25.3.17

ОВА ВЕЌЕ НЕ Е „МОЕ СКОПЈЕ“

Колку сакате и натаму фолирајте се со „Мое Скопје“, него го нема.
Исчезна како што исчезна Азурниот прозорец пред дваесетина дена.
Тажно е веќе...

Без оглед колку можеби би сакале да ме разубедите, нема да успеете.
Нема да успеете да ме разубедите дека не ја видов некултурата која навлегла во сите пори на општеството со сите свои аспекти.

Нема да ме разубедите ни дека не ги гледав некогашните „сограѓани“ распцуени на секој чекор и на секој семафор додека најчесто и не се чекори. (на моменти помислував дека е џабе „зеленото светло“, кога се` стои в место, а можеби и дури попрецизно, нешто оди дури и наназад).

Нема да можете да ме разубедите дури и в миг да ги тргнете скелињата кои го „запоседнале“ центарот во нечистотија и квази урбана градба.

Тоа не е мое Скопје.

Можеби повеќе го почувствував како феудален посед на некој новокомпониран вазал што „има“ идеа од закрепостените селани да направи ренесансни уметници.

А јас секако нема ни да се трудам да ве разубедувам дека токму таква е сликата за секој умен, што барем еднаш заминал во „белиот свет“, далеку од вашата крепост.

Живејте си вие во „вашето Скопје“, а јас ќе си ги разгледувам фотографиите од некогашното мое Скопје.