21.2.19

Крај за правилото „колку сакаш седи си во ЕУ“ за македонските граѓани ;)

Заврши времето кога македонските граѓани можеа во ЕУ да седат колку години сакаат без оглед на правилото „3 месеци во ЕУ, три месеци дома“.


Како и зошто?

Едноставно, Грција со тоа што не го признаваше македонскиот пасош и издаваше ливчиња за влез, голем дел од оние кои живееа во ЕУ, а имаа проблем со влезовите и излезите во земји од Европска Унија (поради не добиени работни визи или слично), го користеа моментот „невнимание“, односно „непризнавање“. 

А тоа се правеше на следниот начин:

- Влегуваш во ЕУ со лет од Скопје до Милано (или Венеција и сл). Со пасош, нормално. И добиваш печат. Седиш во ЕУ, три месеци.
- Се враќаш од ЕУ во Скопје преку истата рута, со искористени 3 месеци во ЕУ, во пасошот.
- Следниот ден заминуваш во ЕУ, но сега преку Грција. На Богородица добиваш пусулче. Леташ од Солун до земја во ЕУ (нема пасошка контрола меѓу земјите од Шенген зоната, влезот е слободен). Седиш 3 месеци.
- Се враќаш преку истата рута, од земја во ЕУ до Солун. Влегуваш во МК, преку граничен премин со истото пусулче на кои пишува дека си бил три месеци.
- Следниот ден леташ од Скопје до Милано. Со пасош, на кој ги нема претходните 3 месеци бидејќи се во пусулчето кое не го покажуваш никаде. Или подобра варијанта која се користеше беше да го фрлиш, бидејќи на следното влегување преку Грција ќе си пополниш ново.
- Пак по 3 месеци се враќаш преку истата рута од Милано до Скопје и имаш потрошени само три месеци, во пасошот (бидејќи оние 3 претходни месеци од пусулчето ти ги нема во пасошот. А пусулчето во ЕУ им е небитно и никаде не ти го ни бараат).

- И повторно следното влегување во ЕУ е преку Солун (Богородица или било кој друг кон Грција) со пусулчето...


И така секој граѓанин добиваше „3 месеци во пасош“ и „3 месеци на пусулче“ ... и едните со другите немаат врска, иако се во ЕУ... Функционално до коска.

Од минатата година дел од граничните служби во земјите од ЕУ, станаа свесни за овој проблем па почнаа да прават дополнителни контроли по случаен избор на авионите кои слетуваа од Солун и Атина (во земји кои имаа наплив на работници од МК за време на летниот период).
Со „признавањето на пасошот“, од страна на Грција, завршува „услугата“ за македонските граѓани кои беа единствени што имаа можност од Не-ЕУ земјите да бидат во ЕУ колку што сакаат, само со малку мудрост и внимателност.
:)

15.1.19

И ваму и таму, сме си Македонци

Татко ми имаше три Изводи од Матичната Книга на Родените:
- се родил како Филевић,
- па потоа државата му го сменила презимето во Филев,
- и по 1945 година станал Филевски.

Јас се родив и го поминав пубертетот во Социјалистичка Федеративна Република Југославија (во Социјалистичка Република Македонија), полнолетство го живеев во Република Македонија (и БЈРМ), а староста ќе ја дочекам во Република Северна Македонија.
Две генерации, татко и син, живеевме на истата територија во различните администратирања.
И не гледам многу разлики од минатото.
Нека е за арно понатаму на нашите потомци ;)
... и да, секогаш бевме Македонци... и јас и тој... и тогаш и сега...