31.1.13

РОУРА Е ТОЈ ШТО ВЕЧЕРВА ТРЕБА ДА БИДЕ ЗАМИСЛЕН

Изедначен, атрактивен и максимално отворен натпревар. Од пред почетокот на 90-те минути, па се` до последното свирче. Моу денес, иако на крај нерешено, излезе помудар од Роура. Удри во 75-та минута на Барса, токму таму каде ни Роура, ниту ние не очекувавме. Крајот, кога Барса е најсилна.
 

Да почнеме со ред, прво со "високата трева" која многумина сеуште не ја разбираат или не обрнуваат внимание, маргинализирајќи ја само како манипулативен медиумски трик. 
(ова се однесува на голема група балкански новинари)


Што значи "висока трева" на која не е навикната ФКБарселона? 

Значи, споро тркалање во тријаголните додавања, поспоро водење во трк, побрзо пристигнување од страна на противничките фудбалери и можност за ефективно пресекување на додавањето при игра со "директен чувар на нога". Тоа воопшто не е хир на Моу, ниту пак медиумски финти. Да, можеби тоа е нејасно и неразбирливо за македонски фудбалер кој игра на "ливада" (за жал) или за навивач кој никогаш не стапнал на високо квалитетен терен, но во светскиот фудбал тоа едно од првите места на борба, уште пред да започне натпреварот. Тоа е и едно од првите нарачки на Моу кога има тежок противник, нешто што ми го има потврдено и покојниот Томислав Ивиќ еден од најдобрите некогашни пријатели и учители на португалецот. Но, таа "висока трева" во случајов можеше да биде кобна и за домаќинот кој исто така игра брз фудбал вообичаено, кога топката од Карваљо не стигна до Лопез и беше пресечена од Педро. Токму силата на стандардно тренираниот удар е успорување од "високата трева".

Голманските избори и на двете страни беа втората точка на нејаснотии и момент на премостување на предноста. Едните со Адан или Лопез, другите со Валдес или Пинто. Каде и да си, притисокот беше огромен. Лопез беше изборот на Моу пред се` поради тоа што подобро го познава шутот на Меси од Адан, кој пак никогаш не бранел против аргентинецот. Второ, во начелна предност беше Лопез поради "минат труд" против ФКБ, што на крај се покажа како совршен избор. И двете точки тука беа релативно на високо ниво и со максимална покриеност на одговорноста. Дури не се почувствува ни отсуството на Рамос и Пепе во ова Класико, сем во жолтите и црвени картони, хипотетички.


Моу имаше и одлична поставеност во брзите транзиции и лево кон Кристијано и десно кон Каљехон. За жал Каљехон беше "заспаната убавица" која ја стави во офсајд-криза цела одбрана (иако токму тој 2 секунди претходно ја одложи гол ситуацијата пред Лопез) и Сеск од "промашена точка" го премести во "точка за пресврт" и водство за Барса. Малку неискористена беше покриеноста и активноста од страна на Бензема, но очигледно французинот беше индиспониран во првото полувреме, посебно после 100%-та шанса која ја имаше за да го совлада Пинто. Дури ни одморот не го одмори Бензема.


Пресингот и високата одбрана од нападот на Реал на стартот имаше за цел да се реализира предност во првите 15 минути. Но, не се оствари. 


Врамнотежувањето на ФКБарселона во продолжението се очекуваше, пред се` поради тоа што средината на првото и стартот на второто полувреме не го донесе истиот пресинг како на почетокот. Затоа и падна првиот гол во корист на каталонците. Тие само за 7 минути во вториот дел ја преземаа иницијативата, ги компонираа своите тријаголници на секое пречекорување на линиите и голот беше само последица. 

Моу иако со Реал го најде решението против многуте пасови и тријаголници на школата на Барса, без оглед дали ја води Пеп, Тито или Роура, не го исфорсира тоа како на стартот. Искрено, помислив дека тука започнува препознатливиот рецитал на Барса. Но, очигледно дека беше сочувано истото за последните 15 минути, тогаш кога Барса е и најсилна. 

Моу тука го направи пресекот и изненадувањето во тактичко-технички аспект. 

(и врапчињата веќе знаат дека ако против Барса играш длабока/висока одбрана под пресинг, сигурно ќе ја добиеш. Но не постои тим кој таков напор може да издржи цели 90 минути. Затоа и се создаваат тие полиња „на висок напон“ и полиња „на одмор“. Досега Реал знаеше да издржи најмногу „под висок напон“, но на крај ја губеше силата. Овојпат, остави поголемо „поле за одмор“ во средината за да го сочува „високиот напон“ за крај. И успеа)


Измената со Лука беше логична и очекувана. Иако Лука само ја премости индиспонираноста сепак не ја елиминираше. Внесе малку свежина и одвлекување уште на „еден плус“ од одбраната на Барса создавајќи простор плус за Кристијано и невнимание при вметнувањата "вишок" како она со Баран при постигнувањето на голот.
 

