8.1.13

Пеп се враќа на 1. јули 2013!

Објавено на Кајгана на 29 декември 2012

http://kajgana.com/pep-se-vrakja-na-1-juli-2013


Најблиската негова околина веќе ја пушти во оптек информацијата која тој во деновите од Божиќ ја кажал неколкупати, додека отседна фамилијарно во Сантпедор. Пред заминувањето во Њујорк, утринава каталонските медиуми направија резиме и анализа, во која крајниот резултат секогаш е Англија. И тоа конкретно, Челзи, Јунајтед или Сити. Веќе се знае и точниот датум на неговото враќање во фудбалот, 1. јули 2013.
Пишува: Игор „Топки“ Филевски
Прашањето „каде" ќе остане и во следниот период тема за моите хипотези. Но, и сега можам да направам една кратка анализа ако споредам се што слушам, гледам и читам.
Прво, Челзи. Таму има можност за големо реновирање со оглед на тоа што Абрам не штеди пари и сака успех по секоја цена. Го сака моделот кој го промовира Пеп и тука несомнено е дека ако дојде, Челзи ќе биде најголемиот купувач летово. Прашањето со Тери и Лампард малку ќе е жешко, но тоа ќе го гледаме пост-фестум Пеп.
Второ, Сити. Таму има една многу битна алка која се вика Чики Бегиристаин. Заедно го создадоа моделот во Барса. Чики го напушти Росељ и почна да го форматира Сити по моделот на ФКБ. Чики таму не е за година-две туку за многу подолг период. А токму тоа е моментот кој го бара и Пеп. Тука е лошо што има многу платеници кои Пеп би ги отстранил под итно. Е сега колку една таква конфликтна ситуација би ја одобриле газдите. А со Џеко, Тевез и Балотели тешко дека англиска Масиа „бај Чики и Пеп" ќе може да функционира.
И трет, Јунајтед. Тоа е пред се предизвик. Манчестер Јунајтед е едно од најголемите фудбалски имиња на планетава. Јунајтед е предизвик за секој квалитетен тренер. Јунајтед, каков и да е секогаш е во врвот на светот. И за Пеп нормално е да е најголем предизвик. Тука има престиж, добра база, можност за позиционирање во светската фудбалска историја на сите времиња. Манчестер е икона, која е многу поголема од Пеп, за разлика од претходните два клуба. Но, тука го има и единствениот но сепак најголем проблем. 72 годишниот Маестро во тренерската фела Сер Алекс Фергусон, прашање е дали токму на 1. јули 2013, ќе одлучи да стави крај на својата 26 годишна кариера на клупата на Јунајтед. А тоа е тука пресудно. Ако Пеп добие благослов од Ферги, можеме да претпоставиме како ќе продолжи приказнава од 1. јули натаму.
И за крај, најважното кое сакам да го потенцирам е дека следнтата сезона има шанси медиумски Англија да ја направи посилна од Шпанија, во европски рамки, токму со дуелот повторно меѓу Пеп и Моурињо. Каде е Моу, таму се медиумите, сакале ние да признаеме или не.
А прашањето за Моу е исто така комплексно како и ова, па затоа ќе го оставам за следниот мој текст. Важно е дека и тоа си има свое англиско продолжение. Се надевам дека сум во право.

No comments:

Post a Comment