10.4.10
ДАЛИ МАГИЈАТА ЌЕ СЕ ОСТВАРИ, НА САНТЈАГО БЕРНАБЕУ?
2.4.10
НАЈУБАВИОТ, НАЈЕЛЕГАНТНИОТ И НАЈНЕИЗВЕСНИОТ ФУДБАЛСКИ ПРАЗНИК . . . СО ВЕЛИГДЕНСКА ЗАВРШНИЦА !
Алмуниа е првата моја лоша проценка.
Очекував дека ќе биде на „висина на задачата„, просечен како и секогаш. Но, овојпат Алмуниа беше фантастичен, неверојатен, и комплетно без вина дури и за двата примени гола. Меч кој и самиот верувам ќе го памети и штета што неговиот тим не му овозможи цел живот да се сеќава на овој дуел. Во стил на ракометен голман сигурно дека на Меси, Чаби и Ибра, голот со него на средина им изгледаше помал и понизок.
Пеп постави повторно две слични полувремиња.
Првото со пресинг од трите линии, пошироко развлечени со постојано позиционирање што поблиску до голот на Арсенал.
А второто, слично, но малку во обратна високо позиционирана формација. Комплетно трите линии позбиени со поголеми работни задачи наназад кон голот на Валдес.
Причините се јасни,со само една цел, да се постигне што порано гол.
Нешто што му успеа во второто.
Позбиени редови за потешко пробивање на Фабрегас, Насри, Аршавин и Бенто. (Што не беше иста препрека и за Волкот, човекот кој на моменти знаеше да ја измеша крилната одбранбена линија)
А од друга страна (во второто полувреме) со така поставени линии, повеќе простор за брз трк на Меси во фор кон Ибра или варијанта од која паднаа и двата гола, со пас кон Ибра (на линија на офсајд) во брза финализација.
Без многу философирање Пеп очигледно, овојпат и без новина во форматирањето на позициите со нови улоги, требаше да дојде до поповолен резултат барем во првите 20-тина минути.Од 2о-тата минута Арсенал успеа да го балансира тежиштето на игра и веќе почнавме да го гледаме тимот на Венгер кој сме навикнале да го гледаме.
Сепак во едно мора да бидеме прецизни, Барселона беше поконкретна иако без прецизна завршница. Не значи ова дека била класа подобра. Не, напротив, од двете екипи кои играат еден брз, динамичен, отворен и секогаш елегантен фудбал, Барса беше за нијанса поконкретна во дисциплинираното остварување на зададената цел.
Венгер, очигледно дека имаше проблеми со составот.
Но, токму тоа Пеп го искористи.
Сонг во дефанзива дезориентиран, а при транзиција во напад со него се создава критична точка. На вакви две слично-концепциски екипи еден човек може да направи разлика, а да не зборувам се што значи во овој случај „критичната точка„.
Бенто подобар од десно отколку централно пред Валдес, нешто што не смее да се изостави од внимание на Камп Ноу, а на Волкот ќе мора да се обрне многу поголемо внимание. Посебно што централниот хендикеп за Барселона во реваншот ќе биде најосетливото место. Милито ќе покрие дел, Маркез би бил неопходен, но дали Туре ќе добие друга задача и дали ќе се активира Марк Муниеса во негово деби во Лигата.
Ова ќе биде тема на Великденските муабети.
Многу нови прашања отвори дуелот во Лондон, а на некои од нив ќе мора да се реагира веднаш.
Фабрегас и Аршавин со сигурност нема да бидат опасност за Валдес.
Но, дали тоа е само првична еуфорија на позитивно расположение за хендикепираниот Арсенал или Венгер планира ново „откровение„?
Како и да е, очекувам во вторник, завршница на празникот по повод најубавиот, најелегантниот и најнеизвесниот дуел од оваа фаза.
29.3.10
ФАН Vs. ФАН: АРСЕНАЛ - БАРСЕЛОНА . . . статија објавена на порталот www.24fudbal.com.mk
22.3.10
II ДЕЛ: ФЕРГУСОН „СИ ЈА СКРШИ ГЛАВАТА„ ВО РИМ, НО ВЕНГЕР НЕ Е ФЕРГУСОН . . .
20.3.10
ФЕРГУСОН „СИ ЈА СКРШИ ГЛАВАТА„ ВО РИМ, НО ВЕНГЕР НЕ Е ФЕРГУСОН . . .
