27.2.14

Нека е со среќа стартот и конечно нека тргне!


Бошко Ѓуровски го објавил списокот на фудбалери за своето прво претставување. Моите прашања и анализи ќе продолжат и понатаму, но сега е време да му се посака искрено среќа и убав почеток, со максимална поддршка од сите. Да проба вистински да ја крене репрезентацијата „од мртвите“ и конечно да направи убав исчекор за сите љубители на фудбалот во Македонија. Помалку да зборува пред микрофони, нека зборува на терен низ игра.

Со среќа нека е.

Време е накратко да замолчам (а и сите останати, кои и најчесто молчат:-) за да му се остави простор да зборува преку стратегијата, концептот, играта и резултатите.
А потоа ќе анализираме и ќе посочуваме.

Бошко, нека е со среќа стартот.

(и искрено од срце се надевам дека се шпекулации сите муабети дека на првата понуда од Јапонија ќе се врати таму. Не дај Боже да ни се повтори „Чедомир“ уште еднаш)

Кое фудбалско првенство е најгледано и најисплатливо во Европа? (анализа)

Последните натпревари од Лигата на Шампионите и Лига Европа ми наметнаа малку повеќе да истражам и да дојдам до податоци кои ви ги презентирам за тоа која е најпосетената, најгледаната и најисплатливата фудбалска лига во Европа. 
Па така споредбените факти ви ги презентирам тука, а вие потоа сами може да заклучите „кој каде се наоѓа“ и кој колку е атрактивен за гледачите во својата земја, за гледачите на стадионите и за оние пред ТВ, па дури и која земја како си го третира своето национално фудбалско првенство.
Бројност на гледачи на стадионите, со процент од вкупната пополнетост на истите:
Шпанија       26,781       68,61%
Англија        36.533       94,80%
Германија     42,907       89,87 %
Италија        23,672       49,73%
Франција     21,095        67,01%
Клупска покриеност со гледачи на петте „нај“ во горенаведените земји:
Реал Мадрид        73,182 или 86% од пополнетоста на стадионот
ФКБарселона        71,731       72 %
Атлетико Мадрид  45,885       84%
Валенсија            36,083       66%
Атлетик Билбао    35,072       96%
Манчестер Јунајтед 75,167        99%
Арсенал                  59,248        98%
Манчестер Сити       47,107        99%
Ливерпул                44,698        98%
Челзи                      41,191         99%
Борусија Дортмунд 80,536        99%
Баерн                    71,014        98%
Шалке                   61,568        99%
Борусија М.           52,328         96%
Хамбург                 51,317        90%
Интер                   46,525          56%
Наполи                42,834           56%
Рома                    40,145           49%
Јувентус              37,897           83%
Милан                  37,020           45%
ПСЖ                  45,241            93%
Олимпик Марсеј 38,459            64%
Лил                   37,065            74%
Лион                  33,036           79%
Ст.Етјен             26,698            76%
Пријавени саатници за медиумско ТВ покривање:
Шпанија е единствена во Европа со 10 саатници во кое нема преклопување на натпревари во ист час. Сите натпревари одат во одделен час, од петок до понеделник. По една во петок и понеделник. По четири во сабота и недела.
Англија 6 саатници, Сабота од 12:45 и 17:30 по една. Сабота од 15 часот 5 натпревари. Недела во 13:30 и 16. Понеделник од 20.
Германија 5 саатници, Петок една. Сабота пет натпревари од 15:30, една во 18:30 и недела 15:30 и 17:30.
Италија со 6 саатници. Сабота 18 и 20:45. Недела 12:30 и 15 (4-5 натпревари), како и 18:30 и 20:45. Понеделник 19 или 21.
Франција, 6 саатници. Петок 20:30. Сабота 17. Сабота 20 (5 натпревари) Недела, 14, 17 или 21 часот.
Слободни и „ПејПерВју“ канали.
Шпанија. 9 натпревари се со плаќање, 1 во понеделник е слободна на Кватро ТВ.
Англија. 148 натпревари во сезоната се со плаќање, а 232 натпревари не одат во тв пренос. Не постои натпревар за „слободно“ гледање.
Германија. Сите натпревари се со „плаќање за гледање“ сем првиот натпревар во сезоната оди „слободно“ на АРД.
Италија. Не постои ниту еден натпревар за „слободно гледање“. Сите се плаќаат на Скај и Медиасет.
Франција. Не постои „слободно гледање“. Сите натпревари се „плаќање за гледање“ на КаналПлус и Беин Спорт.
Претплатни сезонски билети.
Во Шпанија се најскапи за Сантјаго Бернабеу и изнесуваат 1840 евра.
Во Англија истите се најскапи за Арсенал и изнесуваат 2388 евра.
Во Германија најсако плаѓаат оние во Дортмунд 1005 евра.
Во Италија најскапо е за натпреварите на Јувентус, сезонски билет чини 1300 евра.
И во Франција најскап сезонски билет е за ПСЖ од 1930 евра.

