2.4.10

НАЈУБАВИОТ, НАЈЕЛЕГАНТНИОТ И НАЈНЕИЗВЕСНИОТ ФУДБАЛСКИ ПРАЗНИК . . . СО ВЕЛИГДЕНСКА ЗАВРШНИЦА !

Прекрасна средба, после која прво што ќе кажам е мојата лоша проценка од претходниот текст за една битна фигура од првиот дуел.

Алмуниа е првата моја лоша проценка.
Очекував дека ќе биде на „висина на задачата„, просечен како и секогаш. Но, овојпат Алмуниа беше фантастичен, неверојатен, и комплетно без вина дури и за двата примени гола. Меч кој и самиот верувам ќе го памети и штета што неговиот тим не му овозможи цел живот да се сеќава на овој дуел. Во стил на ракометен голман сигурно дека на Меси, Чаби и Ибра, голот со него на средина им изгледаше помал и понизок.

Пеп постави повторно две слични полувремиња.
Првото со пресинг од трите линии, пошироко развлечени со постојано позиционирање што поблиску до голот на Арсенал.
А второто, слично, но малку во обратна високо позиционирана формација. Комплетно трите линии позбиени со поголеми работни задачи наназад кон голот на Валдес.

Причините се јасни,со само една цел, да се постигне што порано гол.
Нешто што му успеа во второто.

Позбиени редови за потешко пробивање на Фабрегас, Насри, Аршавин и Бенто.
(Што не беше иста препрека и за Волкот, човекот кој на моменти знаеше да ја измеша крилната одбранбена линија)

А од друга страна (во второто полувреме) со така поставени линии, повеќе простор за брз трк на Меси во фор кон Ибра или варијанта од која паднаа и двата гола, со пас кон Ибра (на линија на офсајд) во брза финализација.

Без многу философирање Пеп очигледно, овојпат и без новина во форматирањето на позициите со нови улоги, требаше да дојде до поповолен резултат барем во првите 20-тина минути.Од 2о-тата минута Арсенал успеа да го балансира тежиштето на игра и веќе почнавме да го гледаме тимот на Венгер кој сме навикнале да го гледаме.

Сепак во едно мора да бидеме прецизни, Барселона беше поконкретна иако без прецизна завршница. Не значи ова дека била класа подобра. Не, напротив, од двете екипи кои играат еден брз, динамичен, отворен и секогаш елегантен фудбал, Барса беше за нијанса поконкретна во дисциплинираното остварување на зададената цел.

Венгер, очигледно дека имаше проблеми со составот.
Но, токму тоа Пеп го искористи.


Сонг во дефанзива дезориентиран, а при транзиција во напад со него се создава критична точка. На вакви две слично-концепциски екипи еден човек може да направи разлика, а да не зборувам се што значи во овој случај „критичната точка„.

Бенто подобар од десно отколку централно пред Валдес, нешто што не смее да се изостави од внимание на Камп Ноу, а на Волкот ќе мора да се обрне многу поголемо внимание. Посебно што централниот хендикеп за Барселона во реваншот ќе биде најосетливото место. Милито ќе покрие дел, Маркез би бил неопходен, но дали Туре ќе добие друга задача и дали ќе се активира Марк Муниеса во негово деби во Лигата.

Ова ќе биде тема на Великденските муабети.

Многу нови прашања отвори дуелот во Лондон, а на некои од нив ќе мора да се реагира веднаш.

Фабрегас и Аршавин со сигурност нема да бидат опасност за Валдес.


Но, дали тоа е само првична еуфорија на позитивно расположение за хендикепираниот Арсенал или Венгер планира ново „откровение„?


Како и да е, очекувам во вторник, завршница на празникот по повод најубавиот, најелегантниот и најнеизвесниот дуел од оваа фаза.

29.3.10

ФАН Vs. ФАН: АРСЕНАЛ - БАРСЕЛОНА . . . статија објавена на порталот www.24fudbal.com.mk

Фанот на Арсенал, Иван Ефремов vs фанот на Барса, Игор Филевски - Филе како загревање за спектакуларниот дуел од Лигата на Шампионите.


