14.11.13

Меси „избега“ од Барселона поради притисокот од медиумите и „нечистиот веш“ кој излегува од „внатре“!

Во текот на последните 24 часа скоро сите спортски новинари, сите спортски медиуми, печатени и електронски секојминутно објавуваат „што се случува со најголемата фудбалска икона на планетата?“.

Тоа воедно е и, според последните информации на „истражување на гледаноста“, најобјавуваната вест на планетава - Лео Меси.

И јас тргнав по патеките на тридневните наши последни добиени информации и „се распослав“ на неколку дебати, телефонски јавувања, кафе-муабети (каде што не ми беше дозволено „да слушам“ и „да пишувам“).

После 24 часа можам да резимирам дека се` започнува од Хуанхо Брау. Да не беше обелоденета кавгата и разидувањето со него, никој немаше да ги открие и другите детали за моменталните случувања. А дека излегоа од другите наоколу во тоа можеме да бидеме сигурни сите, но не и дека излегоа од устата на Брау. Очигледно дека веќе на сите им е доста „од ставање на работите под тепих“ па почнуваат да ги обелоденуваат проблемите. „Фаќањето за гуша со Бартра“ од лани летото е веќе минато. 
Да не ме потсетеа синоќа на една од дебатите, скоро и сите да ја заборавивме. И неа и сите останати проблеми кои ги имаше со Виља, за кои самиот Виља до ден-денес не негираше дека кавгата не се случила. Заминувањето на Пеп поради „тројката“ е веќе ситница во споредба со случувањата сега Но, тоа е веќе минато.

Сегашноста е многу посурова, бидејќи директно се вмеша името на првиот „физио“ кој беше сите овие години со него, кого го носеше дури и на одморите во Аргентина со него а не постоеше рекуперација да не биде под надзор на Брау. Се` до пред последната повреда.

Но, не започнува се` сега. Започнува многу порано.

А исто така сега сето вадење на „нечистиот веш“ започнува токму со последните проблеми, проблеми кои сега веќе се решаваат далеку од навивачите, далеку од медиумите и далеку од Брау.
Кавгата со Хуанхо Брау започнува уште за време на натпреварот против Баерн Минхен, минатата година. Хуанхо е против играње бидејќи не едоволно залечен, а Меси инсистира да играл. Тито воопшто нема никакво влијание врз Меси и воопшто не ни може да каже дали треба да игра или не. Меси одлучува самиот кога треба, а кога не треба да игра. (а тоа за времето на Пеп е невозможно да се случи!)

За проблемите во соблекувалната на ФБК за време на натпреварот во Минхен, еднаш пишав и тоа токму пренесено тогаш во тие моменти по информацијата која на случајна средба ја чув од фудбалер кој беше директен учесник таа вечер во Минхен. (името ниту тогаш, а ниту денес можам да го објавам, но веќе денес истата таа приказна ја споменаа сите. 

Значи, излезе на виделина дури по пет месеци)
Што се однесува до конкретната информација за кавгата со Брау, јас лично не верував додека не го видов пред некое време на тренинг и на последните неколку натпревари, кога Брау беше далеку од него и воопшто не ни беше на загревањето близу Меси. Малку ми беше чудна целата таа ситуација. Тогаш пробав да дојдам до него и да направам интервју (иако и јас се познавам лично со него, ја искористив „македонската врска“ која е многу поблиска до него. Ме одби со муабетот, дека нема што да каже за тоа, евентуално може да „седнеме на кафе“ но никако на интервју или снимање. Тогаш и се посомневав дека нешто вистина се случува. Инаку тоа е истиот тој човек - Хуанхо Брау, кој ми помогна и лично (заедно со уште еден од менаџерите на клубот) да го направам краткото интервју со Меси кое беше објавено во дневниот весник „ВЕСТ“).

