30.10.15

(За)бавната смрт на МК телевизии

Колку сакате пишувајте, правдајте, наоѓајте изговори или што и да ви текне на ум, но кога работев во македонските медиуми ("некогаш одамна") имаше многу повеќе луѓе со ентузијазам, со идеи, со желба за работа и создавање на нови и оригинални проекти, пред парите...

Сега е време за метузалемите кои мислат дека сеуште им држи струја акумулаторот, турче продуктите, џирло новинарите и едноставно новиот бран на турбо фолк социјализацијата.

Хорхе е тролање?

Хе хе хе... исто е. Различен е само аспектот на перцепција. А недостасува огледало.

Оние кои ги нема и кои заминаа да работат во другите "новинарски сектори" знам дека и таму успеваат. (а има една шака новинари кои останаа ко Кихоти да се борат со празнотијата во етерот; алал да им е на енергијата од непокорот)

Што би рекол Горан Милиќ кој и на 110 години ќе прави топ проекти, "никој не може да пишува приказна за сопствениот живот, а до 35-та година живее со мама и тато".

Не верувам дека и ова ќе се сфати, посебно линкот за паралелата...;).

Штета, нормално.

Можеше да се направи топ тв медиум, барем еден...

Вака е прашање кога комплетно се' ќе се распадне и кога ќе почне да се работи само за бакшиш. Да, не плата, туку бакшиш за новинаратвото.

Мир и покој (за)бавната смрт на македонските медиуми.

Чао. Фала. Пријатно.

25.8.15

А ШУ ПРАИМЕ СО БЕГАЛЦИТЕ ОД СКОПСКО, СТРУМИЧКО, КОЧАНСКО ИТН КОИ ИСТО ТАКА БЕГАЈЌИ ПО ПОДОБАР ЖИВОТ, ФАЌАА ЏАДЕ ОД МАКЕДОНИЈА?

Ни пречат бегалците, ни ја окупирале територијата, не сме можеле да се соочиме со фактот дека сакаат и тие подобар живот и ред други флоскули ни ја окупираат мислата деновиве.
Се прашувам само дали сакате да ги отфрлиме и да ги убиме или да ги исклоцаме и да ги оставиме на ивица од живот и смрт?

Само претходно, што и да се договориме дека ќе одлучиме, да ве потсетам дека истото ќе треба да го направиме и со сите ваши и наши роднини...
Тоа значи, истото треба да им се направи и на сите оние македонци кои избегале пред "икс" години од Свирипичино, Зрзе и Дељадровце, како и оние кои избегале пред некоја година од Скопје, Струмица, Велес, Кочани итн и кои ги окупирале во гета европските гратчиња. Се надевам знаете дека во Пјаченца слободно можете да зборувате струмички и да ве разбере дури и градоначалникот бидејќи тие се најголемата "бегалска популација" во градот. Живеат во гетата, населби преполнети со бегалците од Струмичко кои фатиле џаде по подобар живот. Или во Алба со кочанското гето. Да не набројувам во Швицарска, Дојчланд, Свериге или преку Барата. Разликата е во тоа што тие бегале со комбиња и автобуси во редовен превоз и на рати, а овие во крдо и со возови и бродови. 
Суштината е иста.
Значи, како ние со нив така и со себе исто.
Истите бегалци, само што овие ни се роднини, нели?

23.8.15

"ЛЕТНИТЕ ТУРИСТИ" СЕ ДЕФИНИТИВНО НАЈПРОСТАТА КАТЕГОРИЈА ЛУЃЕ, ГЕНЕРАЛНО...

Ако се прашам на самиот старт дали вака сум размислувал пред неколку години, сигурно дека одговорот ќе биде едно големо НЕ.

Но, бидејќи се' се менува, а јас сум човек кој дозволува и се радува на секое ново себеспознание, фактички, теоретски и објективно (иако пред се' субјективно) одамна го сменив ставот за туристите како категорија која некогаш ја симпатизирав. А денес ја презирам.

Но, со мала диференцијација на кажаното, "летните туристи".

Подосадни, понесимпатични, да не речам одбивни и веројатно соодветно неинтелигентни, екстремно глупи луѓе, од туристите, нема. (летните)
Сепак има разлика од "туристи во лето" и "туристи во другите периоди, сем НЕ во лето".

Оние од "другите периоди" се пример за поединци, шетачи, хедонисти, умни, интелигентни. Оние кои воопшто не припаѓаат на мнозинството "овци".

Да, тие не прават хаос низ градскиот сообраќај. Не ја затнуваат сообраќајната инфраструктура. Не ги валкаат со своите фекалии културно историските објекти, споменици и архео наоѓалишта. Не ги прават плажите кочини. Не смрди од нив на секое сокаче и маалско барче кое сакаат инстант да го доживеат после цел запотен Сончев ден. Не ги преименуваат супермаркетите и шопинг центрите во селски заедници низ кои како без глави влетуваат од штанд на штанд барајќи 3 центи поефтин леб или парталче од Манго. Не вршат нужда кај ќе им текне. Едноставно, "туристите во сите други периоди", не го прават истото со оние кои едвај чекаат да дојдат 15-те или 20-те дена летна мастурбација.

Пробувам да се сетам дали некогаш сум го правел истото?
Не.

Се сеќавам на најдалечните мои "летни патешествија" и ми текнува дека се изолирав дури и тогаш, сам, на Партенон на пример, меѓу мравјалникот од гореопишаните. Истото го правев и на Азурниот брег, од Прованса до Лигурија кога барав сместување малку понастрана од "тајфунот обезглавени глуперди". Па дури и во Охрид кога и да сум одел, го обожавав периодот пред мај и после септември.

Сфаќам и се радувам дека било отсекогаш така.
Дури и како деца кога ги превеслуваме камповите од Сплит до Бечиќи, пак бев тој што знаеше да се искраде и сам да преспие два дена под Дуждовата палата или покрај подрумите на Диоклецијан.
Е сега на сета возрасност и наученост, толеранцијата станува се' поблиска и поблиска до нула. И воопшто не ме тревожи тоа, напротив, ме радува бидејќи ме дефинира уште повеќе во секоја следна мисла со поголема рафинираност кон нештата.

Но, во едно сум сигурен.
А тоа е дека оваа категорија ќе биде се' побројна и ќе труе уште повеќе. Бидејќи турбо фолкот како социјална категорија станува нивно секојдневие и печат на карактерот "овца". За жал пак, туристите од "другите периоди сем лето" ќе ги има помалку и помалку. Нормално. Тоа се тие поединци кои секогаш биле надвор од крдото.

А зошто таа диференцијација ќе биде уште поголема?

Тоа е веќе друга тема која ќе ми отвори нов наслов... не е само до финансиите, туку најмногу до умот, со кој се создаваат дури и тие, финансиите, како и се' друго наоколу... Циклично... Поврзано...

П.С.

Дали има исклучоци?
Секако. Многу мал дел (екстремно мал) од оние кои тераат туризам без предрасуди низ сите периоди (според можностите и желбите) ќе ги сретнете и во лето. Всушност, тешко дека ќе ги сретнете. Тие и во лето сакаат да бидат понастрана од толпата.