Но, овој натпревар е еден од најдобрите согласно фудбалската игра која треба да изнуди атрактивен, брз, разнолик и гледлив фудбал. Екипата која со години е прогласувана за најдобра во таа смисла, овојпат уште во оваа фаза налетува на Барселона. Каталонците тоа го покажаа минатата сезона, а дури и во последните натпревари, после малата криза која секоја сезона од крајот на декември до март е забележителна во таквите амплитуди на квалитет.
На моменти слична игра, дури и на неколку позиции со слично ниво на високо квалитетни, поливалентни фудбалери, тоа ќе биде фудбал кој најавува вистинско уживање. Факт е дека токму тие поливалентни фудбалери, а посебно фантазисти, ги има повеќе во Блауграна, но нималку лошо во таа насока не е ни кај Топџиите. Проблемот на разликите може да биде евентуално во искуството.
Многу важно прашање ќе биде дали повредените во Арсенал ќе имаат време да бидат во форма и да влезат во овој дуел. Не сите, но барем оние кои ги очекуваме, да се надеваме.
Втора работа е што во ваквите дуели, најголемо влијание има дозата на адреналин и дисциплина. Тука веројатно Арсенал ќе биде во мала предност, барем на првиот натпревар, бидејќи поголем предизвик да се игра против шампионскиот тим пред своја публика во оваа фаза, кога сеуште се тазе дури и емоциите полни со „париска одмазда„,нема.
Во исто време веќе сите знаеме дека Пеп мора да внесува уште новини, бидејќи играта на Барса „е одамна прочитана„, што за Венгер нема да биде тешко барем на хартија да го пронајде вистинскиот одговор.
Уште една од битните карактеристики за овој дуел е токму Венгер. Тој е човек кој е гладен за резултат, барем во оваа позиција после толку години. Има „болница„ во тимот и знае колку е лесно ранлив. Во овој миг, нималку не е толку своеглав како стариот Ферги кој не сакаше да ги послуша советите на сите медиуми во Англија пред финалето во Рим. Изигра „со глава низ ѕид„ и си ја „скрши главата„. Венгер сега и да сака, тоа нема да го може. Значи,Пеп ќе има потешкотија, од можноста да му се случи Челзи од минататасезона (иако да бидам реален, Арсенал скоро и никогаш да не ја игра таа игра).
Токму тоа е убавината на ваквите фудбалски дуели и ваквите фудбалски стратези-моментите на изненадување, како што Мурињо го збуни Анчелоти во Лондон.
Сигурен сум дека уште денес Венгер почнува со свои лични анализи в глава на тема „со што ќе може да го изненадам Пеп, а тоа да биде вистинско изненадување, неочекувано, барем во првиот натпревар?„.
Ако Барселона го изгра убаво првиот дуел, тогаш на „Камп Ноу„ приказната ќе биде само формалност. Арсенал нема да има никаква можност на еден од најубавите стадиони во светот, да се растрчува во лесна, мека и активна игра.
Ова е само првична моја претпоставка, која сигурно ќе биде надградувана со секое ново коло од националните првенства и секоја новина согласно индивидуалната форма и евентуалните повреди.
А за дуелот кој го сметам за еден од можностите за евентуалниот финален противник на Барселона (ако го помине Арсенал) е Баерн Минхен - Манчестер Јунајтед. Предноста што им ја давам на баварците ќе ја образложам во наредниот текст. Но, во секој случај е најповрзана со одличната игра која ја има Баерн Минхен, дури и кога губи наспроти робусната игра на Манчестер која понекогаш е на сила, моќна и со не многу убавина за да може да се делат епитети кои ги користам за натпревар со прекрасна привлечност за гледливост.
Интер, исто така ќе биде споменат и подоцна, но тоа веќе годинава е прочитана приказна, без оглед што Мурињо е еден од стратезите кои се наоѓаат на највисоката позиција „на табелата„ во која се вреднуваат интелигентните поставувања и движење на формациите. Сепак квалитетот со кој располага во случајов ќе биде хендикеп за престој во Мадрид.
24.2.10
АПАТИЈА, ВО СЕКОЈ ПОГЛЕД...
Штутгарт ја имаше шансата со која само ќе ја потврдеше својата форма во последните седум натпревари од Бундеслигата.
Не случајно поведе.
