5.6.17

Заев, сега и кај тебе е ракометната топка, како и останатите по неа!

Го почнувам овој текст токму на овој начин, бидејќи пред многу години додека сеуште беше во опозиција, а далеку од Премиер, во „Топки“ го презентираше еден од најубавите спортски проекти за насочување на данокот во општина Струмица во спортски цели. Тогаш беше пионер во Македонија, а тој одличен проект беше блокиран за воспоставување на државно ниво само поради тоа што не беше проект на партијата на власт. 

Таа погубна политика ја видовме во изминативе години. Веќе нема да ја споменуваме. Небитна е понатаму.

Денес Вардар стана шампион во спортот кој очигледно многупати досега ни покажа на сите нам дека е „Спорт Број Еден“ во Македонија.

По 15 години од женската титула во истиот спорт, Македонците може да се радуваат на нова, овојпат во посилната категорија, иако на дофат на рака е и уште едно повторување и во женска, пак.

Но, што е сега битно?



Дали ќе ги прокоцкаме годините кои следуваат како што тоа се случи со Кометал?

И тогаш „странци“ го направија успехот. Македонија не успеа да го искористи нивниот успех на најдобар начин и да направи влијателна репрезентација и влијателен клупски ракомет во европски и светски ранг. Даде државјанства и туркаше малку по инерција. Но кога требаше да се создаде сопствена база, згасна се`. И ракометарките и базата и клубот и спонзорството, а на крај и репрезентацијата. Не се искористи нивното присуство во Македонија додека беа активни и додека можеше да се „пресликува“ нивниот успех низ она кое нам требаше да ни биде база.

Сега ја имаме истата ситуација.

Но, сега ве имаме и вас, новата Влада и тебе Зоки кој знаеш и имаш големо искуство како се прави успех во спортот. Струмица беше одличен проект. Затоа не треба да се заборави се` направено тогаш. Напротив, да се продолжи со посилно темпо. Да се формираат институции ако треба и аналитички центар за да се испита теренот. А потоа чекор по чекор, да се внесе ракометот во задолжителните предмети во основното образование. Да се оди чекор понатаму и да се дозволи на сите во Македонија да имаат бенефити од овој прекрасен спортски успех.

Без оглед што сите знаеме дека Самсоненко е пулен на вашиот политички противник. Без оглед што и вие знаете дека нашиот најдобар ракометар на сите времиња е побизок до власта која замина, неговиот камп и тоа што го прави треба да биде дел од секоја нова и прогресивна спортска програма.

Без оглед што, генерално, оние кои заминаа вложуваа повеќе во спортот отколку во времето на Бранко кого спорт не го интересираше ама воопшто.
Одважете се и спојте го убавото и успешното во иднината на спортската Македонија. „Академија Пандев“ нека биде исто така огледалото во кое ќе се погледнува како треба да се продолжи од денес понатаму.

Тоа е многу нормален процес секаде во светот, во земји кои немаат многу успех во сите спортови. Азербејџан го направи шахот и каратето задолжителен предмет во основните училишта, еве на пример.

Не правете го она што го направија со „македонското ватерполо“ за кое срам ми е и воопшто да пишувам. (а се надевам дека еден ден некој и ќе одговара за тоа перење пари што го направи тогашната власт)

Затоа, сега е времето Македонија да профитира од овој успех и да се создаде расадник со кој ќе се гордееме ракометно низ децениите нанапред. Не повторувајте ја грешката од претходниот успех.

Тоа го можете, затоа што знам дека добро го знаете.

Топките од спортот се сега во вашите раце, институционално!