3.3.13

„Исто како кога ти е дупнат џебот и ги губиш паричките без да осетиш“

ДАЛИ ЌЕ СЕ ПРОБУДИ ЛАВОТ ВО ЛЕО ИЛИ РЕАЛ ПАК РЕАЛНО ИСТО?



Шеснаесет часот. За првпат најатрактивниот натпревар во Европа, ќе биде и најатрактивниот и во светот. Ги руши сите рекорди кои се досега поставени во изминатите години дури и на минатиот век. Во Њујорк ќе го гледаат во 10 часот наутро, во Емиратите во 18 часот, во Пекинг во 23 часот, во Буенос Аирес и Сао Паоло точно напладне. Во Македонија... !?...

Ова Класико ќе биде борба за престиж, борба за кревање на самодовербата. Се најавуваат промени и во двете екипи во првиот состав од пред само неколку дена, а и нормално на клупата. Кристијано веројатно од клупа. Чави сигурно нема да ја поставува новата архитектура на стратегијата замислена од Тито и спроведена од Роура. 

Едно е јасно. Моу нема да ја направи истата грешка од лани кога пред најважниот натпревар против Баерн Минхен, се истроши во Ел Класико. Резултатот го знаете. Овојпат е многу помудар, онака како што „расте во Ла Лига“ така му се движат и настаните и резултатите. Не џабе дури и Сер Алекс Фергусон одбра да го гледа токму натпреварот во средата. Тука ја виде и силата против која ќе треба да се спротивстави на следниот најважен меч на Јунајтед.
Кристијано на последните 6 „Класика“ има постигнато 8 голови. Претпоставувам дека ќе влезе во последните минути колку да го задржи ритамот на игра. А можеби и ќе му биде доволно да постигне и гол, со оглед на тоа што се наоѓа во врвна форма.

Од друга страна сите поставуваат прашање „што се случува со Меси?“. Да, одличен е и со многу хет-трикови, но против екипи кои прашање е само колку голови ќе примат во мрежа. 

Сите останати големи натпревари скоро и да беше незабележителен на терен. Тоа се гледа и од статистиките со кои располагам. 

Моу покажа една друга страна на поседот на топка. Повторно им ја препушта на ФКБ, но веќе резултатски успешно ја анулира таа предност „во поседот на топка“. Средниот ред одлично игра во одбрана. Ги затвори сите приоди и плус додаде поголема вредност на брзите транзиции во фазата од одбрана во напад. Нешто за кое Роура (односно Тито по телефон) немаше решение. Ако порано велевме дека одбранбената линија на ФКБ е спора и релативно слаба, а концептот на успешност е благодарение на другите две линии кои играат во двата правци, сега доаѓа до израз тој недостаток. Моу ја извлекува средината и нападот што повеќе кон себе, со активен пресинг во секој миг, и нагло остава простор кој Кристијано може да го претрча како да е на ракетен погон и да создаде опасност зад Пујол, Пике или кој и да е. Ако е Маске во комбинацијата, не му бегаат „два жолти или црвен“. 

Тоа, во кратки црти, го гледавме досега. Што ли ќе гледаме денес попладне?

Дали Роура ќе експериментира со нешто што е нестандардно за ФКБ, поразвлечени линии, за покривање на поголем простор, нормално во вертикала. Но, тоа пак бара поголема физичка спрема, а и тоа е нешто кое сите забележуваме дека Реал Мадрид во моментов го има како предност. Што и да одбере, да бидеме реални, нема многу да може да смени, иако изминативе неколку дена беа пумпани медиумите дека „ФКБ ќе менува во стилот, за Милан“ што подразбира логично дека ќе менува и денес.

ФКБарселона има еден востановен систем кој со децении не е сменет и тоа не нешто што се менува туку-така лесно. Може да се променат една или две позиции, да се направи една или две ротации и толку. Философијата е иста. А против таа философија, Моу го најде лекот. 

Од тие причини и се сомневам дека и денес ќе биде којзнае колку различен резултатот од последниот пат. Иако и тоа не е исклученост. Всушност тука е и убавината на Фудбалот.
А зошто нема да може којзнае колку да отскокне играта од минатиот пат? 

Одговорот е едноставен. 

Ова не се обични натпревари. Овде одлучува, во голема мерка желбата, врвниот ентузијазам. Овде не се пресудни парите кои колку ги има и кој колку ја владее само „сувата техника“. Тука голема улога, а можеби и пресудна, има адреналинот со кој се пристапува кон натпреварот, страста за победа и надмоќ над социјалните и историски разлики кои им ги вметнуваат водачите на амблемите и знамињата „со кои се вејат придобивките на клубот“. 

Тука пресудна е мотивацијата. 

А токму таа во моментот недостасува во екипата на каталонците. После Пеп, многу работи се променети. Сега ги гледам недостаоците од сите мотивациски видеа кои ги потготвуваше пред секој голем натпревар. Со страст и солзи да ги гледаш, впиваш и подголтнуваш. Сега го гледам и недостатокот кој веќе од јуни го има во решавање на сите проблеми, заеднички на тренинг, а не во канцеларија еден по еден. Сега го чувствувам отсуството на емоции на техничко одработените тренинзи. Техничката врвност си има и свои нус-појави. Кога доаѓа криза, технички резултатите се тие кои покажуваат разлики. А ако ги има во сето тоа емоциите на Љубовта, тогаш може да се надминат сите проблеми. 

Тоа е она што недстасува во моментот. Мотиватор.

Се надевам дека сите, и едните и другите навивачи ја разбирате оваа разлика. Таа денес ја има кај Моу, но ја нема кај Роура, како што всушност си замина во Минхен, па ја немаше ни кај Тито.
Сега е оставено на моќта на индивидуалците. Ако зоврие страста и емотивно се разбуди Лавот кај Лео, тогаш може да ја чувствуваме и резултатската разлика од минатиот пат. Ако не, технички ФКБ повторно ќе биде или поразена или ќе може само да „изјалови“ еден нерешен резултат.

И за крај ќе завршам со Шукер. Денес ја гледав некогашната ѕвезда на Реал Мадрид, кој нема пропуштено Класико, па така и денес ќе биде на Сантјаго Бернабеу, изјави: „ Реал е многу моќен со Моу. Кристијано е во врвна форма. Не се сомневам дека оваа сезона Лигата на Шампионите ќе заврши со трофејот во Мадрид.“

Веројатно после ова, се` што би кажал би било одвише.