Не случајно имаше и шанси да го зголеми водството, но сепак поседот на топката беше единствената позитивна работа која е дел од генетскиот код на секој каталонски фудбалер (тука ќе ги вметнам и интернационалците кои во Каталонија се среќаваат со еден систем кој никогаш претходно не го играле).
Пеп беше дециден пред натпреварот, дека е тешко но ќе се игра истото како и секогаш, брзо движење на топката, во двете линии пред Валдес, со што повеќе додавања во освојување на просторот, како би се удвоиле лесно и брзо во евентуалниот контранапад на Швабите.
Но, видовме една сосем друга игра.
Непрепознатлива.
Без притисок во фазата на губење на топка.
Немаше динамика.
Стереотипни додавања кои ги гледам кај тимовите кои се далеку зад класата на Барса.
На моменти како да се движеа во обратна насока од задачите на Пеп.
Среќа што Ибра го компензираше она што претходно сите заедно (и со него) го прикажуваа...
Утре е нов ден.
Нов ден кој ќе ја избрише вечерашната апатија од Штутгарт...
П.С:
Сеуште не можам да верувам дека во професионалноста на нашата работа има луѓе на кои им е дадена одговорност, а тие да не сакаат да мрднат ниту со мал прст за своето знаење... барем за тоа денес постојат голем избор на патеки за себенадградба...
Веројатно затоа и сеуште сите слушаме, се нервираме, а некогаш и го исклучуваме аудиото во некоја од мозочните ќелии, кога ќе прострујат речениците од типот:
„... Барса вечерва игра во формација 4-3-2-1...„
или
„...Бускетс ја враќа топката назад, бега од одговорноста...„
а да не ги споменувам правилата кои се однесуваат на судиските одлуки како „офсајд„ или „пенал„...
Никој не се родил учен, ама да не сакаш да учиш во текот на животот, е тоа е жално, рамно на двоцифрено IQ...
П.П.С
1.
Мурињо во 2008 имаше презентација пред мала група на луѓе од Бордот на Барса, во која во тричасовно претставување ја објаснуваше својата теорија на форматот 4-3-3 и негова помодерна варијанта во транзицијата. Тоа се случуваше неколку месеци по скоро двомесечните „фингирани прес конференции„ на Рајкард каде токму холанѓанецот пак објаснуваше пред медиумите (барајќи поддршка од Сосиото на клубот), зошто, ако продолжи „болницата„ во екипата, ќе мора да го смени почетниот формат во 4-4-2... Нормално, беше „распнат„ а подоцна и сменет...
2.
„Повратните топки„ и создавањето на триаголници се задолжителна лекција при освојување и владеење на просторот, со кои топката барем еднаш (скоро задолжително) мора да преминува во „повратна„ меѓу одбраната и средниот ред пред да влезе во финализација на последната линија фантазисти, кои одлучуваат зависно од моментот на ситуацијата дали ќе направат уште една „повратна„ или преминуваат во фаза на шут.
...ова колку за информација за да не бидам погрешно сфатен, туку исклучиво професионално...
19.2.10
МАКЕДОНИЈА СЕУШТЕ ГО ЧЕКА „НАЈГОЛЕМИОТ ПРАЗНИК„
Голем дел од стартот на годинава ми помина во рекапитулар на претходната, во споредбени активности и паралели на различни концепти и резултати од македонските настапи во репрезентативно или клупско претставување. Тешко е да се најдат вистинските моменти кои би требале да бидат репер и пресликување во сите сегменти од спортовите во кои би сакале да направиме успех, но факт е дека пред „резултатите и критичарите молчат„. Па токму оттаму ако се тргне, тогаш би требало настапите на каратистите кои ги достигнаа европските величини, да бидат пример и огледало на тоа каков пристап во професионалноста ни е секаде потребен.
Наташа Илиевска, девојката која ја освои Европската сребрена титула и се наметна на секое следно натпреварување како фаворитка во борбите за медал е првиот и најсилниот пример за тоа. Потврдата за професионално и дисциплинирано посветено спортување ја доби и во шампионската титула од Европското Универзитетско Првенство. Наташа Илиевска во финалето го покажа она од кое сите противнички стравуваа. Резултатот подоцна претставуваше еден од најголемите бенефити за каратето во Македонија, бесплатен ПР кој ја исфрли во орбитата на успехот подоцна и во останатите титули, „Најдобра спортистка на Македонија„, титулите за нејзиниот тренер, стипендијата од Агенцијата за спорт и млади, стипендијата од нејзиниот матичен клуб КК „Макпетрол„. Сите овие титули и ја отворија вистинската патека на движење кон следните чекори. Го напушти претходното работно место (кое не беше поврзано со карате спортот) ја доврши магитратурата на електро-техничкиот факултет и стана професионален спортист, кој секојдневно по двапати тренира и живее веќе само од спортот. Наташа Илиевска денес е пример за професионален спортист од сениорската светска категорија.