Факт е и уште една работа. Токму тој кој го спомнав, Баран, одлично си ја заврши работата. Без загубен дуел и без грешка во позиционирање, дури и при примање на голот. А за изедначувањето и да не зборуваме. Само ќе му ги додаде атрибутите со кои можеме да кажеме дека е играч на натпреварот, го изигра својот животен натпревар. Барем до сега, со своите 19 години.
 

Можеби единствената грешка на Моу беше со Бензема и Игуаин, но сега е многу полесно да се констатира тоа откога е се` завршено. Ако само првиот удар на Бензема пројдеше зад Пинто, сигурно дека Моу ќе се гордееше со својот почетен избор.
 

Роура пристојно го поентираше своето прво самостојно Класико. Дали е „добро“ или е „помалку добро“, ќе треба да се самоанализира утре. Беше поразлично од сите досега, бидејќи беше поповлечено позициониран и дозволи да биде убиена „тики-така“ тактиката поради тој свој експеримент на повлеченост на сите три линии. Но, против вечерашниот Моу тоа и не е нешто што можеше да биде поразлично. 

Моу вечерва го истрча Реал, како да требаше да го трча ротвајлерот покрај Кеј. Реал иако ослабнат покажа поголема цврстина, со многу помалку критични точки на нефокусираност и индоспонираност за разлика од комплетната, ФКБарселона, и многу пофаворизирана вечерва. 

(Виља со право беше налутен и нерасположен. Иниеста не го видов, Чави некако ми избега од хоризонтот во кој сум навикнат да го гледам, а Бускетс го видовте? Играше?)

Затоа иако нерешено, иако дома, Реал за нијанса вечерва може да е со мала предност во оценката. Моу го надмудри Роура и само малку му недостасуваше среќа за да дојде на 27 февруари со гол предност. Иако да бидеме искрени и покрај лошата игра и за ФКБарселона може да важи истото, ако Педро и Иниеста пред се` беа пофокусирани.


А за фудбалерите на Реал, само ќе претпоставам како се чувствуваат вечерва. Ќе се присетам на зборовите на Горан Пандев кога играше „под водство на Моу“ против ФКБарселона со Интер и кога во муабетот после натпреварот ми рече: „...синоќа умревме. Денес не можеме да одиме. Маста ни ја извади Моу. Мускуливе денес не ги чувствуѕвам од што ја оставивме и душата на терен. Затоа денес ни даде цел ден одмор. На тренинг се враќаме дури утре.“


Тоа е тоа. Тоа е убавината на неизвесноста на фудбалот и тежината на изборот.


И на крај само ќе потенцирам уште еден детал за еден од најдобрите, најпосветените и најдисциплинираните фудбалери на светот, Карлес Пујол. Пролетува запалка покрај Пике. Овој ја зема од тревата и му ја покажува судијата сакајќи да го пријави како инцидент. Пујол доаѓа до него, му ја одзема од рака и ја фрла зад голот, велејќи му: "Остај запалката, фати го твојот човек и внимавај сега на корнерот". Тоа е вистински капитен, тоа е Карлес Пујол.

5 comments:

  1. od textov kako da sum go gledal klasiko vecerva. thanx

    ReplyDelete
  2. Текстов е како вишнja на тортата. отлично Филе. Благодарам.

    ReplyDelete
  3. Извонредна анализа! Не сум прочитал ни од тенер или селектор македонски, се разбира, подобра за било кој натпревар. Ми го комплетира моето мислење дека Варан беше фудбалер на натпреварот дури е пред голот и без голот. Кај Барса тоа беше Жорди Алба. И за пресингот ми се поклопи мислењето само не толку прецизно и прецизно како тебе.

    ReplyDelete
  4. одлична анализа. Бускетс го немаше на теренот. Реал има по кратка клупа во моментов, а Моу кога ќе се откаже од некој играч, само прашање на време е кога истиот ќе си оди. Искрено, се надевам дека ќе остане до крајот на договорот во Реал. Го води еден од најмоќните тимови,а играчите треба да се свестат кој е главен. Од Роналдо направи машина за голови, а тимот и кога е слаб (како оваа полусезона) е атрактивен. Одбраната е сирење и несинхронизирана, без соодветни замени. Барса си игра на свое ниво, ама темпото кое ги зацртаа е неодржувачко. Толку се навикнаа да победуваат, што еден ден едноставно ќе се презаситат и ќе почнат да губат за промена. :)

    ReplyDelete