Ждребката сакаше Арсенал и Барселона да се сретнат во 1/4 финалето од Лигата на Шампионите, двете екипи кои според многумина го играат најубавиот фудбал во моментов.

Љубителите на фудбалот очекуваат спектакуларен, атрактивен, офанзивен дуел, најпрво на Емирати, потоа и на Ноу Камп, несомнено Барселона е фаворит на хартија, но и фудбалерите на Арсен Венгер имаат свои сметки.

Барселона јуриша кон ново финале во Лигата на Шампионите кое овој пат се игра на стадионот на најлутиот ривал, Сантијаго Бернабеу, Арсенал бара одмазда за поразот од финалето во 2006.

24fudbal.com.mk во новата рубрика "фан vs фан" разговара со Иван Ефремов, фан на Арсенал и Игор Филевски - Филе, фан на Барселона.

1.Најпрво како сте задоволни од ждребката за 1/4 финалето од Лигата на Шампионите?

Иван (Арсенал): Кога би рекол дека сум задоволен и дека прскав од среќа кога ја видов ждрепката, тоа би било претенциозно. Од друга страна, дел од мене го посакуваше дуелов со Барса, затоа што актуелниот шампион прв пат ќе го видиме против екипа која е на еквивалентно техничко ниво и која нема да се плаши да ги нападне. Друг момент е тоа што на млад тим како на Арсенал му одговара да биде предизвикувач па притисокот дефинитивно ќе биде врз Каталонците. Така, во глобала емоциите околу ждрепката се измешани, но за разлика од многумина, мислам дека ќе беше полошо за Арсенал ако го извлечеа со Баерн Минхен или Манчестер Јунајтед.

Филе (Барса): Посакував тоа да биде финале, а конкретно во овој круг прво го посакував Манчестер Јунајтед, за уште еднаш да ја потврдиме доминацијата на Блауграна врз фаворитите. Но, ете среќата сакаше да се сретнат токму сега двете екипи кои играат еден слично атрактивен, отворен и напаѓачки фудбал.

2.Арсенал и Барселона важат за двете екипи кои го играат најубавиот фудбал, ќе бидеме ли сведоци на фудбалски спектакл кога е во прашање убавината на фудбалот?

Иван (Арсенал): Ова би требало да е најголемата вистина во поглед на дербито. Факт е дека двете екипи го играат најбрзиот и најтехничкиот фудбал како колективни целини, но специфично е и тоа што фудбалска Европа никогаш не била сведок на натпревар со толку многу квалитетни индивидуалци од двете страни. Физиономијата и фудбалските вредности што ги негуваат двете екипи, едноставно гарантираат фудбал кој што јавноста ќе ја остават со подотворена уста и кој ќе биде предмет на пуста желба на многу “нефудбалски“ екипи.

Филе (Барса): Да, три години наназад Арсенал е секогаш една од двете екипи кои на крај го добиваат тоа признание. Токму тоа ме остава без здив уште при самата помисла на среда вечер. Нема затворена игра, За Барселона тоа веќе одамна е јасно, но истото важи и за Арсенал. Тие ниту знаат и ниту пак сакаат да играат затворено, она што Челзи може да го игра секогаш кога би посакал. Можеби некој ќе замери на овој мој став, но јас лично, не сакам да гледам затворен фудбал (иако тоа е дел од нечија успешна тактика). Лондон и Барселона ќе бидат вредни и од друг аспект, слични школи во однос на философијата на игра и посебно поради почитувањето кое го имаат еден кон друг Пеп и Арсен.

3.Кои се јаките и слабите страни на вашиот тим?