Втората приказна повторно е од истиот спорт. Тринаесетгодишникот кој ги освои сите можни титули на државните и интернационални турнири, стана и најмладиот Балкански Шампион – Никола Димитријевиќ, детето кои ги остварува своите соништа. По примерот на неговата учителка, претходно споменатата европска вицешампионка и универзитетска европска шампионка, Никола Димитријевиќ одговара и ги решава максимално своите задолженија. Одличен ученик и посветен спортист. Како што се движи по спортските патеки, наскоро кога ќе зачекори во сениорските конкуренции, нема да биде со кусок на трофеи од помладите категории. Има многу успешни спортисти кои како сениори ги освојуваат врвовите, но секогаш ќе им недостасуваам јуниорските, кадетските и младинските титули. Титули кои заминуваат засекогаш ако не се освојат во вистинското време на вистинското место. Но, на Димитријевиќ тоа нема да му недостасува. Се пробива кон височините по патека напишана во највлијателните светски учебници „за правилен и вистински развој на талентот„.
Тука можеби има уште многу елементи кои би требало да ги споиме во овие слични искуства, иако некој од нив со резултати кои малку поодамна се остварени, Вели Мумин, Примислав Димовски, Давид Бабунски, Горан Пандев...
Но како и да погледнеме, без разлика дали станува збор за индивидуален или групен спорт, секогаш, без исклучок, станува збор за индивидуална дисциплина и посветеност.
Македонија има потенцијал, но резултатите и пласманите велат дека тоа може само поединечно. Индивидуалноста остава повеќе простор за себереализација. Тоа е реална слика, најмногу и поради немањето систем за групен успех. Немање база, немање траса на движење. Групното насочување е сеште без спортски идентитет. Токму поради тоа успехот може сеште само индивидуално да се форсира, благодарение на личната посветеност, самодисциплина и љубов.
Македонија очигледно сеуште нема систем како една фудбалска репрезентација да стигне на ЕП или СП. Но, затоа има токму внатре, индивидуалци кои со својата професионалност покажуваат дека можат да играат и во најголемите екипи. Истиот пример е и во ракометот, одбојката, кошарката... Исклучок единствено е повторно каратето, спорт во кој и екипно стигнавме меѓу најдобрите во Европа.
Недостаток на финансии, недостаток на квалитетен високо-образован кадар кој е елоквентен, максимално стручен и во координација со последните светски истражувања и откритија на одделни елементи во системот на тренинг, рекуперација и финализирање, се можеби „најголемите непријатели„ на успехот за кој сите сме и жедни и гладни.
Ако реално погледнеме внатре в себе си, нема да ни е потребно многу време за да сфатиме дека Македонија уште долго ќе талка од интерес во интерес чекајќи го „вистинскиот момент„.
Нам не ни се доволни гореспоменатите успеси кои се од историско и неприкосновено квалитетно значење за сиот спорт во државата.
Нам ни е потребен успех и во масовните групни планетарно најатрактивни спортови.
Нам ни треба Светското првенство во фудбал, нам ни треба Европа, за да ја доживееме кулминацијата која веќе скоро сите цивилизирани земји ја имаат почувствувано.
Ние бараме успех кој е рамен на титула, за светот мал, можеби и незабележителен но за нас „државен празник„. Македонија нема да биде изненадување за светот ако се квалификува на следното ЕП, но овде меѓу нас во тој миг мислам дека можеби ако се спроведе анкета, тогаш многумина ќе гласаат и за поставувања дури и на нови споменици...
Затоа успехот кој минатата година ни ги разнежни емоциите и не направи позитивно мотивирани да гледаме кон иднината, денес треба веќе да го валоризираме со уште, многу повеќе и многу повисоко.
