6.9.18

Транзициско живеење од прво одделение до Северна Македонија, а очигледно и понатаму...

Не знам дали Транзицијата не` уништи или едноставно таква ни била кармата за ние, цели генерации, да живееме како транзициски експеримент?
А не е тоа од сега, тоа е од почетокот на нашите животи и се` уште трае... можеби и не е експеримент?

Еве мал осврт како почна и каде сме денес:



- Ме запишаа во прво одделение и бевме експеримeнтaлна паралелка во „Кирил...“, учевме француски јазик уште од прво одделение. Но, во петто одделение, државата одлучила дека експериментот е „неуспешен“ (премногу кошта) и не` врати со сите останати основци... во петто одделение продолживме со францускиот исто како и сите во Македонија, од првата лекција, од азбуката!? А јас положив со 8-ка, Француски јазик на факултет (подоцна) со она што го имав научено малтене од 1-во до 4-то. Што да кажам сем, погрешна транзиција...

- Во основно училиште имаше еден проект „настава во природа“. Тамам ние дојдовме на ред за „настава во природа“ го укинаа, не било неопходно... како се случи и зошто, ден-денес не ми е јасно.... Едноставно ние го немавме тој бенефит...

- Бевме една од последните генерации кои заминаа на екскурзија „низ Југославија“. Имавме транзиција во нова држава потоа...

- Кога се запишувавме во средно, не` фати „транзицијата во образованието“. Се укинаа гимназиите, па мораше да се запишеме во Средно-насочените училишта... Јас одбрав Биотехнологија, бидејќи сакав да се занимавам со генетика...

- Откога завршивме средно, го укинаа Насоченото, ја вратија старата шема... Транзицијата со средното-насочено ја оквалификуваа како неуспешна...

- Во меѓувреме сите факултети кои ги отворија во Југославија со струка Биотехнологија (и мојата љубов Генетика да си ја продолжам) ги затворија... транзицијата налагала да остават само „прехранбена биотехнологија“... а јас сакав да студирам Човек. Но ајде, можев да разберам бидејќи тоа беа и „светски транзиции“ да ја држат “биотехнологијата и генетскиот инжењериг под контрола“...

- Заминавме во војска, транзицијата не` фати и таму. Се распадна СФРЈ, настана војна, ни го продолжија воениот рок, некои од нас никогаш не се вратија, загинаа низ воените полиња во Босна и Хрватска...

- Добивме држава, транзицијата продолжи, Приватизацијата не` почести со ново транзициско манипулирање... се` што градевме заеднички како Република и Држава, си го лапнаа тие што во тие моменти се најдоа на директорските места... Транзициските Фамилии си направија чекор напред...

- Влеговме во нов круг Транзиции: нови транзициски работни услови, транзициски пари/Ќљусеви-Бонови, транзициски пасоши и документи, нови транзициски работни места, нови транзициски закони, нова мала фингирана војничка која транзицијата ја наложи со УЧК, МУЧК, БУЧК... Охридски, Пржински, Преспански договор... (којзнае ли каков следен транзициски договор ќе има, Маџирмаалски, ПелистерскиОчи, КривоМаарски, Брегалнички или ДолноДупенски Договор...)

- Следната транзиција ја доживеавме со масовно иселување и хистерично потпишување во толпа „дека сме Б`лгари ама од 1945 до денес не ни дозволувале така да се именуваме, со документи кои ги потпишувавме, но не на превод од Македонски на Б`лгарски јазик, туку само прилагодување од дијалект на литературен Б`лгарски јазик (да, да тоа е документ кој е услов за добивање на Б`лгарски пасапорт и документ, кој многу кажува и кој ете и ден-денес дозволува пењавење по соц.мрежи на мас-идиоти дека „името не го даваат...“, а сите бегаат соочување со тој факт кој што сакаат да го прикријат, со неспоменувањето...)

- Сега следува Референдум за нова транзиција, ЕУ, НАТО и Северна Македонија...

...и скоро да сум сигурен дека таа транзиција нема да запре тука... ќе тера се` додека нашиве генерации живеат... таква ни е кармата... очигледно...