15.2.14

Зошто е поубаво да не пишувам?

Мислам дека ова треба да е последно пишување на темата за срамот.


Нема да пишувам не само за срамот, туку нема да пишувам ниту за комплетната фудбалска неписменост. Нема да пишувам ни за формацијата 1 - 9ипол - пола. Нема да пишувам ни зошто не беа земени барем едни од најдобрите почнувајќи со Брахими, Станковска, Андреевска, Спасова, Ангеловска, Димковска кои и "со една нога" ќе беа покорисни отколку многумина, а за нивното искуство и да не зборам, наместо пола од овие кои ги гледавме, а до пред година дена не ни знаевме дека играат фудбал. Нема да пишувам ни за Весна Витанова, едноставно поради тоа што иако сум секогаш објективен, не сакам никакви инсинуации, ионака настрада поради "мене", а плус тоа и јавно пред неколку дена таа сама изјави дека после се нема веќе намера да брани за репрезентација. Нема да пишувам ни за промената на голман во 83-та минута која, како одлука, е под секое педагошко ниво, пред се'. Нема да пишувам ни за "муабетот" кој треба да реализира припреми, на "државен трошок", за Кочани да може да го добие Оризари и потоа некој да си го добие подарочето за ЛШ учеството, од "партнерот". Нема да пишувам ни зошто е веројатно дека ќе го изгорат можеби и најголемиот млад наш талент, Марковска, наместо да дозволат да се развива по категории, но така пак немаше да може да "му ја украдат" на Изов, ако не ја земеа на прошетка до Шпанија. Нема да пишувам ни за имбецилните факти дека најдобар е оној кој најмногу истрчал, а не оној кој играл фудбал. (е за тоа ќе се смеам до бесвест) Нема да пишувам ни за тоа дали Наташа Андонова сама барала или селекторот ја ставил да игра последен човек во одбрана, шпанците кажаа се' во нивните коментари и само се чудеа што ли размислуваат сега на клупа. Нема да пишувам што можеби и треба да биде барање до професорот Боби Марковски, да му ја скинат Лиценцата "тренер" на селекторот, која му ја дале "од што било неизбежно". Нема да пишувам ни за тоа што истиот не го разбира поимот "репрезентација" туку го толкува веројатно како своја фудбалска школа со име "Моите први фудбалски чекори". Нема да пишувам ниту за било кој сегмент понатаму од најлошиот резултат што само две репрезентации го имаат доживеано, покрај нас како трета, бидејќи целото водство збеснува ако некој почне да ги анализира и критикува, а некои фудбалерки се толку сентиментални што веројатно написите ги кочат да го искажат својот велелепен фудбалски талент на терен. (и среќа што цел живот играат во територијата од Милановац до Зрзе и од Драч до Софија, иначе со такви сентименталности дека никој, сем тие самите, не смее да ги критикува и анализира, ќе беа изногирани за дел од мигот во било кој клуб низ Европа-такви принцези не одгледуваат во ЕУ). Нема да пишувам веќе ни за статистиката и за видеото од натпреварот кое и сами можете да го погледнете и без да пишувам, бидејќи и ако не пишував, некому можеби повеќе ќе му одговараше тишината и мирот, хармонија, не од 12 туку и од 20 парчиња да беа, ќе беше хармонија за мир; што помалку се пишува и помалку се знае, а што помалку се знае, повеќе се верува во тоа што секој сам ќе си пласира "супер, најдобри, прекрасни".


Нема да пишувам ни за тоа веќе зошто не треба да пишувам, бидејќи всушност ретко кој знае да чита што пишувам...

12.2.14

Тргна!

Почитувани пријатели, симпатизери и навивачи на ФК Барселона,
имаме големо задоволство да Ве информираме дека првото Здружение на поддржувачи на ФК Барселона во Македонија е веќе регистрирано во Централниот Регистар на Република Македонија под официјалното име „Пениа Барселониста Сис Копес Топки“ (Penya Barcelonista Sis Copes Topki - во оригинален запис, а со превод на македонски „Пениа на Барселонисти Шест Купа Топки) и под директно покровителство на ФК Барселона, Шпанија.
Со новите промени во Статутот на ФКБ кои беа донесени кон крајот на 2013-та година, Македонија го задржа правото за формирање на вакво здружение само поради исполнување на правилата за минимум 5 годишно членство на „основачот“ односно Претседателот на истата.  Досега во неколку наврати, се правеа обиди за конечна регистрација, но промените и во Статутите на самиот клуб, наметнаа нови исполнувања.
Затоа, денес можеме да бидеме задоволни дека конечено добиваме целосно и комплетно поврзување со нашиот омилен и сакан клуб.
За кратко се очекува и официјалното претставување во ФКБ, во секторот Пении, а дотогаш го воспоставуваме линкот со Вас, со цел и да ја зголемиме нашата првична активност и зголемување и групирање на Членството.
Првата Пениа од Македонија е со седиште и адреса во Струмица, а наскоро ќе ја прошири својата активност и низ останатите градови низ Македонија.
Беше донесен и Статутот, како и Програмата за активности во 2014-та година, како и за новите во 2015-та година, за кои ќе ве информираме доплнително.
Денес нашето Здружение брои 220 членови, а по официјалното соопштување и во седиштето во Барселона, ќе започне и со зачленување на сите нови, меѓу кои ќе ни биде задоволство да бидете и Вие.
Сите членови на првото здружение на ФК Барселона во Македонија ќе добијат свои карнети (СОСИ картички) печатени и испорачани од седиштето во Барселона, како дел од македонските официјални навивачи и членови. Истите ќе ги добијат и сите бенефити со кои ФКБ располага за сите пении во светот. (Сумата за членство ќе биде симболична за Македонија, за цела година, согласно условите од ФКБ)
Ако досега не можеше да се добие рамноправно СОСИ членство (кое сега го имаат само двајца Македонци, основачите на оваа пениа) и уште тројца со „членство во пауза“, со формирањето на оваа Пениа, секој Македонец по исполнувањето на тригодишното наше членство, ќе може да добие и полнoправно, со право на глас како и сите 150.000 низ светот.
Членството опфаќа и други бенефити, од купување на влезници, организирано патување за натпреварите на ФКБ на Камп Ноу како и на гостински терен, нарачување од официјалната продавница (интернет или лично), посета на музејот и внатрешноста на стадионот, и уште многу други поволности.
Нашите пениисти ќе имаат и активно учество во реализирање на програмата на првата македонска пениа официјално и под покровителство на ФКБ.
Струмица 2014, е местото каде наскоро ќе биде отворена првата канцеларија на ФКБ во Македонија, најфудбалскиот град во државата и местото каде веќе „се станционираа“ неколку кампови на големите фудбалски европски гиганти.
Од таму ќе тргне и патеката на поставување на првото македонско обележје на еден од столбовите на Камп Ноу.


Visca Barça, Visca Macedonia!