Горан Пандев, Наташа Илиевска, Стевица Ристиќ, Никола Димитријевиќ, Кире Лазаров, Примислав Димовски, Вели Мумин ќе бидат отскок кој сакаме долго да трае за да доскокнеме некаде далеку, подалеку од Јужна Африка, од Полска и Украина... многу далеку, многу подалеку, па макар тоа било и само еднаш . . .
(ова беше мое гласно размислување, кое е публикувано и во спортскиот магазин Е-Спорт)
23.1.10
ПАРИЧКАТА КАЈ ПАНДЕВ, ОД ЛЕПЧЕТО НА МУРИЊО
(текстот ќе биде објавен во најновиот број на спортскиот магазин Е-Спорт, во кој како подарок ќе биде вметнат и мега постер од најатрактивниот трансфер во зимскиот период во Калчо - Горан Пандев)
Бадник, 11.45 часот.
Штотуку завршив со едно од моите најголеми задоволства кога ќе пристигнат новогодишните и божиќните празници – лепчето со париче, кое со максимална посветеност го превртувам низ прсти, со надеж дека вечерата ќе ја направи уште поблагословена, дарувајќи и среќа и насмевки на секоја следна во годината пред нас. Се токмам за вториот чекор, оризот комбиниран со малку морков во најголемата моја гастрономска тајна, совршенството на Госпоѓата Сарма. Му се радувам на секој миг од вештината со која се преместувам на локациите низ кујната, додека радоста в срце ми ја дополнува емисијата која го исполнува звучниот простор во мојот стан. Нешто разбирам, нешто се мачам, нешто прескокнувам, но знам дека во секоја втора реченица се споменува или Горан или Жозе.
Фрлам око одвреме-навреме, надгледувајќи ја и рерната и ринглите, го впивам секој збор на Бергоми и Маркеџани со најголемите пофалби за играта на Горан Пандев и можеби едно од најдобрите варијанти кои Мурињо ги направил во овој мини преоден рок.
За миг запирам со активностите, се местам пред „плазмата„ и ... и поставен линк пред влезот на Џузепе Меаца.
„Ооооо...топ! Веројатно ќе го видам и Горан.„ – само што помислив ете вклучување, во живо.
Камерманот и репортерот со само една задача. Извештај за доаѓањето на Горан Пандев на првиот тренинг на Интер, неговиот разговор со Мурињо после првиот тренинг, Горан Пандев пред влез, Горан пред излез од тренинг, Горан во Милано, Горан пред автомобилот, Горан со изјава, Горан во влез пред хотел... Горан, Македонецот, Пандев, Горан, Интеристот од Лацио.... за миг се вратив во детството кога се сетив дека само еден таков серијал ми остана в глава како сликовници „Хајди на планина„, „Хајди на училиште„, „Хајди на одмор„, „Хајди кај дедо и„, „Хајди во автобус„ итн...Се доби друга димензија, исто спакувано, во продукција на најголемата телевизиска мрежа во Европа.
Горан Пандев, во еден единствен миг го засени и доаѓањето на Дејвид Бекам во Милан. Тоа се покажа и како факт во анкетата на Скај Спорт, дента на Бадник...
Долго време вака не ми затреперило срцето, не ми ги насобрало солзите на граница да се разлеат од радост, нешто што за миг ме направи силен, горд и моќен. Се чувствував како Супермен, кога ќе го слушнев она италијанското „мачедоне„... И тоа трае и трае со секое ново споменување... Го пуштив гласот на сараундот, нека чујат сите, нека се чуе низ цел град, нека се чуе до сите кои не го фаќаат во живо овој миг, нека чуе цела држава „мачедоне„, нека ечи од Атина до Брисел...
За миг заборавив и на сармата и на тавчето со грав и рибата која се вклопи во преубавиот ден.
Започна играта.
Од првиот ред на дното на тенџерето со најубавото јадење, до топка кон Киву. Го стартувам вториот ред, виткајќи ја дозата добро зачинет ориз во листот од зелка, а коментаторот ми дава поддршка и за третиот ред со „интелигентен потег на Пандев, Браво Горан, каква асистенција до Шнајдер...„... Уауу... ако вака продолжи, верувам дека ова ќе биде најубавото зачинето јадење од мојата гастрономска уметност.