Деновиве веќе сите пишуваат за тоа. Но, веќе ги знаеме и деталите кои Брау и клубот очигледно сакаа да ги сокријат во изминативе месеци. Веќе се знае дека Брау дури и разговорал со Лео, со забелешка „дека не сака да му го руши авторитетот во клубот“ и затоа „нека прави како што мисли самиот“. Неговите услуги секогаш ќе му се на располагање. Но, бидејќи за Меси очигледно тоа сега претставува рушење на неговото его, веќе не ги користи услугите на Брау, па му наложува на Тата да го донесе „физиото“ од репрезентацијата, што и се случи токму вчера. (главниот човек, Луис Гарсија е официјалниот кинезитерапевт на аргентинската репрезентација и вчера требаше да биде веќе во лет кон САД. Таму репрезентацијата ќе ги игра двата пријателски натпревари, во Њујорк и Ст. Луис. Но, планот се менува во последен миг и Луис Гарсија е веќе во Барселона. Добива дозвола од Аргентинската фудбалска федерација да ја напушти привремено, поради Меси. Тој ќе го придружува Меси во текот на следниот период.Тоа е уште еден момент дека Меси веќе ќе биде под поголем надзор за аргентинската репрезентација, отколку за ФКБ. И нормално, се` е тоа „со амин“ од Росељ и Зубизарета !?)

Факт со кој сите се сложуваат и овде во Шпанија е дека Меси врвната своја форма ја имаше само со Пеп. Тоа е повеќе од сигурно. Но, тогаш беше под посебна дисциплина. Пеп беше првиот кој екипата ја пресели од старата Ла Масиа и од тренинзите на Мини Естади, (по заминувањето на Рајкард, а за тоа имавме со ТОПКИ снимено и неколку прилози „на лице место“ како беше пред Пеп, како со него. Тие видеа можат да се погледнат на ЈуТјуб, иако тогаш не бевме свесни дека ќе снимаме историја, која денес фрла ново светло на случувањата со Меси). Со првото доаѓање на Пеп, се променија некои од нештата кои и денес се во функција. Конкретно, пред Пеп сите тренинзи беа на Мини Естади и терените кои денес се претворени во нови паркинг места околу Камп Ноу. Фудбалерите доаѓаа на тренизи и по завршување на тренинзите си заминуваа дома. Пеп ги пренесе на Сиудад Депортива, „им направи“ соби за одмор, за играње ПС, за дружење. Фудбалерите доаѓаа на утро на тренинг, сите заедно доручкуваа, одмараа, имаа евентуален втор тренинг и дури по 8 часа заминуваа дома. И секогаш велеше дека и тие на толку заработени пари, можат да ја разберат својата професија исто така одговорно како и секој работник во земјата. Пеп им забрани единствено весници и телевизија за време на тренинзите. Така и ги здружи сите повеќе. Ги натера да се дружат меѓу себе, колку и да не успеваа некои тоа да го сторат. Пеп беше тој што забрани да се пие дури и Кока-Кола, како и да се јадат „Конгитос“ (чоколадни бонбони) и „Чорипан“ (леб со колбаси). Посебно тоа му го забранувал на Лео, бидејќи тој и најмногу ги консумирал. За инцидентот со Кока-Кола(та) пред неколку месеци сите објавија. Да, тоа е вистина. Токму синоќа на една дебата тоа беше повторно споменато, дека Меси веќе повторно сите го гледаат како не може да се одвои од „конгитосите“ и од колбасите, бифтекот и ребрата (погледнете ја и неговата фотографија на Инстаграм, од пред две недели кај него дома во двор со пријателите). А кон ова само ќе ја додам и информацијата од последните медицински мерења, кои кај Лео во графата „масни материи“ имаше бројка 18. Чисто информативно, на малдите од Барса Б им се наложува дека ако не ги држат „масните материи“ под 10 коефициент, тешко дека ќе можат да играат во првата екипа. (Давид Бабунски на тоа последно мерење имаше коефициент 8, што е далеку подобро од претходно споменатото. Ова колку за информација, дека не е се` така како што изгледа). Денес сите знаат за тоа, а пијалакот е веќе „слободно во употреба“ во неговата исхрана. Дел од новинарите токму за тоа дебатираа синоќа и на „Пунто Пелота“.

- Лошата исхрана на Лео која веќе содржи и многу „брза храна“ е една од важните алки во се` што се случува со неговите повреди. Тоа за време на Пеп не можеше да се случи, но од Тито наваму веќе е комплетно променето,- заклучија и новинарите кои синоќа беа гости во „Пунто Пелота“.

Во продолжение на дебатата која синоќа беше организирана на „Интерекономика ТВ“ со неколку влијателни спортски новинари од Барселона и Мадрид, се дефинираа уште неколку информации:

- Меси меѓу другото има и личен проблем со кој сега веќе тешко се справува. Тој во моментот е растргнат меѓу од едната страна клубот, од другата фамилијата, од третата сопругата и од четвртата медиумите. Тој веќе потешко се справува со тоа. Нервозен е и не работи никој со него. Затоа и сега ќе биде далеку од овде, да не биде дел од притисокот. Затоа и заминува за Аргентина. Но, сега е малку полесно. ФКБ ова ќе го издржи, овие два месеци без Меси, бидејќи го има Нејмар. Да не беше Неј, тешко. Но вака, сигурно, - беше една од информациите кои ја презентираа новинарите блиски до него.