Селекторот на женската фудбалска репрезентација фатен во лага!


Селекторот Добрислав Димовски не престанува да ја засмејува јавноста после стратегискиот концепт во Логорњо, сега и со најновата изјава во која очигледно се служи со факти кои не се вистинити, а и многу лесно можат да се проверат.
Имено, се осврнува на тоа зошто не ја повикал голманката Весна Витанова во репрезентацијата, а која како што знаеме беше столб низ изминатите години. Но, со тоа што таа стана една од малкуте критичари на неговото „вонфудбалско менаџирање“, за кое е пишувано и низ други медиуми во неколку наврати, веднаш беше и исфрлена од списоците.
Оправдувањето кое го дава селекторот на еден од авторите и водители Лазо Илиески на емисија на ТВ ВИС од Струмица е следниот, (а може да го чуете и видите по 3:50 минута од должината на видеото подолу)
- Весна Витанова е добар голман, која работеше во репрезентациите, но она се отсели во Шпанија. Со отселувањето во Шпанија јас како селектор немам никакви информации дека она активно игра фудбал, штом не игра фудбал како јас како селектор да ја повикам?... Но во прашање кај Весна Витанова е што не игра никаде и затоа не ја повикуваме... Ние ги проверивме сите информации, но Весна Витанова не фигурира никаде како нивни голман... и причината е само тоа, а ако она настави да тренира и да брани, поред тоа што даде една изјава кое што ја даде дека јас нема да играм повеќе за фудбалската репрезентација на Македонија, јас ќе наставам фудбалска кариера у Америка. Од сето тоа нема ништо и затоа Весна не е повикана. Не е повикана, ќе бидам конкретен затоа што не брани никаде, - изјави Димовски. (говорот ви го пренесовме во цитат)
Ги проверивме и ние фактите и се повикавме на официјалната страница на Каталонската Федерација, каде може навистина да се забележи дека Весна Витанова, две години во континуитет е член на клубот од Шпанија и дека брани на нивните официјални натпревари во Лигата. (тоа може да го проверите и вие на ЛИНКОТ ТУКА). Многу е чудно како ФФМ ја зема „здраво за готово“ усната изјава на селекторот без да ги провери фактите. Посебно што во денешното време постојат и други начини на комуникација, телефон, факс итн, а на страната се сите тие јавно објавени.
Во продолжение ја пренесуваме и изјавата од Весна Витанова по овој повод дека „воопшто не играла фудбал“ како што изјави Димовски:
- Не ме интересираат веќе инсинуациите од селекторот, кој многу добро знаеме зошто не ме повикува и не само мене, туку уште неколкумина, бидејќи јавно и лично нему му го соопштивме ставот за неговото лошо менаџирање со репрезентацијата. Смачено ми е веќе да ги трпам и уцените со кои се соочував лично од него. А за тоа беа информирани и луѓе во ФФМ и пак ништо. Со сменувањето на единствениот тренер Горазд Михајлов кој направи вистинска дисциплина и тим, и повторно назначување на Димовски, можеме само да кажеме РИП за женскиот репрезентативен фудбал додека е тој на чело. Се виде со сите натпревари, а и сите можеа во Македонија да видат што се играше во Шпанија. Тоа е секаде исто. Нема ни стратегија, ни концепт. А сите фудбалерки ги фрла во оган да ни се смееат низ Европа. Чисто информативно, јас уште по доаѓањето во Шпанија, информациите и контактите со мојот клуб ги оставив кај секретарката тогаш во ФФМ и една од главните денес во комисијата за женски фудбал, Аница Трајкова. Што се случувало понатаму со тие контакти не знам. Но со ова што ми го пуштивте се` е кажано. Знам за цела кампања која тој ја води низ ходниците во Федерацијата. Се прашувам само како му веруваат, а не проверуваат!? Инаку еве за вас, една информација која сеуште никаде не сум ја соопштила. Од следната недела заминувам во Стокхолм, на 10 дена каде ќе бидам во контакт со тамошен клуб од првата лига и во тренинзи за дефинирање на мојот евентуално нов договор. Ако се оствари, а ќе знам по овие 10 дена, од април ќе бранам во Шведската прва лига, една од најсилните во светот. А за инсинуациите веќе не ме ни прашувајте, ни барајте изјава. Има официјални интернет страни, има видеа од натпреварите има се`. Кампањата на селекторот е смешна и е за употреба само низ ходниците на Федерацијата... Чудно е што сеуште му веруваат!?, - заврши Витанова.
Во продолжение погледнете го видеото од емисијата на ТВ Вис.
А ова е видеото кое покрена и „лавина“ коментари низ македонската јавност.