„Горан по левата страна повторно со уште еден потег кој најавува дека Мурињо бил во право со неговиот избор„ - веќе ми создава чувство кое е неприкосновено, дури и неспоредливо со последното дерби кое го гледав на Олимпико, последно и за него во дресот на моите омилени од Рим. И во тој миг се фатив себе си во мала недоумица. Јас сакам Горан да постигне гол? Јас сакам Интер да победи? Мене Интер ми стана драг? Па да, веројатно е и нормално...токму поради него... фудбалерот кој само за 24 часа беше главна вест на сите електронски и печатени медиуми низ Италија. Да, да...веројатно е така, иако никогаш не би можел да бидам навивач на Интер, Горан има приоритет... да, да ... веројатно...
Заврши натпреварот. Дури и голот кој ме потресе и ми направи застрашувачка тахикардија, не ми беше криво што сепак не го постигна тој. Изигра прекрасно деби. Направи одличен старт.
Прес конференцијата во која запаметив само едно и ќе го паметам само тоа секогаш ми го направи денот уште повеличенствен. На прашањето зошто стартувал со Горан кога само што пристигна, што не е негов принцип досега како тренер, Мурињо одговори кратко и едноставно:
„Тоа е фудбалер кој игра со срце„.
Ми затрепери гласот кој копнееше да пушти рик познат само за кралот на животните. Се наежив. Ги исклучив апаратите кои ми ја пренесуваа сликата од Италија. Доволно ми беше. Го видов и чув најважното..
Горан ја направи бадниковата вечер најубава во секој македонски фудбалско-симпатизерски дом.
Не знаев што да направам од радост.
Сакав да летнам до Милано и да му честитам од срце. Да го прегрнам и да му кажам да знае, дека денес цела Македонија дишеше во еден здив со него, без оглед „кој за кој тим навива„. Но тоа не можев да го направам, барем не физички, иако на моменти се почувствував и како Супермен.
Но, знаев што можам да направам веднаш... Го зедов мобилниот, свртив 14 бројки и...
Јас: Ало... Горан, како си?
Горан: Еее, Филе, добро, добро (му се чувствуваше радоста и среќата уште во првите зборови)...како си ти?
Јас: ...Мајсторе, фантастично! Денес мислам дека ни го направи најубавиот ден, на сите во Македонија! БРАВО!...не знам како да ти ги пренесам чувствата... (јас преполнет со адреналин)
Горан: Фала, фала... да, да, добро беше... ќе биде и подобро...
Јас: Горан, кога веќе сме во муабет сакам нешто да те прашам, па може и да им го пренесам тоа на моите пријатели кои денес дишеа со тебе. Може?
Горан: Ајде, ајде...знаеш дека секогаш може (веселата насмевка му патуваше од Милано до Скопје со неверојатна експлозија)
Јас: Како се чувствуваш сега веќе после се? После проблемите со Лацио? Сега кога заврши се и кога веќе покажа на сите во Италија дека ти си тој што сака да игра...
Горан: Па мојата кариера прво не замислував дека вака ќе продолжи со Лацио. Но, знаеш се што се случуваше. Добив многу понуди , но сакав да останам во Италија. Затоа и понудата од Интер ми беше една од најприфатливите. Важно ми беше пред се, да играм... но, ете одлично се заврши.
Јас: Го чув Мурињо што кажа за тебе. Каква ти е комуникацијата со него, знаејќи дека сепак е малку ексцентричен и понекогаш премногу, според мои стандарди, дрзок?
Горан: ...хахахаахаха, не, не Мурињо е прекрасен човек. За сите играчи во клубот има позитивно мислење. Сепак се работи за еден од најдобрите тренери во светот. Тоа е човек што ќе ти каже се во лице. Мислам дека е еден од ретките. Секогаш кажува што да работиш, на секој посебно, и тоа е секогаш за доброто на фудбалерот. Да, мене ме прифати многу позитивно и сме во одлична комуникација.
Јас: Одлично... хмм, вака кога те слушам, ќе направиш и јас да почнам веќе да го гледам малку од друг аспект, иако понекогаш знаел да ме извади од такт... хахахахаха... Горан, каде живееш сега во Милано?
Горан: Па сеуште бараме стан со Надица. Ќе видиме. Знам дека ќе бидеме во центарот. Но сеуште не сме одбрале...
Јас: На „Ла Мадонина„ ќе бидеш првпат. Какво е чувството? Верувам дека ова е посебно доживување за тебе?