Иван (Арсенал): Најважните одлики на секоја голема екипа се карактер, искуство и жилавост за вадење резултати. Младите момци на Венгер почнаа да ги покажуваат тие шампионски атрибути и во играта на Арсенал може да се забележи онаа зрелост која очајно фалеше изминативе две години. Во поглед на дуелов, екипата што ќе ја добие средината, ќе го добие и натпреварот. Иако Фабрегас е моторот и духовниот лидер на Арсенал, мислам дека најважните играчи против Барселона ќе бидат Сонг и Диаби. Тоа се играчите кои треба да му обезбедат простор на Фабрегас да се изрази, играчи кои фантастично ја читаат играта, имаат неверојатни способности за држење на топката и изострени сетила за квалитетно додавање. Нивната физичка конституција и робусност ќе биде од непроценлива важност против уметничката експресија на Чави и Иниеста. Во другите аспекти, Дани Алвеш ќе има куп работа против Аршавин, истово важи и за Максвел ако Насри игра од десна страна, а назад жестината на Вермаелен и на страничните бекови ќе биде сериозен тест за артилеријата на Барселона. Огромен хендикеп за Арсенал е неиграњето на Галас, но Сол Кемпбел е играч војник кој недостигот на брзина го компензира со огромно искуство и физичка доминација. Во тој поглед е комплементарен со Вермаелен, а и добредојдена е неговата скок игра при корнери. Во генерала ќе биде интересно да се види како Барселона ќе се носи со ултра брзото темпо и пресингот на англискиот фудбал, бидејќи ќе имаат многу помалку време на топка без човек до себе.

Филе (Барса): Најсиланата страна е тоа што ние сме Барселона! А слаба страна е што имаме и одлична клупа, па некогаш е тешко да се направи изборот кој да биде меѓу првите 11-мина....

Сепак, сфатете го ова како мала шега.

Најсилната страна е сепак што имаме повеќемина кои се поливалентни фудбалери, фантазисти, играчи кои прават разлика на терен, без оглед против кого се игра. Го имаме Меси како предводник на таа интелигентна гарнитура на Блауграна. Во Барселона не постојат „алиби додавања„ или „пимплање„ како што некои наши коментатори од незнаење ги употребуваат како опис на различните фази во тактичката поставеност, во одреден момент. Во нашиот клуб и Валдес е исто толку битен во разигрувањето за Иниеста, исто како и Туре или Меси. Сите линии или ако сакате, сите позиции имаат свои задачи и во одбрана и во напад и во транзиционото движење во одбрана или во напад и обратно. Нешто што многу други клубови го немаат, како на пример, еден Руни или Парк секогаш ќе бидат хендикепирани во одбранбените задачи, бидејќи тие тоа не знаат да го играат, да не зборам за Берба или сличните нему. Во Барселона, Меси и Ибра ќе ги видите и во одбранбени задачи пред својот шеснаесетник, а не само да стојат колку да прават гужва.

Слабите страни може да дојдат само од недисциплина во играта и преземањето на просторот. Тоа знае да се случи, посебно ако имаме пред себе екипа која играта ја развива преку брзи крила до експлозивни и динамични напаѓачи. Аршавин е причина за страв, но ако дисциплинирано се затвори Фабрегас и еветнуално Диаби или Сонг на средина, тогаш и тој веќе не е којзнае каква опасност. А да бидам искрен, можеби малку се плашам во прецизната соработка меѓу Пујол и Милито за контрола на просторот по десната страна при излетите на Алвеш. Ако биде и таму се као што треба, тогаш ќе уживаме во прекрасен фудбал меѓу овие два тима во кој Барселона ќе биде поуспешна.

4.Од каде мислите дека ќе доаѓа најголемата опасност за вашиот тим, кое е најсилното оружје на противникот?

Иван (Арсенал): Барселона не е Меси. Барселона не е ни само Чави ни Иниеста. Тоа што ја прави Барселона најдобар тим во Европа е уиграноста која се движи по тенката линија на генијалност и лудило. Оваа постава игра заеднички толку време што за нив е веќе физички невозможно да не играат совршено. Барселона е хетерогена смеса од млада крв во играчи како Меси, Педро, Бојан и Бускетс, искуството на Чави, Иниеста и Анри, лидерскиот дух на Пујол и Пике и современата визија на Гвардиола. Не е тајна дека Меси е најдобар играч во светот, но навредливо е да се каже дека Барселона се носи на неговите квалитети. Барселона е повеќедимензионална фудбалска институција. Тоа е нејзиното најголемо оружје.

