25.5.14

ВЕЧЕРВА ЧОЛО МОЖЕ И ПОЛЕСНО ОД ОЧЕКУВАНОТО, ДО ТИТУЛАТА!

Пред започнување на Финалето само едно потсетување на последниот текст со дел од анализите дадени уште од стартот на сезоната, а веќе во резиме на завршницата на сезоната во најатрактивната фудбалска лига во светот.
Денес нема да правам препис на нештата кои од септември минатата година, па до последниот ден во април годинава го пишував, а се однесуваше на промената на техничкиот дел на тренинзите со кој Чоло ја започна сезонава (со внесувањето на „полигоните“ секојдневно, што не е случај за ниту една екипа во Шпанија, па ни за Реал , ниту за Барса), ниту за вадењето на теговите во функционалност на аеробните вежби, што не е случај повторно со ниту еден од другите клубови во Шпанија. Комплетниот тренажен процес, онолку колку јас можев да го „шпионирам“ го пренесував во целост и низ фотографиите и низ текст. Ќе го прескокнам дури и прилогот кој го презентирав со пилулите кои Годин, Диего Коста, Миранда, Арда Туран ги добиваа во средината од второто полувреме, да не речам за време на игра. Нешто што сеуште никој не го прави, освежувајќи го организмот со дозволено средство за зголемена сила и аеробна моќ (нешто многу поразлично од некогашната „мода“ со фластерчињата за нос кои требаше „лепенките“ да ги отвараат ноздрите за поголем проток на воздух, кои подоцна се испоставија како неважни). За употребата на „ГуглГласАналитикс“ очилата со кој Чоло ги добиваше информациите од својот прв помошник за време на натпреварот против Барса, детално објаснив, а и тоа е само една капка во морето од новите стратегии, само на Атлетико од Мадрид.
Диего Пабло Симеоне „Чоло“, направи многу повеќе од само овој концепт на активности кои ги вметна во секојдневието на секој „душекџија“. Не го промени својот менталитет бидејќи сега е тренер и менаџер, напротив, само ги дополни коцките кои недостатсува додека беше фудбалер, уште од времето на Атлети, уште од периодот кога со Лацио ги освои четирите титули, па дури и претходно од времето на Интер каде судиите имаа постојано проблем со неговиот карактер. Ги дополни со уште посилно гориво на „дозволена“ грубост за да биде физички најподготвената екипа во Европа, како што напишав во еден текст од октомври минатата година, кога потенцирав неколку елементи „зошто ќе биде фаворит во Европа и дома“. Ако Германците ги познаваме како фудбалери кои играат во силно темпо 95 минути, тоа за Чоло и неговата екипа е тајминг од 115 минути (а вечерва тоа го виде и Моу од противникот кој беше подготвен да изигра и реванш уште еднаш по третпат 90 минути на Стемфорд, барем што се однесува до свежината).
Чоло ја доби најголемата работа која секој тренер би сакал да ја има во својата екипа - дисциплинирано спроведување на замислата во техничко-тактичката поставеност на натпреварот, во секој квартал од играта па дури и во неочекуваните ситуации кои многупати го менуваат темпото на движење на замислената стратегија. Тоа кај големите екипи е многу тешко да се добие од сите 11 фудбалери. Посебно е незамисливо кога во тимот имате екстра ѕвезди со понекогаш „голема нетрпеливост“ меѓу себе. Можеби Атлетико не изобилува со куп поливалентни фудбалери, но затоа изобилува со најдисциплинирани во спроведување на тренеровите замисли, па дури и кога станува збор за „одење на нога“ или „директно во џигер“. Траекторијата на движење е неприкосновено испочитувана, од секого поединечно. Пргавоста која е најчесто „на граница на дозволеното“ Симеоне ја пренесува на своите фудбалери, а во најголема доза дури и ја има усовршено уште „поексплозивно“.
Ова се само малкуте нешта на кои потенцирав низ целата година, дури и тогаш кога на почетокот пишував дека Тата и Барса не треба да се плашат толку од Карло и Кристијано, колку од Чоло и Атлети кои со сигурност дека ќе бидат најголемите фаворити за титулата во Ла Лига. Иако понекогаш дел од тие записи беа ругани со образложенијата дека „претерувам“ во ниту еден момент не ја потценив сета негова промена која ја гледав секојдневно на снимките од тренинзите и записите кои ги добивав од Ма`ада`онда.
Од тие причини токму и денес, кога веќе сезоната се сведе на самиот крај, можам со истото уверување да претпоставам дека ќе застане и со трофејот кој му недостасува како фудбалер со црвено-белите, трофејот од Лигата на Шампионите.