Горан: Уф, чувството е прекрасно. Тоа е едно од најголемите дербија во Италија. Посебно што мислам дека Интер и Милан до крај ќе се борат за Скудетото во Италија, со таа разлика што повеќе од сигурно сум убеден дека ќе го освои Интер... (последниот збор му се развлече низ долга благопријатна насмевка)
Јас: Што со Лигата на Шампионите? Повторно си таму меѓу најквалитетните? Овојпат можеби и во најтешкиот дуел, против еден од најдобрите клубови во Европа,Челзи.
Горан:...хммм... види, тоа ми беше еден и од приоритетите, да заиграм во Лигата на шампионите. Интер има големи шанси да го помине Челзи. Мислам дека можеме да стигнеме и до финалето во кое оваа година и ќе ја освоиме Лигата на Шампионите. Ние сите веруваме во тоа, иако нема да биде лесно против Челзи.
Јас: Горан, како гледаш сега на целиот медиумски интерес во Италија кон тебе? Главен лик си во сите вести деновиве?
Горан: ...па, тоа е најмногу поради тоа што мојот случај беше еден од ретките во Италија, нешто што е несекојдневно. Бев еден од оние кои секоја година во Лацио постигнуваа над 10 гола и одеднаш бев тргнат. Сите новинари уште од старт го поставуваа прашањето „зошто?„. Почнаа понудите. Лотито правеше чудни чекори. Новинарите едно време помислија дека тој ќе ја прифати дури и понудата на Јуве и покрај тоа што Мурињо и Интер кажаа дека сакаат да ме видат клубот. И тоа се поради тоа што јас сакав само во Интер и никаде на друго место. Само тука го гледам напредокот во мојата кариера. И веројатно затоа и сега има симпатии и таква медиумска поддршка кон мојот трансфер...
Јас: Горан, не те задржувам веќе... Благодарам и уште еднаш ЧЕСТИТКИ!... ќе се чуеме после „Ла Мадонина„ ...и со среќа...
Горан: ...фала, фала...поздрав и се слушаме.
Го спуштив телефонот на маса и останав да го вдишувам разговорот во наредните 20-тина минути.
Ми текна дека го заборавив последното прашање....аааааааа, сега ми е криво... како можев? Како можев?... а таман сакав да го прашам дали вечерва со Надица ќе имаат во Милано „лепче со паричка„ (кое ќе мора евентуално Наде да го замеси)... како можев да заборавам? ...а сега веќе не сакав да го реметам пак, затоа што знам дека и онака по којзнае колку пати го вртат неговиот број за некакви прашања... ништо, тоа е тоа... како можев?...
Го свртив погледот кон мојата рерна, каде лепчето ја доби поскауваната големина. Ќе го кинеме подоцна и се надевам дека паричето подоцна ќе му падне на најмладиот во семејството... дај Боже...
И ми се проврте уште еднаш непоставеното прашање. Но, во истиот миг сфатив дека можеби и не треба да ми биде криво.
И да има и да нема лепче со паричка Горан веќе „ја доби паричката„ .
Да, ја доби!
И тоа од лепчето на Мурињо . . .
6.1.10
ПРЕД НОВ ПРЕДИЗВИК . . .
Барселона, повеќе од сигурно е, дека тоа нема да го направи, барем не во следниот период. Иако се чудам на многумина кои пишуваат во контекст „толку беше, оваа година нема да го повторат истото...„ итн. Јас само ќе поставам прашање, а дали некој до сега го направил, па за да е толку лесно дури и да го повтори?
Но, тоа ќе го оставам на оние кои фудбалот не го разбираат во неговата суштина и кои мене воопшто не ми биле предизвик ниту да одговорам, а уште помалку да се „трошам„ на таквите констатации.
Што е важно?
Пред нас е исклучително тешка година. Тешка година во која ќе има премногу силни соочувања во борбата за двете титули кои ќе бидат и најважни за освојување, Ла Лига и Лигата на Шампионите. Само еден рекорд сега може да биде предизвик, рекорд кој вели „никогаш НИКОЈ ја нема одбрането титулата во Лигата на Шампионите„.
Можеби тоа е следниот најсилен предизвик.
Дали е можно?
Реално и теоретски, да, можно е. Но, прашање на кое е тешко да се одговори е „дали конкуренцијата е посилна од минатата година?„.
Тука „лежи„ и единствениот одговор.