Филе (Барса): Па пред се опасноста најмногу ќе доаѓа од дисциплината во Барса. Ако се почитуваат принципите за пресинг кога топката е кај противникот, освојувањето на просторот во прецизни пасови на последните две линии и посебно брза транзиција кога ќе се загуби топката, тогаш не верувам дека ќе има опсаност. Единствено и во тој случај би оставил мал простор на внимание повеќе на евентуалните прекини во растојание на 20 метри од Валдес. Е сега, ако ова се расштимува, тогаш опасноста ќе доаѓа од сите позици, од Вермален па до Бендтнер. Но искрено, не верувам.

5.Кои сметате дека се слабите точки на противникот кои вашиот тим може да ги искористи?

Иван (Арсенал): Во последниве неколку натпревари одбраната и средниот ред на Барса се интересен предмет за опсервација. Јаја Туре е пример од учебник за тоа како како паѓа формата кај фудбалерите, а задната одбранбена линија би делувала малку комично кога не би биле Пике и Алвеш. Исто така би ја посочил нестабилноста на Валдез и неконзистентноста на Пујол.

Филе (Барса): Слабиот голман пред се. Тоа според мене е една од најлошите точки, кои ќе бидат „празник„ за Меси, без разлика дали ќе брани Алмуниа или Фабијански. Е сега се ќе зависи од тоа со кој состав ќе излезе Венгер. Јас би сакал да игра Росицки уште од првата минута, како што исто мислам дека и Едуардо би бил корист во наша полза. Вермален го очекувам со екскурзии напред а тешко дека Клиши со Диаби би можеле да ја пополнат празнината во евентуалната брза контра, уште помалку мислам дека пак Сања би ја префрлувал таа страна успешно во таков напад. Сметам дека и Пеп ќе дава насоки за повеќе шутеви надвор од шеснаесетникот, токму поради најслабата точка, бројот 1.

6.Барселона не крие дека посакува да го врати Фабрегас, медиумите се преплавени шпекулации на оваа тема, колку тие би можеле да влијаат на играта на Сеск на овој двомеч?

Иван (Арсенал): Медиумската хајка против Арсенал е константа како вечната транзиција на нашава земја. “Легијата на странци“ на Венгер е стандарден предмет на дискусија за медиумите во Англија, но изживувањето и притисокот на Барселона заедно со шпанските весници, кон Арсенал и Фабрегас е благо речено, срамота, пример за непочитување на професионална етика и ужасно евтин журнализам. Фабрегас е искален професионалец кој одлично се позиционира во тој лавиринт од лаги и не гледам како тоа би влијаело на неговиот мотив и играта во овие два натпревари.

Филе (Барса): Тоа е повеќе од јасно дека Фабрегас се враќа во Барселона. Но тоа, повеќе сум од сигурен дека нема да има никакво влијание, барем на првиот меч. За вториот, веќе во прашање се емоции, кога 100 илјади ќе му аплаудираат, но и тука се ќе биде јасно по тоа прашање. Сепак станува збор за професионалци, иако и тие се од „крв и месо„.

7.Вниманието ќе биде насочено и кон Тиери Анри, легендата на Арсенал по ждребката изјави дека ќе му биде многу тешко да игра против својот поранешен клуб. Јасно е дека Анри не важен за играта на Барса како што се важни Меси, Иниеста, Чави... но неговиот настап против Арсенал е момент кој мора да се одбележи.

Иван (Арсенал): Анри е можеби најдобриот играч на Арсенал на сите времиња. Неговото враќање буди емоции, а неговиот ставс говори доволно за врската што ја има со навивачите. Отворено зборува дека не сака да игра против Арсенал, за неговата психичка состојба во пресрет на дуелот и нормално, за желбата некој ден повторно да се врати во Арсенал во некоја друга улога. Сепак, сигурен сум дека доколку игра, како и секој професионалец ќе даде се од себе и неговата добра игра нема да го наруши угледот кој го ужива во очите на сите луѓе на кои им значи Арсенал. Тиери Анри е жива легенда и ќе добие достоен пречек.