24.2.14

Бошко Ѓуровски премногу дипломатски ја шутна првата топка кон ЕП


Бидејќи Бог ми дал можност да прашувам, анализирам, барам решенија и одговори, ќе морам да се осврнам уште на стартот на „дипломатијата“ на Бошко Ѓуровски, кој го ценам како еден од највредните некогашни македонски фудбалери.

Но за да бидеме на чисто, мораме да бидеме прецизни бидејќи мене искрено, одамна ми е смачено само да слушам „хвалоспеви“ од секој што ќе седне на столче, а кога ќе си го подвитка опашот (како Чедомир) да слушам пак дека „тоа е тоа и толку можеме“.

Но, бидејќи најголем дел од новинарите во МК не смеат да поставуваат ниту прашања што не се според „договореното“ а уште помалку пак да анализираат, бидејќи потоа можат да се опростат од патувањата со репка, јас немам такви „карактеристики и желби“ (сам си патувам, на свој трошок, како и секогаш) па затоа ќе почнам со прашањата.

Да почнам од почеток со неговата прва изјава која всушност ми е многу нејасна и премногу дипломатска за селектор, тренер и човек кој треба да ја крене од „мртвите“ цела репрезентација.

1. „Добивме репрезентации против кои можеме да се надигруваме, но отсекогаш сум велел дека најважни сме ние и нашиот пристап кон противникот и играта.“

- Прецизно, ќе ве молам. Што значи тоа „против кои ќе можеме да се надигруваме“? Ќе си играме играчки ко досега, а бодовите „аш“? И после ќе се правдаме дека сме пробале да се надигруваме и толку?