Ако тргнам по некој редослед „без ред„, не треба да биде тешко да се заклучи дека конкуренцијата е многу посилна, без оглед кој ќе продолжи понатаму и против кого може да играат во секој следен чекор на патот до Мадрид.
Inter, доволно силен за да може тешко да се премости во секој следен евентуален чекор. Силна и цврста одбрана, која тешко прима голови и одбрана која веќе добро ја има проучено средната линија на Барса, која на некој начин во изминатите натпревари, посебно оној на Камп Ноу, одлично ја заврши работата. Дуплицирањето и ротирањето на Иниеста и Чаби, во секој следен напад на различни страни, веќе нема да пројдат кај Мурињо, уште помалку кај Камбијасо кој беше комплетно збунет 45 минути. Тоа кај големите клубови и искусните тренери поминува само еднаш.
Ако пак пројде Chelsea, тоа е веќе добро позната работа. Единствен клуб во ЛШ кој нималку (со години) не одговара на играта на Барса се токму сините. Казан направи копи-пејст и успеа, но Казан не е Челски за да можеше тоа да го прави постојано во секоја прилика. Кога разговарам со било кој од клубот, секогаш одговорот им е „само не Челзи или ако мора, нека биде во финале„. Тоа кажува повеќе од се што и јас би напишал...
Milan? Па со оглед што секогаш е расположен за Шампионска игра е исто така голема опасност. Со Дињо и Бекс се веќе многу покомпетитивни отколку порано. А згора на се, тие се само со таа цел. Со години наназад, најопасни се кога се „отпишани„. Manchester United, не би го ставил во оваа група, затоа што тоа е еден од гигантите со кој секое соочување може да биде веќе празник во Каталонија. Јунајтед е далеку од моќта која ја имаше до лани, а сега пак веќе не е ни во состојба да игра „игра„ која не е негова препознатлива. Значи, ако Ферги лани можеше (но поради докажување со медиумите, не сакаше) да игра како Челзи во Рим, оваа година и да сака нема да може.
Bayern Munich е уште една од точките која има среден ред со многу слична игра како и Барса, но разликата е во многу помалку пасови и најчесто тие се одвиваат преку две точки на средниот ред. На прв поглед, лесно би се справиле ако се неутрализираат тие точки, но не станува збор за класични фудбалери од среден ред. Баерн Минхен исто така има неколку поливалентни фудбалери кои многу добро знаат да играат одбрана и лесно да го трансформираат нападот во одбрана и обратно.
Sevilla? Уф, не сакам да споменувам. Пред неколку недели пишував токму за неа. Тоа е единствениот тим во Ла Лига кој може да го победи и Реал и Барса, во секое време. Две исклучително брзи крила, моќни, кои создаваат неверојатно брзо вишок во контра кон уште поопасните централни „високи„ напаѓачи. Нешто за кое многу тимови нема да имаат решение ниту во Лигата на Шампионите. Ако некоја екипа има можност да направи изненадување и далеку да стигне, тоа ќе бидат токму тие.
Arsenal и останатите, не би ги споменувал, односно, нив би ги ставил во таа не толку опасна група на противници. Како и да е, нема да биде ниту пак лесно, но сепак малку полесно од претходните.
А во Ла Лига, сем андалузијците кои покажаа дека можат и кои ќе бидат тешко соочување и во реваншот од Копа дел Реи, (а веднаш потоа и во редовното коло) не гледам друг противник кој може да направи пореметување на табелата. Ел Класико, стандардно без коментар (и во едната и другата варијанта), бидејќи тоа е пред се предизвик од прва категорија.
Ла Лига е поверојатна оваа година од Лигата на Шампионите. Копа дел Реи можеби во ваквов распоред на силите и треба да се напушти. Експериментите со Чигрински, Максвел и Бојан кои Пеп ги форсираше на натпреварот од Купот се веројатно можност за изненадување во некои од натпреварите од УЕФА. Сега засега тоа изгледа неуспешно и тешко дека ќе помине.
Токму затоа, веројатноста дека ќе се одбрани титулата е многу тешка. Една- сигурно. Двете потешко, иако и тоа може да биде реално, ако Африканскиот Куп донесе „изненадување„ кај противничките екипи. Но, трите титули во првиот дел од сезоната, многу тешко. А можеби и најпаметно е да биде и токму така.
Годината на Светското Првенство, нека биде и година во која ќе се постави нов рекорд.
Нека се одбрани она што никому досега не му успеало...