Неговите фудбалери цела година работат токму за овие мигови. Ја оставија душата на терен на секој натпревар. Трпението ако некогаш беше синоним за Барса, сезонава е за Атлети.
И најважното!
Да не го потцениме моментот во кој се игра Финалето во Лисабон, време кога скоро сите екипи се веќе „на своите собиралишта“ во подготовка за СП во Бразил. Кристијано Роналдо, Серхио Рамос, Пепе, Марсело и сите останати, мислите дека ќе бидат со истата енергија и бескомпромисност и денес, нестравувајќи од повреда која нема да ги оддалечи од Бразил? И тоа против најгрубата екипа, низ целата сезона, во Шпанија и низ европските купови, екипата која нема загубено натпревар цела година „низ шампионите“ токму поради таквата карактерност на целата одбрана па дури и останатите две линии? Зарем мислите дека на овие фудбалери им е побитен Бразил отколку самото Финале во Лисабон? Реал е голем бренд, еден од најголемите на планетава, што токму тоа пак носи и една голема тежина (Десима) која пак од друга страна не е правопропорционална со тежината на фудбалскиот пристап во сиот момент пошироко, на фудбалерите кои го носат „белиот дрес“. Ним, генерално, на 24 мај не им завршува циклусот сезонава, туку токму тука започнува уште поголемиот притисок од јавноста и медиумите. Ним, многу повеќе отколку притисокот кон „душекџиите“. Реаловите фудбалери се веќе во нагорна линија во освојувањето на трофеите. Тие во ваква констелација се скоро свесни дека уште неколку години сигурно ќе бидат во европскиот врв. Тоа го знаеме и ние, во оваа година на светското фудбалско првенство, година на судир на најголемите фудбалски држави и најголемите фудбалски индивидуалци. А од друга страна, ако се` она кое погоре го пишав и го пренесував цела сезона директно од Шпанија до вас, кое е всушност пробивање на сите досегашни поставени граници на издржливост и сила, е верификувано низ податливи резултати, ќе си дозволи ли некој во тимот на Чоло да киксне, во последниот чекор? Во тимот, кој и без исклучителни индивидуалци, покажува страотна сила и „непоразеност“? Нема ни теоретски шанси, па макар ако треба како и со „анимални правила во природата“ уште во првите 10 минути да се означи територијата во која ќе владеат „џелатите, ѕверовите и разјарените фудбалери“, нешто што никому од „кралевите“ нема да му се допаѓа. Нешто што и сите можеби ќе го дефинираме како „груб фаул“. Но, факт е дека ќе се случува. (токму и затоа очекувам по неколку ротации „со груби стартови“ врз Кристијано и уште две точки на средината на теренот уште во првите 15 минути, на линија „на црвен“, по цена да се заработат и два-три жолти, но да бидат „кренати во воздух“ за да се покаже силата дека нема да има милост. Чоло тоа го правеше и како фудбалер, кога ако се сеќавате на пример, го штипеше, плукаше, удираше Бекам, за на крајот веќе да не можеше да издржи и театрално „му го изнуди црвениот картон“ во натпреварот кој Аргентина го доби со важна победа. Чоло кога е во прашање натпревар под тензија, е врвен мајстор да ја подготви екипата како капитен, а сега и како менаџер, со „сите аксесоари“ кои можеби и не ни очекувате дека ќе ги видите. Токму и затоа мислам дека вечерва Атлети уште полесно ќе се справи со реал отколку што тоа беше во последниот натпревар од Ла Лига против Барса)
Залогот е премногу за екипата која 40 години чека на овој миг, кога во 1974 година Баерн Минхен ги порази на Хејсел во Белгија (за првпат тогаш се играа два натпревари. Првиот заврши 1:1, па веднаш по два дена на истиот стадион се изигра уште еден цел натпревар во кој Баерн победи со 4:0, според тогашните правила на УЕФА).
Диего Пабло Симеоне, вечерва ќе се преслика себе си во 11-мина свои клонови, рафинирано пргав, со крв во очи и доволно мудро за да ја помине неказнето „црвената линија“.
А тактичко-технички?
Потполно исто како и во сите претходни натпревари, со кои ја помина целата сезона.
Ништо ново, еволутивно, различно концептуално или иновативно.
Тоа не се особините на Атлети сезонава.
----------
Дел од текстот беше објавен пред неколку недели на Дерби.Мк. Останатите исто така можете да ги пронајдете во архивата на истиот портал.