Филе (Барса): Не се сложувам дека Анри ќе биде со најголемо насочено внимание. Прашање е дали Анри ќе биде дел од првата 11-торка. Можеби токму тука Пеп ќе го направи тоа што им го направи во средниот ред како прво изненадување во Лигата на Шампионите на екипата на Интер, кога правеше ротација во секоја минута на Чаби и Иниеста, кога Камбијасо не знаеше каде се наоѓа и која му е задачата. Мислам дека тоа Венгер веќе го виде. Но сеуште немаме видено такви ротации меѓу втората и третата линија, посебно во фаза на одземена топка на средина на терен и брзо префрлање во финализација. Анри нема да биде тоа што сите очекуваме посебно не сега, затоа од него и не очекувам многу, да не речам , дури очекувам да игра само едно полувреме, ако стартува.

8. Финалето оваа сезона се игра на Сантијаго Бернабеу, дали има посебно значење за Барса да ја освои Лигата на Шампионите на стадионот на најлутиот ривал Реал Мадрид?

Филе (Барса): Ако шетате низ Каталуња и ако направите анкета кој натпревар е најважен за Барселона во текот на една сезона, ќе добивате само еден одговор „Ел Класико„. Ниеден натпревар не може да биде поважен од тој, без оглед дали станува збор за борба за титула или едноставно натпревар кој бодовно не решава ништо. Е сега замислете го тоа, Финале и шампионска титула на Сантјаго Бернабеу. Тоа е повеќе и од „кордонот„ кој би го добиле ако се освои титула, едно коло пред „Ел Класико„.

9. Овој дуел може да се гледа и како шанса на Арсенал да се одмазди за поразот во финалето од Лигата на Шампионите во 2006, дали и вие гледате така на овој двомеч?

Иван (Арсенал): Таа искра сеуште тлее. Ме плаши какво влијание ќе има врз Алмунија кој во последно време е прилично несигурен, а и беше најодговорен за разочарувањето во 2006. Се надевам дека Арсенал тој гнев ќе го катализира во мотив плус да се добие актуелниот шампион и дека од целата галама ќе излезе нешто конструктивно. Приликата за реванш пристигна во вистинско време.

10. Првиот натпревар се игра на Eмирати, реваншот е на Ноу Камп, колку ваквиот распоред може да биде значаен за конечниот исход на дуелот?

Иван (Арсенал): Реваншот на Ноу Камп може да биде голем плус за Барса, но и не мора да значи. Арсенал е екипа што напаѓа без разлика каде игра, па така на натпреварување од ова ниво, разликата дома-гости постанува некако споредна. Секако дека Ноу Камп е култ и не многу посакувано место за противниците, но арсенализацијата на Емирати кажува дека и Арсенал подготвува пеколна атмосфера за гостите. Овој сплет на околности сигурно ќе има влијание на исходот, но мислам дека нема да биде пресудно. Од фудбалски аспект би сакал дуелот да остане неизвесен после првиот меч, за да гледаме уште еден квалитетен, но од навивачки аспект и со обзир кон моите живци, би сакал Арсенал уште дома да ја заврши работата. J

Филе (Барса): Па, сем емотивниот момент, за овие два тима тоа воппшто не е којзнае каков бенефит. Емирејтс има друга магија за разлика од Камп Ноу. Тоа можеби е пресудно за другите клубови, за фудбалери кои психолошки паѓаат после првиот примен гол. Во Арсенал и Барселона, побеничкиот дух има сосем друг код во карактерот на клубот и нормално меѓу фудбалерите кои ги носат тие дресови.

11. Ваша прогноза, како ќе заврши овој дуел?

Иван (Арсенал): Во принцип не зборувам пред рака, бидејќи ионака има доволно “спортисти“ по кладилниците кои ќе излезат со своите стручни прогнози, па така ќе се воздржам од директно предвидување на резултатот. Сепак, би рекол дека на Емирати Арсенал нема да издржи без примен гол, но ќе даде повеќе од Барселона, а на Ноу Камп очекувам победа на Барселона или нерешен резултат, но и во двата случаи, гол разлика со која што Арсенал ќе оди понатаму.

Филе (Барса): Па очекувам дека Барселона нема да загуби на Емирејтс, а ако имаме среќа со точките кои претходно ги споменав може и евентуално победа со гол предност,. Додека на Камп Ноу очекувам повеќе голови, пред се.

Подготви: Ристе Ѓорѓиевски