19.2.10

МАКЕДОНИЈА СЕУШТЕ ГО ЧЕКА „НАЈГОЛЕМИОТ ПРАЗНИК„

САМО ПРАВИЛЕН СИСТЕМ МОЖЕ ДА ЈА ВАЛОРИЗИРА ПРОФЕСИОНАЛНОСТА, ПОСВЕТЕНОСТА И ЉУБОВТА КОЈ ИДИВИДУАЛЦИТЕ ГИ ПРАВИ ТИМСКИ ИГРАЧИ...СИСТЕМ, КОЈ НЕДОСТАСУВА ВО ЛАНЕЦОТ НА ПОЗИТИВНИ РЕЗУЛТАТИ. ..СИСТЕМОТ КОЈ МОЖЕ ДА НАПРАВИ РАЗЛИКА И ИСЧЕКОР ВО МАСОВНИТЕ И ПОПУЛАРНИ СПОРТОВИ, ЗА КОИ СМЕ И ГЛАДНИ И ЖЕДНИ...


Голем дел од стартот на годинава ми помина во рекапитулар на претходната, во споредбени активности и паралели на различни концепти и резултати од македонските настапи во репрезентативно или клупско претставување. Тешко е да се најдат вистинските моменти кои би требале да бидат репер и пресликување во сите сегменти од спортовите во кои би сакале да направиме успех, но факт е дека пред „резултатите и критичарите молчат„. Па токму оттаму ако се тргне, тогаш би требало настапите на каратистите кои ги достигнаа европските величини, да бидат пример и огледало на тоа каков пристап во професионалноста ни е секаде потребен.

Наташа Илиевска, девојката која ја освои Европската сребрена титула и се наметна на секое следно натпреварување како фаворитка во борбите за медал е првиот и најсилниот пример за тоа. Потврдата за професионално и дисциплинирано посветено спортување ја доби и во шампионската титула од Европското Универзитетско Првенство. Наташа Илиевска во финалето го покажа она од кое сите противнички стравуваа. Резултатот подоцна претставуваше еден од најголемите бенефити за каратето во Македонија, бесплатен ПР кој ја исфрли во орбитата на успехот подоцна и во останатите титули, „Најдобра спортистка на Македонија„, титулите за нејзиниот тренер, стипендијата од Агенцијата за спорт и млади, стипендијата од нејзиниот матичен клуб КК „Макпетрол„. Сите овие титули и ја отворија вистинската патека на движење кон следните чекори. Го напушти претходното работно место (кое не беше поврзано со карате спортот) ја доврши магитратурата на електро-техничкиот факултет и стана професионален спортист, кој секојдневно по двапати тренира и живее веќе само од спортот. Наташа Илиевска денес е пример за професионален спортист од сениорската светска категорија.

Втората приказна повторно е од истиот спорт. Тринаесетгодишникот кој ги освои сите можни титули на државните и интернационални турнири, стана и најмладиот Балкански Шампион – Никола Димитријевиќ, детето кои ги остварува своите соништа. По примерот на неговата учителка, претходно споменатата европска вицешампионка и универзитетска европска шампионка, Никола Димитријевиќ одговара и ги решава максимално своите задолженија. Одличен ученик и посветен спортист. Како што се движи по спортските патеки, наскоро кога ќе зачекори во сениорските конкуренции, нема да биде со кусок на трофеи од помладите категории. Има многу успешни спортисти кои како сениори ги освојуваат врвовите, но секогаш ќе им недостасуваам јуниорските, кадетските и младинските титули. Титули кои заминуваат засекогаш ако не се освојат во вистинското време на вистинското место. Но, на Димитријевиќ тоа нема да му недостасува. Се пробива кон височините по патека напишана во највлијателните светски учебници „за правилен и вистински развој на талентот„.


Тука можеби има уште многу елементи кои би требало да ги споиме во овие слични искуства, иако некој од нив со резултати кои малку поодамна се остварени, Вели Мумин, Примислав Димовски, Давид Бабунски, Горан Пандев...

Но како и да погледнеме, без разлика дали станува збор за индивидуален или групен спорт, секогаш, без исклучок, станува збор за индивидуална дисциплина и посветеност.

Македонија има потенцијал, но резултатите и пласманите велат дека тоа може само поединечно. Индивидуалноста остава повеќе простор за себереализација. Тоа е реална слика, најмногу и поради немањето систем за групен успех. Немање база, немање траса на движење. Групното насочување е сеште без спортски идентитет. Токму поради тоа успехот може сеште само индивидуално да се форсира, благодарение на личната посветеност, самодисциплина и љубов.


Македонија очигледно сеуште нема систем како една фудбалска репрезентација да стигне на ЕП или СП. Но, затоа има токму внатре, индивидуалци кои со својата професионалност покажуваат дека можат да играат и во најголемите екипи. Истиот пример е и во ракометот, одбојката, кошарката... Исклучок единствено е повторно каратето, спорт во кој и екипно стигнавме меѓу најдобрите во Европа.

Недостаток на финансии, недостаток на квалитетен високо-образован кадар кој е елоквентен, максимално стручен и во координација со последните светски истражувања и откритија на одделни елементи во системот на тренинг, рекуперација и финализирање, се можеби „најголемите непријатели„ на успехот за кој сите сме и жедни и гладни.

Ако реално погледнеме внатре в себе си, нема да ни е потребно многу време за да сфатиме дека Македонија уште долго ќе талка од интерес во интерес чекајќи го „вистинскиот момент„.

Нам не ни се доволни гореспоменатите успеси кои се од историско и неприкосновено квалитетно значење за сиот спорт во државата.


Нам ни е потребен успех и во масовните групни планетарно најатрактивни спортови.


Нам ни треба Светското првенство во фудбал, нам ни треба Европа, за да ја доживееме кулминацијата која веќе скоро сите цивилизирани земји ја имаат почувствувано.

Ние бараме успех кој е рамен на титула, за светот мал, можеби и незабележителен но за нас „државен празник„. Македонија нема да биде изненадување за светот ако се квалификува на следното ЕП, но овде меѓу нас во тој миг мислам дека можеби ако се спроведе анкета, тогаш многумина ќе гласаат и за поставувања дури и на нови споменици...

Затоа успехот кој минатата година ни ги разнежни емоциите и не направи позитивно мотивирани да гледаме кон иднината, денес треба веќе да го валоризираме со уште, многу повеќе и многу повисоко.

Горан Пандев, Наташа Илиевска, Стевица Ристиќ, Никола Димитријевиќ, Кире Лазаров, Примислав Димовски, Вели Мумин ќе бидат отскок кој сакаме долго да трае за да доскокнеме некаде далеку, подалеку од Јужна Африка, од Полска и Украина... многу далеку, многу подалеку, па макар тоа било и само еднаш . . .

(ова беше мое гласно размислување, кое е публикувано и во спортскиот магазин Е-Спорт)

No comments:

Post a Comment