- Разликата е што тој е и под притисок на медиумите и јавното мислење во Каталонија, кое е многу различно од она во Мадрид. Во Мадрид секогаш го имаме ставот „веднаш и сега“. Самите навивачи и самото јавно мислење го искажуват веднаш, дали е лошо дали е добро. Критиките се секогаш „веднаш презентирани“. Додека во Барселона секогаш е „се` добро и никој не смее да каже ништо лошо додека е играчот со нив или додека не се појават проблемите“. Ќутат медиумите, ќутат новинарите и сите се со клубот. Но, кога ќе се случи нешто или кога ќе си замине е тогаш веднаш излегува на површина сиот „нечист веш“. Зошто за Меси не пишуваа дека ги имал проблемите и порано, па Пеп ги решавал со дисциплина. Зошто не пишуваше никој ништо за Тито дека е безгласна буква во тимот? Зошто сите таму ја избегнуваа кавгата со Брау и нивното разидување? Туку сега, откога се случија проблемите? Сега почнаа да зборуваат. А погледнете ги каталонските медиуми, уште ќутат, како ништо и да не е. Но, проблемите се веќе јавни.

Како дополнителна информација на претходно кажаното дека е точно е и синоќешното појавуивање на Зубизарета во живо на каталонската најгледана спортска телевизија. И не случајно, туку за да го гасне огнот. Беше напнат, но повеќе од очигледно дека сите прашања беа претходно договорени и немаше ниту едно од овие кои беа поставени на дебатата во Мадрид. Буквално, ниту едно. Одговор од него немаше, бидејќи прашањата не му ни беа поставени.

- Е тоа е разликата меѓу Мадрид и Барселона. Во Мадрид се` е јавно и ти кажуваат веднаш дали чиниш или не, навивачите медиумите, на стадион, по весници. Во Барселона секогаш ќутат и почнуваат „да плукаат“ откога ќе си заминеш -, ова уште еднаш се потенцираше на една од дебатите синоќа, по завршување на „нарачаното“ интервју со Зубизарета.
Веќе на сите им е јасно дека Меси и кога ќе се врати, нема да размислува на Ла Лига, туку ќе размислува на Бразил. Тоа е скоро сигурно, не е машина да може да го издржи сето тоа во толку краток период, да биде со исто ниво на сила и концентрација и во Купот, и во Лига на Шампиони и во Ла Лига и веднаш потоа да се посвети на репрезентацијата (која му недостасува како титула).

А за повредата, последната која се случи викендов никој и нема детална информација како што тоа беше претходно. Сега веќе не излезе ни „клупскиот доктор“ прв да ја соопшти дијагнозата како досега, туку се ангажираат други стручни лица (во медиумските објави) за да кажат за што станува збор. И самата контрола од лекарски надзор од аргентинската репрезентација а не од клупската, веќе само ги потврдува фактите со кои располагаме. „Колку, како, зошто, каде“ веќе се` е далеку.
Меси е повреден и ќе отсуствува 2 месеци. И толку. Друго не треба јавноста веќе да знае.

Што е се` посреди и дали е вистина толку сериозно повреден, дури ни Брау не знае, кој е прв човек за таа област во клубот. Чисто информативно, Хуанхо Брау е вработен во ФКБ и не е по договор, па да може да си замине или да биде сменет. Тој е вработен како медицинско лице на „неодредено време“ и воопшто не може никој да го смени или да го избрка. 
Но, може на ваков начин да го отстрани, како што се случува во моментов.
Лео Меси ќе биде приказна која допрва ќе трае во овој контекст. Едно што со сигурност може да се потврди во овој момент е тоа дека сигурно ќе е далеку од Златната Топка годинава. Тоа ќе повлече нови притисоци и нови информации „на сонце“. А неговото враќање кое се темпира да биде на најтешкиот натпревар, оној против Атлети и Чоло, тоа ќе е дополнителна тема на притисокот кој сега го фоживува Зубизарета и Росељ во цела Шпанија, колку и тоа да сакаат да го сокријат Ем Мундо и Спорт.

Среда, 13 Ноември 2013
Текст објавен на ДЕРБИ.МК ... ТУКА