27.1.13

Зошто Македонија не заслужува успешна спортска приказна?


Затоа што пред се` дека е земја во која нема никакви вредности. Да одиме по ред, „зошто“.

Македонија со само милион и пол народ има скоро 200.000 „новинари“. Што е повеќе дури и од земји кои имаат по 50-тина милиони жители. Македонија има повеќе од 300.000 спортски аналитичари, скоро сите се селектори, во слободното време кога не се политичари и стручњаци по економски прашања.
Поради тоа изобилство на богатство си го имаме проблемот. Ова што го пишав сите си го знаеме и многупати си го пишуваме и препишуваме.

Но, дали сме во исто време свесни дека истите тие луѓе се богатство од лицемерие, хохштаплерај, цинизам, полтронство и завидливост?

Дали сме свесни во исто време дека приказните за "мирољубивиот, пријателски, полн со љубов, доверба и умен народ" се само прикаски „од дедовото луле“?

Ние сме можеби се` друго, но тоа не. Ниту мирољубиви, ниту пријателски расположени, ниту преполнети со Љубов, ниту базирани на доверба и ниту сме умен народ какви замислуваме дека сме и какви најчесто се форсираме себе си за време на Избори.

Проблемот е што сакаме да си се лажеме, тоа ни е поубавата страна. И сакаме да си веруваме во неа.

Ако не ми верувате, подразмислете и ајде напишете го различното, каде јас тоа грешам?

Колкупати сте сте нашле во муабет каде некој некого критикува, но не професионално, туку како личност, а замислете тој што критикува воопшто и да не ја познава таа личност?

Колкупати сте се нашле во ситуација да слушате само за обвинувања, кој каде згрешил, зошто е крив, а во ниту еден миг да не слушнете за Благодарност во истиот контекст, да слушнете за потврда на нечиј успех и афирмација на тој туѓ успех?

Колкупати сте дошле во себеразмислување да се засрамите што не сте го пофалиле вашиот колега што имал повеќе храброст да го пише она кое вие од „икс“ причини сте „морале“ да го премолчите?

Колку време воопшто трошите во денот за да зборувате за други луѓе, колеги и слично наместо да анализирате и разменувате информации во контекст на кревање на вашиот квалитет на работата, усовршување и тренинг? (се` е тренинг, како што спортистите тренираат секојдневно, така и новинарите тренираат со пишување на висококвалитетни текстови, учат од поуспешните колеги и читаат од „книгата на Универзумот“)

Колкупати во текот на денот гледате и слушате за афектите кои шират само лутина и нервоза? А не се трудите тоа да го инхибирате, туку влетувате „со грло во трњата“?

Колку маса од луѓе околу вас напредуваат благодарение на нечии „скриени вредност“ без разлика дали се функционерски или се „мито-лошки“?

Колкупати сте ја сфатиле суштината и сметате дека таа е успешна ако сте вие внатре, а ако има промена во која вие не сте внатре, веднаш ја осудувате на пропаст?

Колкупати самите себе си се убедувате дека знаете се` и дека за вас нема нешто кое треба допрва да го совладате и научите?

Тука сте сеуште?

Ако стигнавте до овој дел од мојот текст, тогаш можеби и да има надеж за вас. Но, само како единка.
Затоа што од овој момент, можете да размислите и да се промените себе си во позитивна насока.
Или другата патека ви е да го исплукате и овој текст, нормално и мене заедно со него и да бидете повторно уште еден од неуспешните луѓе кои мака мачат со себе и својата фрустрација, замислувајќи се дека врвот на светот.

Бидејќи во Македонија во моментот вирее токму тоа, во најголема мерка, Македонија не треба да ја доживее успешната спортска приказна. Не заслужува да се пишува за спортскиот успех, туркајќи ги пак во меѓувреме генералните проблеми со самите себе „под чергиче“.

Прво треба Освестување, па преминување на Светлата страна во која ќе нема недостиг на позитивна енергија, па градење од „нула“. Па дури потоа ќе можеме со чисто срце да навиваме за Успехот. И да ја доживееме врвната цел, добиена со помош на Универзумот.

Тогаш можеби и ќе бидеме успешни.
Како луѓе.
Како народ.

Мое е да напишам, вистински и чесно. А како вие ќе го протолкувате ова и како потоа ќе реагирате, тоа е апсолутно ваше право и  ваша чест.

No comments:

Post a Comment