31.7.08

ВЕЌЕ СЕ НАЅИРААТ НОВИТЕ ТИТУЛИ ЗА КАТАЛОНСКАТА ГОРДОСТ...


Одличен трет натпревар од предсезоната, пред стартот на турнејата низ САД.
Во неколку кратки црти.
Гвардиола конечно ја стабилизира играта со и без Меси (овојпат повторно ја имаше 10-ката на грбот на новите жолти дресови за наредната сезона).
Задната линија очигледно е дека увежбува побрзо освојување на простор, со подолго притискање кон половината на противникот, во секој миг од играта. Практично, да не се дозволи дури и евентуалниот пресинг да го оневозможи брзото префрлување на топката кон средниот ред. Пеп очигледно се повеќе ја форсира атак играта со ширење на крилата, од едната страна бековско продирање на Алвес кон Чави или Кеита, а од другата страна преку Абидал до Иниеста, кој овојпат го гледав исклучиво на левата страна.
Тоа остава простор за брза контра на противникот, при евентуална грешка, но во овој случај можев да се забележам, дека последната линија е исклучително подготвена оваа сезона од кондициски аспект. Скоро беспрекорно.
Чави со поизграден шут од мината сезона, но Иниеста очигледно малку потешко се снаоѓа на новата позиција и со новите имиња. Можеби и овие ротации и измени (преку 6-8 на еден натпревар) си го прават своето.
Забележав еден нов сегмент во првата линија пред голот на Фиорентина, а тоа можев да го видам и во првиот натпревар против Хибернијан. Пеп подготвува ново оружје. Тоа беа ситните, кратки и екстремно брзи додавања (на прва) околу линијата на шеснаесетникот, 4-5 додавања, и позиција од која се гради изненадувачки шут кон голот, додека меѓу противничката одбрана се создава мала мешаница. Ова во двата натпревари го видов 6-7 пати. На разни позиции, од скоро истата оддалеченост.
Меси беше виртуозен. Сигурно дека ќе остане во сеќавање 68-та минута кога беше заменет со Хлеб, а публиката на Артемио Франки стана на нозе и со аплауз го испрати на клупа. Почит. Така треба, секогаш кога станува збор за мали волшепства, без разлика на кој дрес припаѓаат.
Првиот гол го постигна Пујол, вториот Хафран, а третиот Бојан. Тоа што првиот гол беше на Пујол, може да создаде забуна дека повторно тој ја игра позицијата која две години наназад му ја наметна Рајкард. Но, не. Пеп, него го става исклучително во задната линија, сем во некои од прекините. Ова беше негово прво излегување напред и по асистенцијата на Пике (кој беше одличен) го отвори резултатот.
Тоа што минатите две години го играше Пујол, сега во Барса го игра Алвес, но уште поактивно во напад. Нешто налик на комбинација со некогашните игри на Роберто Карлос во Реал Мадрид. Бојан неколкупати ги ротираше позиците, со Меси и без Меси. Одлично се снаоѓа, за разлика од првиот натпревар.
Хлеб беше блед, сеуште незабележителен. Но затоа, Педро (или Педрито) е се подобар. Тоа сигурно ќе биде новата опасност за сите противнички голмани во сезоната која следува. „Велосипед„ фантастично изработен (нешто налик на оној на Робињо, кој за мене е еден од најдобрите кој ги гледам), брзина и ориентација - феноменална, експлозивен и со одлична игра во место.
Генерално, Барса задоволува се повеќе. За Фиорентина можам само да кажам дека Џилардино очигледно е повторно една од најлошите инвестиции што еден клуб може да си ги дозволи. Без компас, со постојано жалење кај судиите, како оправдување за своите неуспешни дриблинзи и шутеви. Во моментот кога беше сменета гарнитурата на нападот во која беа Муту и Џилардино, Фиорентина почна да игра многу подобро. Тогаш беше постигнат и голот, а имаше и уште неколку добри акции. Претходно, скоро и ниедна изградена.
На ред е каталонската турнеја низ САД.