2. „На прв поглед групата е позитивна, можеме да се надеваме на позитивни работи...“

- Прво да разјасниме, бидејќи мене лично не ми е јасно, а верувам и на многумина, што се тоа „позитивни работи“? Што е тоа дека групата е „позитивна“? Дали мисли на некаква позитивна атмосфера, на позитивна дружба, позитивно што ете ќе се дужиме со Шпанците, Словаците, Белорусите итн? Во Фудбалот, колку јас што знам секогаш се дава прецизност. Ако селекторот не е дисциплириан во прецизноста и фокусираноста на целите, како може тоа да го бара понатаму од фудбалерите? Значи, убаво ќе беше да објаснеше што значи тоа „позитивна“? (или воопшто да не навлегува во темата) Дали во број на бодови? Имаме ли намера да освојуваме бодови (по три дома) или ќе одиме насмеани, позитивни, весели, дружељубиви, за на крај пак да сме претпоследни или последни? Многу „дипломатски“ одговори. Премногу!

3. „... не треба да создаваме било каква еуфорија или слика дека можеме до големи работи.“

- Дали ова подразбира она што го кажав претходно? Да не си мислиме дека ќе одиме на ЕП. Бидејќи не сфаќам зошто инаку би била оваа реченица? Големи работи се тие, сем ако не мисли на нешто друго, како на пример, претпоследни, ама барем сега имаме публика, нови дресови, пишуваат за нас во весници...итн... Овој одговор може да го третирам дека едноставно, треба сите да знаеме дека мрдање од претпоследниот шешир, тешко. Луксембург ни е единствениот спас. Значи, и ова премногу „дипло“. Лошо „дипло“!

4. „Ќе се обидеме да создадеме тим од кој ќе има одговорност и обврска да го даде најдоброто од себе на секој натпревар, на тој начин би ја добиле поддршката и од целата јавност, а тоа може да не води до позитивни резултати.“

- Ај како за крај, да не се фолираме. Публика за репрезентација како поддршка имало секогаш многу. Тоа што сега е се` помалку тоа е поради ваквите флоскули повторувани од сите претходно. За играта и да не зборувам, од лошо полошо. Но, со ова веќе потврдува дека сите сме биле во право кога сме рекле дека оваа сегашна репрезентација не заслужува ни да игра, а не да бара публика на стадион. Бидејќи токму тоа и тој го потенцира со тоа што вели дека „Ќе се обидеме да создадеме тим од кој ќе има одговорност и обврска да го даде најдоброто од себе“. Значи прво е „Ке се обидеме“, што не значи и дека ќе успее, нели. А второ е „тим од кој ќе има одговорност и обврска“ што значи дека навистина досегашниот тим беше башибозук без „одговорност и обврска“, што всушност Горан Пандев и јавно ни го откри, а Петар Милошевски проба да ја убедува јавноста дека не е така. Бошко сега само потврди, она што Пандев го отвори.

Значи, да резимирам. Од Бошко Ѓуровски, не чувме ништо ново ниту нешто пак позитивно од она што досега сме го знаеле. Премногу дипломатија не е на арно, посебно не од луѓе кои „не се родени“ за дипломати. Лично му посакувам да успее, а ваквите муабети како овој да ги има помалку. Или да биде прецизен или нека не кажува ништо туку нека зборува на терен и низ резултатите.


Ова е целата изјава, прочитана на официјалната страна на ФФМ:
„- И пред извлекувањето реков дека немам посебни желби кога се во прашање можните противници за квалификациите на Европското првенство. Добивме репрезентации против кои можеме да се надигруваме, но отсекогаш сум велел дека најважни сме ние и нашиот пристап кон противникот и играта. На прв поглед групата е позитивна, можеме да се надеваме на позитивни работи, но не треба да создаваме било каква еуфорија или слика дека можеме до големи работи. Секако дека сме оптимисти, но рано е за било какви прогнози и претпоставки. Ќе се обидеме да создадеме тим од кој ќе има одговорност и обврска да го даде најдоброто од себе на секој натпревар, на тој начин би ја добиле поддршката и од целата јавност, а тоа може да не води до позитивни резултати. Многу важен е распоредот на натпреварите, тоа ќе го дознаеме подоцна, изјави за официјалниот сајт на ФФМ селекторот Ѓуровски.“