24.2.14

Бошко Ѓуровски премногу дипломатски ја шутна првата топка кон ЕП


Бидејќи Бог ми дал можност да прашувам, анализирам, барам решенија и одговори, ќе морам да се осврнам уште на стартот на „дипломатијата“ на Бошко Ѓуровски, кој го ценам како еден од највредните некогашни македонски фудбалери.

Но за да бидеме на чисто, мораме да бидеме прецизни бидејќи мене искрено, одамна ми е смачено само да слушам „хвалоспеви“ од секој што ќе седне на столче, а кога ќе си го подвитка опашот (како Чедомир) да слушам пак дека „тоа е тоа и толку можеме“.

Но, бидејќи најголем дел од новинарите во МК не смеат да поставуваат ниту прашања што не се според „договореното“ а уште помалку пак да анализираат, бидејќи потоа можат да се опростат од патувањата со репка, јас немам такви „карактеристики и желби“ (сам си патувам, на свој трошок, како и секогаш) па затоа ќе почнам со прашањата.

Да почнам од почеток со неговата прва изјава која всушност ми е многу нејасна и премногу дипломатска за селектор, тренер и човек кој треба да ја крене од „мртвите“ цела репрезентација.

1. „Добивме репрезентации против кои можеме да се надигруваме, но отсекогаш сум велел дека најважни сме ние и нашиот пристап кон противникот и играта.“

- Прецизно, ќе ве молам. Што значи тоа „против кои ќе можеме да се надигруваме“? Ќе си играме играчки ко досега, а бодовите „аш“? И после ќе се правдаме дека сме пробале да се надигруваме и толку?

2. „На прв поглед групата е позитивна, можеме да се надеваме на позитивни работи...“

- Прво да разјасниме, бидејќи мене лично не ми е јасно, а верувам и на многумина, што се тоа „позитивни работи“? Што е тоа дека групата е „позитивна“? Дали мисли на некаква позитивна атмосфера, на позитивна дружба, позитивно што ете ќе се дужиме со Шпанците, Словаците, Белорусите итн? Во Фудбалот, колку јас што знам секогаш се дава прецизност. Ако селекторот не е дисциплириан во прецизноста и фокусираноста на целите, како може тоа да го бара понатаму од фудбалерите? Значи, убаво ќе беше да објаснеше што значи тоа „позитивна“? (или воопшто да не навлегува во темата) Дали во број на бодови? Имаме ли намера да освојуваме бодови (по три дома) или ќе одиме насмеани, позитивни, весели, дружељубиви, за на крај пак да сме претпоследни или последни? Многу „дипломатски“ одговори. Премногу!

3. „... не треба да создаваме било каква еуфорија или слика дека можеме до големи работи.“

- Дали ова подразбира она што го кажав претходно? Да не си мислиме дека ќе одиме на ЕП. Бидејќи не сфаќам зошто инаку би била оваа реченица? Големи работи се тие, сем ако не мисли на нешто друго, како на пример, претпоследни, ама барем сега имаме публика, нови дресови, пишуваат за нас во весници...итн... Овој одговор може да го третирам дека едноставно, треба сите да знаеме дека мрдање од претпоследниот шешир, тешко. Луксембург ни е единствениот спас. Значи, и ова премногу „дипло“. Лошо „дипло“!

4. „Ќе се обидеме да создадеме тим од кој ќе има одговорност и обврска да го даде најдоброто од себе на секој натпревар, на тој начин би ја добиле поддршката и од целата јавност, а тоа може да не води до позитивни резултати.“

- Ај како за крај, да не се фолираме. Публика за репрезентација како поддршка имало секогаш многу. Тоа што сега е се` помалку тоа е поради ваквите флоскули повторувани од сите претходно. За играта и да не зборувам, од лошо полошо. Но, со ова веќе потврдува дека сите сме биле во право кога сме рекле дека оваа сегашна репрезентација не заслужува ни да игра, а не да бара публика на стадион. Бидејќи токму тоа и тој го потенцира со тоа што вели дека „Ќе се обидеме да создадеме тим од кој ќе има одговорност и обврска да го даде најдоброто од себе“. Значи прво е „Ке се обидеме“, што не значи и дека ќе успее, нели. А второ е „тим од кој ќе има одговорност и обврска“ што значи дека навистина досегашниот тим беше башибозук без „одговорност и обврска“, што всушност Горан Пандев и јавно ни го откри, а Петар Милошевски проба да ја убедува јавноста дека не е така. Бошко сега само потврди, она што Пандев го отвори.

Значи, да резимирам. Од Бошко Ѓуровски, не чувме ништо ново ниту нешто пак позитивно од она што досега сме го знаеле. Премногу дипломатија не е на арно, посебно не од луѓе кои „не се родени“ за дипломати. Лично му посакувам да успее, а ваквите муабети како овој да ги има помалку. Или да биде прецизен или нека не кажува ништо туку нека зборува на терен и низ резултатите.


Ова е целата изјава, прочитана на официјалната страна на ФФМ:
„- И пред извлекувањето реков дека немам посебни желби кога се во прашање можните противници за квалификациите на Европското првенство. Добивме репрезентации против кои можеме да се надигруваме, но отсекогаш сум велел дека најважни сме ние и нашиот пристап кон противникот и играта. На прв поглед групата е позитивна, можеме да се надеваме на позитивни работи, но не треба да создаваме било каква еуфорија или слика дека можеме до големи работи. Секако дека сме оптимисти, но рано е за било какви прогнози и претпоставки. Ќе се обидеме да создадеме тим од кој ќе има одговорност и обврска да го даде најдоброто од себе на секој натпревар, на тој начин би ја добиле поддршката и од целата јавност, а тоа може да не води до позитивни резултати. Многу важен е распоредот на натпреварите, тоа ќе го дознаеме подоцна, изјави за официјалниот сајт на ФФМ селекторот Ѓуровски.“

No comments:

Post a Comment