвик, со позитивна мисла и чесно до крај, крај во кој не постојат граници, туку крај во кој, оној кој е чесен и искрен, ја поставува границата.


Вечерва нема да пишувам за недосудениот пенал од Пике, нема да пишувам за непостоечкиот црвен картон на Абидал, ниту за девијантното однесување со неартикулирани гласови на Балак, ниту пак лошиот мизансцен на Анелка и Дрогба како дел од најлошата претстава некогаш поставена во 2 пати по 90 минути (на Камп Ноу и Стемфорд Бриџ), а немам намера ни да полемизирам за можеби (поеднинечно и индивидуално) „најзрелите„ неискористени шанси токму на претходно споменатите...

Tуку ќе поставам неколку прашања како епилог на измината ноќ:


1. Дали не е време конечно да се воведе правилото „одземање топка„ или „жолт картон„(за некој, по избор на капитенот) за „пасивна игра„ повеќе од 30 минути, да не речам една третина од натпреварот. Што би се рекло, два жолти и третиот црвен, за 90 минути „пасивна игра„?


2. Зошто на Стемфорд недостасуваа линиите за седум и девет метри, со оглед на големината на „ракометното игралиште„ на кое се игра фудбал во домашното првенство?


3. Зошто, кога веќе се игра на ваков терен со ваква философија, фудбал, немаше уште еден судија од другата на страна на теренот, па можеби и норвежанецот немаше да ги направи грешките (и почетни и компензациски) во текот на натпреварот?


4. Дали можеби не беше тоа причината за таквото лошо судење на кое навивачите на Челзи ќе се жалат во наредните 7 години?


5. Зошто можеби не се воведат уште неколку судии од страна (но, вистински судии од Граѓанските судови) за да може веднаш да реагираат со проценка и пресуда за „ликови„ како Балак и Дрогба?


Не поставувам веќе прашања, кои на прв поглед можеби изгледаат помалку и цинично, но само на прв поглед!

Но, напротив, прашањата се многу реални во ваква констелација на натпревар, каде Арената е подготвена, народот е возбуден и го чека спектаклот, а „забавувачите„ поделени во два табора имаат проблем воопшто и да бидат дел од она за кое се сите дојдени во Арената и ги гледаат од страна...


Едниот табор вели:


- Ајде, ајде, да играме , да се надигруваме! - а другиот срамежливо се повлекува зад сцената со изговор:


- Не, оставете не, нам не ни се игра...


И сценариото понатаму продолжува во неколку веќе досадни познати дијалози:


- Ајде да играме!


- Не, другпат, оставете не денеска!


- Ама ајде, видете колку публика дошла да не гледа!


- Не, не...ви рековме, нам не ни се игра денес...


- Ама ајде, зашто сте такви, па ние дојдовме да играме!


- Не! Одете си, ние не сакаме да играме со вас...


И така продолжува до недоглед... се до 92-та минута од претставата, кога овие што цело време сакаат да играат (и да го направат она за кое сите се дојдени во Арената, да им ракоплескаат и да им се воодушевуваат) си ги земаат работите и си заминуваат:


- Добро, ние ќе си одиме, ќе си најдеме други кои ќе сакаат да играат со нас. Ама да знаете дека веќе никогаш нема да дојдеме да играме со вас, затоа што не сте фер! Ние сме тука за да играме, а не да ги оставиме сите во Арената да си одат со незадоволство дома...


И си заминуваат...
Си наоѓаат друг табор со кој ќе играат онака како што всушност сите и очекуваат...
Тргнуваат накај Рим...



... Пак се враќам на моите денови кога „киснев„ по театрите низ градов, професионалните и аматерските ...

И пак ми текна на репликата од „Среќна Нова 49-та„... за цевките со кои ја завршија задачата ...

... и на Пемба из Ниш-а...

... како да го видов на Стемфорд?